80 години од масакрот во Крагуевац: 100 цивили за секој убиен германски војник | Информации и анализи за Балкан | DW | 21.10.2021

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

80 години од масакрот во Крагуевац: 100 цивили за секој убиен германски војник

На 21 октомври 1941 година, германските војници во одмаздничка акција ликвидираа речиси 4000 лица во Србија. Жртвите беа од сите слоеви на општеството, а меѓу нив имаше и деца.

Zweiter Weltkrieg | Massaker von Kraljevo und Kragujevac 1941

Крагуевац, 21.10.1941: Војници на Вермахтот водат цивили на стрелање

Србија речиси и да не игра никаква улога во сеќавањата на Германците за Втората светска војна. За време на окупацијата на нацистичка Германија на Кралството Југославија, од 6 април 1941 година до повлекувањето во 1944/1945 година, стотици илјади германски војници беа стационирани на Балканот. За тоа до денес сведочат германски гробишта лоцирани во 719 места во Србија, на кои се погребани над 15.400 загинати германски војници. За злосторствата на германските окупаторски сили, пак, до денес сведочат безбројни гробови на Срби, Евреи и Роми. Најголемиот дел од нив загинале како борци на отпорот, но и најмалку 80.000 цивили се убиени од силите на Вермахтот и Ес-Ес трупите во рамки на одмазднички акции.

Уште во април 1941 година, непосредно по окупацијата на Југославија, германските команданти издале наредба да се земат заложници од сите слоеви на општеството – „за да се спречи креирање на банди“ и „како превентивни мерки за заштита на германската војска “. Како одмазда за секој војник убиен од силите на отпорот, требало да се ликвидираат по 100 српски цивили, а за секој ранет војник - по 50, „меѓу кои и познати јавни личности или нивни роднини“, вели историчарката Мари-Жанин Калик, за ДВ.

Окупаторските сили во Србија од почетокот биле посебно брутални. Тоа влијаело веќе летото 1941 година да се формира хетерогена група на вооружени борци на отпорот, во која членувале партизаните и националистичките четници, чии активности пак влијаеле на германскиот терор како масло на оган.

Одмазда за Првата светска војна

За да ја стави под контрола ситуацијата на Балканот, Хитлер во септември 1941 година го испраќа генералот на Вермахтот, Франц Беме како врховен командант на силите во Србија – Австриец, познат по неговата бруталност. Кусо по неговото доаѓање, Беме ги потсетил своите единици, претежно Австријци, на борбата против Србија во Првата светска војна. „Вие сте одмаздници за нашите убиени соборци, чија крв во 1914 година е пролеана овде поради лошите Срби.“

Zweiter Weltkrieg | Massaker von Kraljevo und Kragujevac 1941

Германски војници редат партизани на стрелање

„Денес речиси никој и не знае какви злосторства извршила во Србија австроунгарската армија во Првата светска војна. На секоја бандера или дрво висел убиен Србин. И покрај тоа, тие ја загубиле војната,“ вели австрискиот политиколог Валтер Маношек во документарецот на австриската телевизија ОРФ на тема „Двете лица на војната“. За Беме и поранешните борци на австроунгарската армија овој пораз бил вистинска траума. „И тоа морало да се коригира и тоа со сите средства,“ тврди политикологот.

Одмаздничка акција во Крагуевац

Токму под команда на Беме биле употребувани најбрутални средства против цивилното население. На 21 октомври 1941 година, во српскиот град Крагуевац била спроведена една од најужасните одмазднички акции. По вооружен судир меѓу војската на Вермахтот и борците на отпорот во близина на градот, на 16 октомври 1941 година, во кој биле убиени 10 германски војници, а ранети 26, според правилото на одмазда морало да бидат ликвидирани 2300 Срби, Евреи и Роми.

Убиствата почнале во недела на 19 октомври 1941 година во селата околу Крагуевац, бидејќи за германските војници тие биле „бандитски гнезда“. Стрелани се 415 луѓе. Но, тоа не им било доволно, па поради тоа во понеделник, на 20 октомври, се уапсени и затворени уште 5000 лица во Крагуевац.

Zweiter Weltkrieg | Massaker von Kraljevo und Kragujevac 1941

Пред да бидат стрелани, заложниците од Крагуевац биле регистрирани од страна на германските војници

Заложници од сите општествени сфери

Заложниците биле собирани од нивите, на работните места, од улици и од дома. 300 ученици, момчиња меѓу 12 и 18 години, заедно со професорите биле уапсени на училиште. Нив им се придружиле и десетици деца Роми, најголем дел улични чистачи на чевли, бидејќи одбивале да им ги чистат чизмите на германските војници.

Од страв за последиците за нивните семејства, но и поради тоа што војниците прво им гарантирале дека се работи само за замена на документи, речиси никој не се обидел да избега. На 20 октомври околу 18 часот биле стрелани првите 123 Срби и Евреи. Десет лица го преживеале масакрот, еден од нив во 1947 сведочел за настанот во рамки на таканаречените „Нирнбершки процеси“.

