1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Семејство од БиХ: неонацисти нѐ избркаа од источна Германија

Среќко Матиќ
18 август 2023

Семејството Б. по само три дена побегнало од градот Либерозе - од страв од неонацистите, вели за ДВ самохраната мајка Ениса Б. Што навистина се случило во тој мал град на крајниот исток на Германија?

https://p.dw.com/p/4VH48
Ениса Б. раскажа за ДВ што доживеало нејзиното семејство во Либерозе
Ениса Б. раскажа за ДВ што доживеало нејзиното семејство во ЛиберозеФотографија: Privat

Сонот за подобар живот ја однесе самохраната мајка  од Босна и Херцеговина Ениса Б.  и нејзините четири деца во германската провинција. Кон крајот на јули годинава тие се преселиле од Берлин во Либерозе, мало гратче со околу 1.400 жители на триесетина километри од Котбус. Но, нивниот сон многу брзо се претворил во кошмар.

„Таму пристигнавме на 27 јули. Беше четврток. Сè започна еден ден подоцна, во петокот навечер. Децата веќе спиеja кога наеднаш некој почна да тропа на прозорецот. Прво помислив дека е пијаница. Но, тој не беше пијан. Ја крена раката и ми вика: „Хајл Хитлер! Бев скаменета од страв“, раскажува Ениса за ДВ.

Како што подоцна дознала, тоа бил нејзиниот нов сосед. По првиот шок успеала да се соземе. „Се обидов да го смирам. Го затворив прозорецот и отидов до влезната врата да разговарам со него. Не се осмелив да го напуштам станот. И тој повторно извика „Хајл Хитлер“ и ја крена раката, ми го покажа нивниот поздрав“, вели таа.

„Ова е мој град!”

Ениса вели дека го прашала зошто дошол и што сака од неа. „Ми рече: „Ова е мој град! Спакувај си ги работите и оди си во својата земја, од каде што си дошла”, раскажува таа и додава дека соседот почнал да вика и дека бил прилично хистеричен. Вели дека сакала само тој да се смири и затоа му рекла дека утредента ќе ги спакува работите и ќе се врати во Берлин. Тој само дофрлил „ОК!“ - и си заминал. Ениса ја заклучила вратата и вели дека таа вечер око не склопила.

Либерозе на прв поглед ѝ се допадна на Ениса Б., но потоа сѐ се промени...
Либерозе на прв поглед ѝ се допадна на Ениса Б., но потоа сѐ се промени...Фотографија: Frank Hammerschmidt/picture alliance/dpa

Самохраната мајка раскажува дека не знаела што да прави и мислела дека ќе се смири ситуацијата. Но, тоа не се случио, па ден подоцна кога домарот наминал да доврши некои работи во свежо реновираниот стан со него дошла и ќерка му. „Таа ја праша ќерка ми дали би сакала да дојде кај нив малку да си поиграат. Ù кажав дека не сум сигурна, дека не ги познавам луѓето од местото, дека не познавам никого”, вели Ениса, која по шокот од претходната вечер и епизодата за која не им раскажала на децата, била уплашена дека нешто може да ù се случи на ќерка ù. Сепак ù дозволила да оди на гости, но под услов да не остане долго кај новостекнатата пријателка.

Вечерта околу 20:30 часот ù се јавила ќерка ù, па Ениса ù рекла да си тргне дома.

„Јас ù реков да оди по поосветлената улица, бидејќи има уште една помрачна. Ми рече „во ред“ и подоцна повторно ми се јави и ми кажа дека на улицата стоеле група луѓе. Само ù реков да не ги погледнува и да продолжи по патот. И тогаш врската се прекина…“, раскажува Ениса.

Страв од неонацистите

Како што ни раскажува Ениса Б. токму тогаш кај неа во посета биле двајца мажи, нејзини роднини. Таа замолила еден од нив да оди во пресрет на нејзината ќерка, а со него отишол и нејзиниот син. Другиот маж останал во станот со Ениса која си продолжила со домашните работи додека во еден момент не погледнала низ прозорецот кон улицата и ги видела нејзините деца и роднината како трчаат кон домот.

