1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

75 години од Нирнбершките процеси против нацистите

Ралф Бозен
20 ноември 2020

Пред 75 години во Нирнберг почнаа судските процеси против високи нацистички политичари. Историски мамутски процес како одговор на страшните злосторства. Тој до денес се одразува на меѓународното кривично право.

https://p.dw.com/p/3lZhQ
Deutschland | Nürnberger Prozess | Anklagebank
Обвинителната клупа во Нирнберг: 1 ред од лево: Геринг, Хес, Рибентроп, Кајтел; 2 ред од лево: Дениц, Редер, Фон Ширах, Заукел и ЈодлФотографија: akg-images/picture alliance

Нирнберг, 1945-та: вториот најголем град во Баварија е речиси цел во урнатини. По речиси шест години Втора светска војна, на 8 мај Германија безусловно капитулира. Нирнберг, каде националсоцијалистите своевремено ги славеле помпезните партиски конгреси на Рајхот, треба да стане сцена на правдата. Се работи за напади, масовни убиства и 12 години диктатура. Сојузничките сили - САД, Советскиот сојуз, Велика Британија и Франција за таа цел основаат воен суд.

Се подига обвинение за 24 главни воени злосторници. На 20 ноември почнува процесот против главните соработници на диктаторот Адолф Хитлер. Нацистички величини кои сонувале за владеење над светот, седнуваат на дрвените обвинителни клупи во салата 600 на судската палата. Меѓу нив маршалот и главен командант на воздухопловните сили Херман Геринг, заменикот на Хитлер, Рудолф Хес и министерот за надворешни работи на Германскиот рајх, Јоахим фон Рибентроп.

Им се префрла заговор против светскиот мир, планирање, разгорување и спроведување на воена агресија, прекршување на военото право и злосторства против човештвото.

Против нацистички организации како Ес-Ес, или тајната државна полиција Гестапо се исто така покренати обвиненија - како „злосторнички организации“. Но, најстрашните сторители не се најдоа пред судот: Хитлер, шефот на Ес-Ес, Хајнрих Химлер и првиот човек на пропагандата на Рајхот, Јозеф Гебелс. Тие при крајот на војната извршија самоубиства.

Право наместо одмазда и покрај неизмерното страдање

Сепак, за првпат во историјата на човештвото држави со различни државни уредувања и устави го изведуваат поразениот непријател пред лицето на правдата поради прекршување на меѓународното право.

Во првото обраќање главниот обвинител, Американецот Роберт Х. Џексон ја нагласува историската димензија: „Тоа што четири нации исполнети од нивната победа и болно измачени од сторената неправда не се одмаздуваат, туку заробените непријатели доброволно ги предаваат на пресудата според законите, е едно од најзначајните отстапки кои кога било силата ги направила пред разумот.”

Deustchalnd | Nürnberger Prozesse | Robert H. Jackson
Главниот обвинител Роберт Х. ЏексонФотографија: National Archives, College Park, MD, USA

И со дефиницијата на обвинителните точки Здружените сили чекорат по нов пат. Дотогаш постоеше концептот на воените злосторства според Женевската конвенција од 1864. „Но, злосторства против човештвото или злосторството воена агресија - злосторство против мирот, како што се нарекува во Нирнберг, претходно немало во таа смисла. Тие се родија во Нирнберг”, објаснува во интервју за ДВ Кристоф Заферлинг, професор по Меѓународно кривично право и меѓународно право на универзитетот во Ерланген-Нирнберг.

Повеќе:

Нирнберг 1946 - во име на меѓународното право

Од перонот 17 директно во смрт

Бришење нацистички дефиниции од казнено право

Шок за набљудувачите на процесот

За време на рочиштата владее напната атмосфера. „Човек чувствуваше внатрешна тензија, беше многу сериозно, тивко и заглушувачки. Ги слушаш преведувачите и чувствуваш дека етерот е полн со срам”, се потсетува Ренате Рен. Таа како секретарка го придружувала својот татко Алфред Тома, кој бил законски застапник во одбраната.

На почеток не се насетувала сета димензија на злосторствата, вели Рен во разговор со ДВ. Тоа се променило со изнесувањето докази. Филмови за концентрациони логори како Аушвиц со купишта трупови ги потресле присутните. „Беше шок. Не можеше човек ни да си замисли дека толку страшни злосторства можеле да бидат сторени среде Европа и тоа од народ со култура.”

Ниту еден од обвинетите не ја признава личната вина. Ретко кој покажува каење, велат дека не знаеле за масакрите и логорите за масовно уништување. Геринг дури тврди дека тој никогаш „не дал наредба за убиство, ниту пак наредил или толерирал такви злосторства каде што било во негова моќ да ги спречи.”

Речиси сите обвинети ја негираат легитимноста на судот. Му префрлаат дека спроведува победничка правда. Делови од германското население исто така сметаат дека е неправедно процесите да се исклучиво во рацете на победничките сили. Освен тоа, се слуша критика дека воените злосторства од Сојузничките сили останале непроцесирани.

Deutschland | Nürnberger Prozesse | Göring im Zeugenstand
Геринг пред судот тврди дека тој никогаш „не дал наредба за убиство, ниту пак наредил или толерирал такви злосторства каде што било во негова моќ да ги спречи”Фотографија: akg-images/picture alliance

Самоубиство во очи на егзекуцијата

Но, таквите задршки „не го прават нелегитимно процесуирањето на германските злосторства”, оценува Заферлинг. Освен тоа, прашање е дали истовремено поразените и ослободените Германци од практични и морални причини воопшто би биле во состојба самите да донесат пресуди за националсоцијализмот?

