1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Димитров бара менување на учебниците и расправа за Делчев

ДТЗ
20 септември 2022

Бугарскиот шеф на историската комисија оценува дека Северна Македонија не е подготвена за промени, а во земјата сѐ уште има „апсурни стравувања“ за бугаризација.

https://p.dw.com/p/4H5yW
Македонско-бугарска историска комисија
Бугарскиот шеф на историската комисија оценува дека Северна Македонија не е подготвена за промени, а во земјата се уште има „апсурни стравувања“ за бугаризација Фотографија: Government of North Macedonia

Бугарскиот копретседавач на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, професорот Ангел Димитров, по минатонеделната средба во Скопје, оценува дека Северна Македонија не е подготвена за каква било промена, иако треба да направи сериозни измени во учебниците и тоа што поскоро. 

„Прашањето со РСМ е важно, но повторно ништо не се случи“, вели тој во изјава за агенцијата „БГНЕС“.  

Гоце Делчев и учебниците 

Димитров има забелешка што прашањето за Гоце Делчеве постојано во програмата веќе трета година, но никако не почнуваат разговорите за него.

„Она што е одлучено и најавено е дека треба да се пристапи кон промена на нивните учебници. Зборуваме за учебникот надвор од нашата заедничка историја. Сигнал дека бугарската страна има намера прецизно да ги спроведе одлуките на комисијата даде нашата средба пред да заминеме за Скопје со раководството на Министерството за образование, кое со разбирање го прифати она што го решивме. Белешките за нашите учебници се општи, не допираат важни работи во толкувањето и се пуста желба, но она што треба да го направат е да видат реципрочна акција, почитување на заедничката комисија, да направат сериозни измени во нивните учебници. Ова треба да се направи веднаш. Учебниците може да се дополнат и без да се печатат нови“, вели Димитров. 

Гоце Делчев Северна Македонија
Димитров има забелешка што прашањето за Гоце Делчев е постојано во програмата веќе трета година, но никако не почнуваат разговорите за негоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Апсурдни стравувања 

Тој се осврнува и на стравувањата од бугаризација, што, според него, се апсурдни. „Многу е интересно што во 1990-тите највисоките политичари, па дури и самиот претседател говореа дека дојдовме до крајот на дебугаризацијата. Сега стравуваат дека ќе дојде до бугаризација, што е апсурдно. Самиот Пендаровски ова го дефинираше како ќор фишек, но рече дека треба да бидат мирни, бидејќи имаме длабоки историски корени, а тоа е сигнал и до комисијата“, смета Димитров.

Ова за него е важен сигнал за севкупните ставови, но пред сѐ за атмосферата во која работи Заедничка историска комисија. Осврнувајќи се на минатонеделниот состанок, Димитров вели дека телевизиите главно се занимавале со барањето на ДПМНЕ за распишување на референдум на кој целосно ќе се отфрли Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Оваа атмосфера беше позадината на која се одвиваа нашите разговори. Јасно можев да ја видам загриженоста на дел од колегите, бидејќи некои од нив рекоа дека се подложени на закани и притисоци кога нешто менуваат во својата позиција“, вели Димитров, кој смета дека ова јасно сугерира што се случува во PCM.

Тој е дециден дека последното истражување на германската фондација „Конрад Аденауер“, дава податоци за ставовите на луѓето. „Според нив, најголем непријател на нивната земја е Бугарија - на вакво мислење биле 44 отсто. Нивниот најголем пријател е Србија – така мислат 37,4%. Над 65 отсто се поддржувачи на идејата за Отворен Балкан, идеја што ја лансираше Србија за мини или повторна Југославија“, вели Димитров. „Највисоко оценет претседател е Борис Трајковски, кој трагично загина под сомнителни околности во авионска несреќа. Парадоксот е што Трајковски беше добар пријател на Бугарија“, објаснува професорот.

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања досега усогласи препораки за заедничко одбележување на св. Кирил и Методиј, св. Наум Охридски, св. Климент Охридски и цар Самуил.  Усогласени се и по пет препораки за учебниците по историја за 5. клас во Бугарија и за 6. одделение во Северна Македонија кои се однесуваат на периодот на антиката.