„Зад нив трчаше група луѓе со некакви синџири во рацете. Скокнав низ прозорецот, немав ништо во раце. Почнав да трчам кон нив. Им реков на ќерка ми и на синот да влезат во куќата и да се заклучат. За среќа, и моите соседи од првиот кат слушнаа дека нешто се случува. И тие истрчаа на улица и почнаа да викаат во правец на групата да нѐ остават на мир и дека сум самохрана мајка. Потоа дојде и вториот братучед со чекан во раката и групата се разбега”, вели Ениса.

Потоа заедно со соседите буквално се забарикадирале во станот во страв од нов напад.

Додека зборува за овие настани, Ениса Б. повремено паузира. Таа вели дека и денес се тресе додека низ главата и минуваат сликите на сето она што го доживеала со семејството пред само неколку дена на крајниот исток на Германија.

Центарот на Либерозе, мал град кој се наоѓа на околу триесет километри од Котбус
Центарот на Либерозе, мал град кој се наоѓа на околу триесет километри од КотбусФотографија: Frank Hammerschmidt/picture alliance/dpa

Таа тврди дека напаѓачите биле локални неонацисти кои, како што претпоставува, сакале да го заплашат нејзиното семејство и да ги натераат да го напуштат Либерозе. Соседите, вели таа, по немилиот настан ù кажале дека одамна знаат за човекот кој ѝ тропнал на прозорецот и за групата помлади куѓе кои ги бркале нејзините деца на улица.

„Ми рекоа дека во градот живеат две семејства на неонацисти. И дека и нивните дедовци биле нацисти. Па каде дојдов јас? Зошто никој не ми кажа, зошто не ме предупреди?”, се прашува Ениса.

Две верзии на приказната?

Претставникот на полициската управа во Јужен Бранденбург за телевизијата РББ потврди дека поради сомнежи за расистички напади и закани кон босанско семејство, поведени се „неколку истражни постапки“. Истрагата сѐ уште трае, а мета на германските власти е група од шест млади лица кои се обвинети за расна навреда на малолетник во центарот на Либерозе, како и за закани, а постои сомнение и за нанесување на телесни повреди.

Покрај тоа, мета на германското правосудство е и 45-годишниот маж кој тропал на прозорецот на Ениса, кој пак обвинет за употреба на противуставни симболи.

Според локалните медиуми од истокот на Германија, тој во местото е познат под прекарот „Хитлер“.

Истрага е покрената и против двајцата роднини на Ениса, вели претставничката на полицијата којадодава дека „мораме да разјасниме што навистина се случило” бидејќи според неа, изјавите на членовите на семејството на Ениса и групата помлади мажи за случувањата во центарот на Либерозе, значително се разликуваат. Новинската агенција ДПА пишува дека полицијата ги истражува наводите оти еден од двајцата мажи физички ги нападнал младите од групата. Како што понатаму се наведува, тој бил пријавен поради сомнение дека нанел телесни повреди.

Мартин Весели од организацијата „Опферперспективе“ (во превод: „перспективата на жртвите”, заб.на ред.) која му помага на босанското семејство, не е изненаден. 

„Во бројни случаи на десничарско насилство, постои обид да се заменат улогите на сторител и жртва. Тие поднесуваат пријави за да го оттргнат фокусот од она што го сториле“, изјави Весели за РББ.

Пред неколку дена неговата организација објави информација за случајот на Твитер, по што бројни германски медиуми известуваа за случајот.

Пораст на десничарското насилство

Иако полициската истрага се уште трае, многу корисници на социјалните мрежи изразуваат мислење дека „случајот Либерозе“ е само одраз на актуелната состојба во Германија во однос на зголемената стапка на нетрпеливост кон странците. Така, бројот на политички мотивирани десничарски кривични дела значително се зголеми во покраината Бранденбург во првата половина на 2023 година. Според официјалните податоци, Министерството за внатрешни работи на Бранденбург регистрирало 1.049 случаи од јануари до јули. Тоа е за една третина повеќе од истиот период лани. Трендот е сличен и во цела Германија.

На спомнувањето на тие бројки, Ениса Б.  за ДВ вели дека во моментов има други грижи. Нејзиното семејство сега е сместено во еден дом, во соба со пет кревети. Повторносе на почеток, бара нов стан во Берлин. Иако е исцрпена и уморна, таа вели дека и покрај кошмарот на Либерозе, сепак сонува за подобар живот за себе и за своите четири деца.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи