Израел ја осуди резолуцијата на ОН, Хамас ја пофали
28 октомври 2023Генералното собрание на ОН три недели по големиот напад на терористите на Хамас на Израел, на вонредна седница усвои резолуција која повикува на „итно и трајно хуманитарно примирје“ меѓу израелските сили и милитантите на Хамас во Газа. Се повикува на „итно обезбедување на вода, храна, гориво и струја во доволни количества“, како и на непречен пристап до хуманитарна помош.
Резолуцијата исто така ги осудува „сите акти на насилство над палестински и израелски цивили, вклучувајќи ги сите акти на тероризам и неселективни напади.“ Во текстот се изразува „загриженост поради неодамнешната ескалација на насилство од нападите на 7 октомври“, но без да се спомене поименично Хамас.
За резолуцијата, предложена од Јордан, гласале 120 земји, против биле 14, а воздржани 45, вклучувајќи ги и Германија и Северна Македонија.
Резолуцијата постигна двотретинско мнозинство, но за разлика од оние кои ги донесува Советот за безбедност на ОН, резолуциите на Генералното собрание на ОН не се правно обврзувачки, се смета дека имаат симболички ефект.
Израел остро ја осуди резолуцијата на ОН, Хамас ја пофали
Резолуцијата на Генералното собрание на ОН, како и што се очекуваше, наиде на поделено ехо. Израел остро ја критикува, а кај Хамас има задоволство.
„Решително го отфрламе одвратниот повик на Генералното собрание на ОН за прекин на огнот“, напиша израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен на платформата Х (поранешен Твитер). „Израел има намера да го елиминира Хамас, на ист начин на кој светот се однесуваше кон нацистите и терористичката милиција Исламска држава“, напиша тој.
По гласањето во Њујорк, израелскиот амбасадор во Он Гилад Ердан зборуваше за „најмрачниот ден за ОН и човештвото“ кој на срамен начин ќе влезе во историјата. „Сите видоа дека ОН веќе немаат ни ронка легитимитет или релевантност“, изјави тој.
Терористичката исламистичка организација Хамас која владее во Појасот Газа и е одговорна за големиот напад врз Израел на 7 октомври, го пофали усвојувањето на Резолуцијата и ги повика ОН да преземат мерки за нејзино спроведување.
Бербок со објаснување за воздржувањето на Германија
Германија „интензивно работеше на постигнување урамнотежена резолуција за Блискиот Исток“, изјави министерката за надворешни работи Аналена Бербок по гласањето, се наведува во соопштение на Министерството за надворешни работи во Берлин.
Важни точки како „јасна осуда на сите терористички акти и барем повик за ослободување на заложниците се содржат во текстот, смета таа.
„Но бидејќи резолуцијата не го именува јасно теророт на Хамас, не повикува доволно јасно на ослободување на сите заложници и не го афирмира правото на Израел на самоодбрана, ние и многу наши европски партнери решивме на крајот да не се согласиме на резолуцијата“, објасни Бербок.
Франција пак гласала за резолуцијата, зашто како што изјави францускиот амбасадор во ОН Николас де Ривијер, „ништо не оправдува убивање цивили.“ Франција е постојана членка на Советот за безбедност на ОН, од петте држави во него со право на вето, „за“ гласале и Русија и Кина, САД биле „против“, а Велика Британија била воздржана.
Од земјите од Западен Балкан резолуцијата ја поддржале БиХ и Црна Гора, а воздржани биле Северна Македонија, Албанија и Србија.