Атентат врз Чарли Кирк: Побарана смртна казна за Тајлер Р.
17 септември 2025
Осомничениот во случајот на атентатот врз десно-конзервативниот активист Чарли Кирк е обвинет за убиство. Окружниот обвинител Џефри Греј изјави дека ДНК трагите на 22-годишниот Тајлер Р. се пронајдени на наводното оружје. Исто така, тој се повика на анализи од безбедносните камери.
Неговата канцеларија поднела обвининие со вкупно седум точки, рече Греј. Меѓу нив се попречување на правдата преку уништување докази и влијание врз сведоци, со директно барање од неговата цимерка да ги избрише текстуалните пораки. Обвинителството бара смртна казна.
Судски документи: Тајлер Р. го признал делото
Како отежителна околност, Греј наведе дека Тајлер Р. го таргетирал активистот Кирк поради неговите политички изјави и дека го извршил злосторството знаејќи дека има деца во близина, кои можеби ќе морале да го гледаат тоа. Сојузната држава на САД, Јута предвидува можност за смртна казна за кривични дела со најтешки последици.
Тајлер Р. го убил десничарскиот активист затоа што му било „преку глава од неговата омраза“, објасни Греј, повикувајќи се на текстуални пораки што осомничениот наводно ѝ ги испратил на својата цимерка. „'Зошто го направив тоа?'“, цитираше Греј. „Ми беше преку глава од неговата омраза. Некои чувства на омраза не можат да се решат со преговори.“
Од судските документи произлегува дека осомничениот веќе го признал делото. Според нив, тој на белешка оставена под една тастатура објаснил дека го планирал убиството на Кирк. По смртоносниот истрел, тој го признал делото во текстуална порака до неговата цимерка, која според властите е транс жена. На прашањето од новинар дали родовиот идентитет на цимерката, која наводно била и партнерка на Тајлер Р., одиграл улога во делото, Греј не даде дополнителни информации.