1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бришење нацистички дефиниции од казнено право

Бен Најт21 ноември 2015

Германски правни експерти сериозно се занимаваат со менување членови од казнено право. Спорни се членовите, кои пред повеќе од 70 години ги создале нацистите.

https://p.dw.com/p/1GBft
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

Хајко Мас, германскиот министер за правда, имаше многу материјали за читање. Комисијата, која ја сочинуваат професори по право, адвокати и јавни обвинители, на средината од годинава комплетираше документ од 909 страници за измени во дефинициите и казните за убиство во германското кривично право. Намерата на Мас е предлог реформата во кривичното право да ја предложи пред германскиот парламент кон крајот на својот мандат во 2017 година.
Министерската иницијатива е обид да ја реши децениската дилема на германските правници во врска со член 211 од кривичниот закон, кој во 1941 година го предложил Роланд Фрајслер, државен секретар во Министерството за правда на Адолф Хитлер. Фрајслер подоцна бил и претседател на озлогласениот Народен суд, специјална институција која ја формирале нацистите за да дејствува надвор од границите на уставното право.
Спорниот член повеќе го дефинира убиецот, отколку самиот кривичен акт, и го опишува како некој „кој подмолно и свирепо ќе убие друго лице од крволочност, да го задоволи сексуалниот апетит, од користољубие или било кој друг мотив“.

Bundesjustizminister Heiko Maas
Германскиот министер за правда, Хајко МасФотографија: picture-alliance/dpa/Gambarini

Дефиниција за убиство

Таква терминологија, според мислењето на правниците, веќе не е во согласност со модерното казнено право. „Идејата во основата на стариот закон е дека поединецот веќе се родил како убиец“, вели Кристоф Саферлинг, професор по право на универзитетот „Ерланген“, кој исто така учествуваше во работата на комисијата. „Според генетика и социјализација на личноста може да се тврди дека се работи за убиец - што било типично за национал-социјализмот. На тој начин е правена разлика меѓу оние кои припаѓале на општеството и оние кои требало да бидат отфрлени“.
Тоа било пресудно за министерот Мас, кој во изјава го поздрави извештајот на правните експерти. „Ние сакаме модерен закон, ослободен од нацистичкиот „јазик“. Поради тоа, со благодарност ги прифаќаме препораките за реформи во постоечката терминологија, која се однесува на дефинирањето на кривичното дело“.

Александар Игнор, адвокат од Берлин, кој исто така учествувал во работата на експертската комисија, нагласува дека спорниот член содржи и други проблематични статови. „Тоа посебно се однесува на поимите „штетност“ и „слаб мотив“, дали тоа се контроверзни правни термини?“, вели тој.

Проценување на казните

Сепак, предложените измени не се само за прочистување на законот од нацистички остатоци. „Не ви треба комисија која цела година ќе работи на тоа“, смета професор Рајнхард Меркел. Друг проблем е што според постоечкиот кривичен закон, во случај на осуда на убиец, судијата не може да ја измени пресудата - единствена пресуда за убиство е доживотен затвор.
„Судијата не може да ја одреди рамката на пресудата, што може да доведе до ситуација во која одредени делови на обвинение за убиство се отфрлени, па можно е изрекување на поблага пресуда за убиство без умисла, со што се ублажува и казната“, објаснува Игнор.
Се случувало судовите во Германија да се најдат во ситуација да мораат да пронајдат начин да избегнат пресуда за убиство, така што да можат да изречат поправедна, односно поблага пресуда, што често не било во потполност во согласност со законот. Од таа причина, комисијата предложила амандман за членот 211, предлагајќи во случаи каде постојат важни олеснувачки околности, судиите можат да одредат поблага казна наместо доживотен затвор.

„Постои случај кај брачен пар, каде што пријател на тоа семејство ја силувал жената, а притоа нејзиниот сопруг јавно го исмејувал во кафуле. Сопругот на силуваната жена го убил во моментот кога жртвата не можела да очекува напад. Поради такви и слични случаи неопходна е реформа во казненото право“, смета Дитер Дулинг, професор по право на универзитетот во Хајденберг.

Нема причини за промени

Имајќи во предвид дека спорната дефиниција за убиство била дел од кривичниот закон повеќе од 70 години, логично е прашањето зошто на законодавците и правниците им требало толку многу време да предложат алтернатива? една од причините е политичка волја. „Законодавците отсекогаш биле внимателни со тоа, бидејќи тоа удира во самите темели на казненото право. Загриженоста секогаш постоела во смисла: „Ако нешто измениме, тоа може да биде сфатено како обид да наштетиме на кривичниот закон“, тврди Дулинг.

И навистина, иницијативата на министерот Мас веднаш се најде на удар на критика од Христијанско - демократска унија (ЦДУ). „Овие денови кога ќе видам страшни димензии на терористичко насилство, помислувам дека имаме поважни прашања за решавање“, изјави Томас Штробл од ЦДУ.

„Се разбира дека актуелните судири, како во Сирија се поважни, но дали тоа е причина зошто да не ја промениме лошата терминологија во законот. Зошто да чуваме лош закон?“, прашува професор Саферлинг.