Рен, која била сведок на процесите, се сомневаво тоа, знаејќи дека многу нацисти останале на своите функции. „Не знам како тие процеси би се одвивале пред германски судови. Со такви нацистички величини и луѓе кои уште меѓусебно се познаваа, кои настапуваа на партиските конгреси и заеднички врескаа ‘Зиг хајл’”.

Затоа се чувствувало и извесно олеснување. „Победничките сили ни го тргнаа товарот”.

Организациски погледнато, процесот надминува сѐ што се видело дотогаш од правосудство. Во 218 рочишта судот сослушал 240 сведоци, проверил повеќе од 300 илјади изјави дадени под кривична, морална и материјална одговорност. Протоколот од судењето опфаќа 16 илјади страници. На 1 октомври 1946 процесот завршува со објава на 12 смртни пресуди, три ослободителни и седум казни кои ќе се служат од слобода. Две обвиненија се затвораат без пресуда. 16 дена подоцна, неколку часа пред неговата егзекуција, Геринг се самоубива со отров. Следуваат уште 12 процеси пред американски воени судови против 185 други нацисти. 24 се осудени на смрт. Последниот процес завршува во април 1949 година.

Deutschland | Nürnberger Prozesse | Schautafel
План на концентрационен логор на табла во судницата во НирнбергФотографија: akg-images/picture alliance

Наследството од Нирнбершките процеси

Правото е изречено. Но дали и правдата? Ова во основа би го ставило под притисок секој правосуден систем – особено поради димензијата на сторената неправда. Судскиот процес против најголемите воени злосторници во Нирберг е секако од пресудна важност. Без овој пример не би биле замисливи Судот за воени злосторства на ОН за поранешна Југославија (1993 – 2017), Трибуналот на ОН за геноцидот во Руанда (1994 – 2016), како и Меѓународниот кривичен суд во Хаг (од 2002).

Злосторства против човештвото во моментов се процесираат на повеќе нивоа. На глобално ниво од Меѓународниот кривичен суд, според меѓународно кривично право. Преку трибуналите на ОН, кои се наменети за одредени случаи. Покрај нив, меѓународни злосторства се процесираат и на национално ниво. Како на пример во Германија, преку Сојузното јавно обвинителство во Карслруе. Тие интервенираат, на пример, во случаи со таканаречени повратници од Сирија: кај германски државјани за кои постои сомневање дека биле инволвирани во воени злосторства на Исламската држава, или кај лица кои го прекршиле меѓународното право и побарале засолништво во Германија.

Сепак, универзална правна надлежност која би влијаела на националниот суверенитет, за одредени земји е неприфатлива. Меѓу другото, Кина, како и две земји кои биле поранешни организатори на Нирнбершкиот судски процес, САД И Русија, (наследничката на Советскиот сојуз) одбиваат да соработуваат со Меѓународниот кривичен суд. Нивниот одбивен став особено се засили во последниве години.

Нилс Мелцер, швајцарски адвокат по меѓународно право и специјален известувач на ОН за тортура, во интервју за ДВ ја „осуди глобалната ерозија на човековите права“. Тоа што САД им се закануваат со казни на соработниците на Меѓународниот кривичен суд доколку тој покрене процес против некој американски војник, според него е кастрофален сигнал.

Deutschland | Nürnberger Prozesse | Militärtribunal
Во 218 рочишта судот сослушал 240 сведоци, проверил повеќе од 300 илјади изјави дадени под кривична, морална и материјална одговорностФотографија: akg-images/picture alliance

Проштална песна од Трамп за мултилатерализмот

Особено затоа што САД се највлијателни во светот во економска, политичка и воена смисла. „Ако оваа земја не е подготвена самата да одговара за воени злосторства за кои има докази, тогаш имаме голем проблем!“.

Колегата на Мелцер по меѓународно право, Кристоф Заферлинг како причина го гледа зголемениот изолационизам: „Доживеавме откажување од мултилатерализмот, значи откажување од идејата дека ги регулираме глобалните работи на меѓународно ниво, дека заедно работиме на нешто.“ Според него, ова е тренд од последните пет шест години „и е многу поврзан со американскиот претседател Доналд Трамп“.

Заферлинг проценува дека со Џо Бајден како претседател постои реална шанса дека САД ќе се врати во семејството на држави кои се залагаат за мултилатерални решенија за меѓународни проблеми.„Американски санкции против соработниците на Меѓународниот кривичен суд секако не се очекуваат од Бајден. Но исто така не се очекува ниту членство во судот“, смета Заферлинг.

Главниот обвинител како виртуелно „страшило“

И покрај задршката на одредени држави, според експертите, меѓународното кривично право одигра клучна улога во глобалната политика. Денес во конфликтни ситуации не може да се преговара, а на масата да не седи главниот обвинител од Меѓународниот кривичен суд, најмалку како „страшило“.

Можеби тоа „некогаш трае подолго. Но, ниту еден диктатор на светот не може да биде сигурен дека меѓународниот кривично-правен систем нема да дејствува во одреден момент,“ вели Заферлинг. Ова е благодарение на развојот на настаните во 1990-те се’ до формирањето на Меѓународниот кривичен суд. „Тоа пак немаше да биде возможно без Нирнбершките процеси од 1945-та.“