Повеќе: Крвава есен 1941 - во Србија масакрирани 10 илјади мажи

„Мира, бакни ги децата“

Со оглед на нивната претстојна смрт, малкумина од заложниците кои со себе носеле нешто за пишување, оставиле кратки пораки за нивните сакани. 42 такви се сè уште сочувани.

На едно ливче пишува „Мира, бакни ги децата. Деца, слушајте ја мајка ви. Чувајте се. Ваш, Лазо. Збогум засекогаш.“ На друго ливче пишувало само: „Утре не ми праќајте леб“. 

Вторникот, 21 октомври, 1941 германските војници во седум часот наутро почнале да ги редат заложниците во групи и еден по еден да ги стрелаат. Акцијата била завршена околу 14 часот. Убиени биле 2264 лица. Околу 200 други заложници морале да копаат гробови за ликвидираните. Тоа траело со денови. Преостанатите заложници биле пуштени дома.

Serbien das Museum 21. Oktober in Kragujeva

Ученички книшки и свидетелства на убиените ученици во Крагуевац

Масакр во Краљево

Истовремено, војници на Вермахтот и нивните локални српски поддржувачи во само 50 километри оддалеченото Краљево убиле 1700 цивили. Мари-Жанин Калик во својата книга „Тито – вечниот партизан“, цитира еден од преживеаните: „Ги истераа сите мажи на улица, почнувајќи од деца на 14-годишна возраст, па сѐ до над 60-годишни луѓе. Со рацете кренати над глава, во мали групи ги водеа низ градот и ги однесоа во старата фабрика за вагони.“

Подоцна заложниците биле застрелани пред веќе ископани јами. Во убиствата на заложници кои се одвивале од април до почетокот на декември 1941, вкупно биле убиени околу 30.000 српски цивили. Со оглед на обемот на злосторството, правдата не ги стасала сите сторители. Во српскиот главен град Белград, по војната, некои од главните одговорни на Вермахтот и Ес-Ес трупите се нашле пред суд, некои биле осудени на смртна казна. Франц Беме, на пример, пред усното рочиште во Нирнберг, се самоубил.

KZ-Gedenkstätte Buchenwald | Massaker von Kraljevo und Kragujevac 1941

„Трагедијата од Крагуевац“, изложба во музејот во поранешниот концентрационен логор Бухенвалд

Недоволно расветлување

Многу од одговорните никогаш не биле осудени. Дури и оние генерали, одговорни за окупацијата на Југославија во 1941-та, кои се нашле на обвинителна клупа во Нирнберг, сепак поминале со помали казни – ниту еден од нив не бил подолго од пет години во затвор. Некои дури биле целосно ослободени.

Во Србија масакрот во Крагуевац и Краљево остануваат запаметени. Жртви имало речиси во секое семејство. Во Крагуевац, каде биле ликвидирани најмногу заложници, од 1955 има спомен парк „Шумарице“, кој се протега на 352 хектари и има сопствен музеј. Од 1971 година наваму, секоја година на 21 октомври, таму се одржува централен комеморативен настан. „Големиот школски час“, на кој секоја година учествуваат илјадници лица, е исклучиво културна програма без политички говори, која се пренесува во живо на телевизија. Составен дел од програмата е рецитирање на „Крвавата бајка“ од Десанка Максимовиќ, која во Србија секое дете ја знае наизуст.

Serbien das Museum 21. Oktober in Kragujeva

Споменик на стреланите ученици и наставници, подигнат во 1963 година во спомен паркот „Шумарице“

До денес нема јасно признавање на вината

„Еден милион лица во Втората светска војна загинаа на територијата на Југославија, што е колку во Англија, Франција и Италија заедно. Уште толку луѓе Југославија има изгубено поради намалениот наталитет, емиграцијата, исчезнати лица, преселби и прогон“, вели историчарката Калик за ДВ.

Според проценка на сојузничките сили, во Југославија за време на војната е направена штета во висина од преку 9  милијарди американски долари. Долго време ниту една германска влада не беше подготвена ни да се извини за четиригодишните ужаси, а камоли да преземе обврски за репарации. Се стравуваше дека тогаш и други земји погодени од војната би го барале истото.

Дури во 1968 година, југословенскиот претседател Јосип Броз Тито и министерот за надворешни работи на Западна Германија, Вили Брант се договорија прашањето за репарации да се реши преку долгорочна соработка. Сојузна Република Германија на тогашна Југославија ѝ одобри кредити во висина од една милијарда германски марки. „Тоа беше исполнување на финансиски обврски без декларирање на моралната вина. Тоа значи дека Германија на крајот на краиштата избегна јасно признавање на вината“, заклучува Калик.