60 години ЕУ: Јубилеј во криза | Свет | DW | 25.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

60 години ЕУ: Јубилеј во криза

„Тркалезните“ родендени секогаш се нешто посебно, но ова во актуелната ситуација не може да се каже за ЕУ. Сепак, таа има неверојатно успешна историја, а во кризата лежи нејзината голема шанса, смета Александер Кудашеф.

Европската унија е во криза. Дали е тоа најголемата криза од нејзиното основање пред 60 години? Така им изгледа на многумина, иако и 80-те години беа кризна деценија. Тогаш се зборуваше за европска склероза, која ја надмина тогашниот претседател на Европската комисија, Жак Делор. Тој почна да создава заеднички пазар. И тоа паметно, или подобро речено-лукаво, без помпезни најави, без приказни за „историски исчекор“ и реторичко славење на некакви визии. Не, тоа беше проект од 300 чекори, кои на крајот автоматски резултираа кон заеднички пазар. Но, тоа неспорно беше  политичка можност  во рамките на тогашната многу помала Европска заедница, можност создадена од Брисел и спроведлива во дело. Нешто слично денес е незамисливо. 

Идеалистички полет по војната

ЕЕЗ, ЕЗ, ЕУ, овие три кратенки ја претставуваат историјата на ЕУ, од Европска економска заедница, преку Европска заедница, па до ЕУ. Таа претставува идеалистички почеток по разорувањата од Втората светска војна, почеток со шест членки, па заедница која полека се прошируваше и ги прими Велика Британија и Ирска, подоцна и младите демократии како Шпанија, Португалија и Грција,а потоа и источноевропските држави, станувајќи заедница од 28 земји, меѓутоа, наскоро без Велика Британија, зашто Британците ја напуштаат Унијата.  

Брегзит е најсилниот симбол на актуелната криза. Една земја ја напушта ЕУ, зашто така сака нејзиниот народ. Тоа никој не можеше да си го замисли. Оттогаш, што ја покажува длабочината на кризата, Европејците ги мачат сомневања во самите себе си.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App

Александер Кудашеф

Нив ги засилува агресивниот десничарски популизам, кој ги притиска приврзениците на ЕУ. Франција, Холандија, Италија, Германија, разни централно и источно-европски земји: насекаде се гласни десничарите  и ултрадесничарите со барањата за исчезнување на ЕУ, исто како и на бирократското чудовиште наречено Брисел, се бара напуштање на заедничката валута - еврото. Десничарите наоѓаат слушатели, иако тие не се мнозинство. Но, сепак, имаат следбеници кои радо би се вратиле во псевдо-идилата на националните држави.

Притоа, без оглед на својата големина, ЕУ е единствена успешна приказна, гарант на мирот во Европа. Доволно е да се отиде во Источна Украина и таму да се поразговара со луѓето, па да се осознае што значи мирот. Заедничкиот пазар и слободната трговија овозможија неверојатна благосостојба. Солидарноста на побогатите држави им помогна на посиромашните да фатат чекор и значително да го намалат своето заостанување. Луѓето можат да патуваат, младината може да студира насекаде, секој може да живее и работи каде сака во Унијата. Ова, непосредно по Втората светска војна, би била огромна утопија.

Неопходно да се размислува за иднината

Точно е: ЕУ денес врши преголема регулација, не е доволно блиска до граѓаните, не знае секогаш да го објасни смисолот и целта на своето постоење. Брисел е вселенски брод. Еврото не функционира на начин како што  (премногу идеалистички) сакаа неговите татковци. Обезбедувањето на надворешните граници не се сфаќа за заедничка задача. Постои економски раскол меѓу Северот и Југот, исто како и меѓу Истокот и Западот, меѓу другото, поради тоа што одредени земји се можеби прерано примени во членство во ЕУ. А продлабочувањето и натамошниот развој на институционалната ЕУ често ги преоптоварува владите на одделни држави и затоа води во блокада.

Европејците би требало да поразмислат околу ова. Но, мораат и да констатираат колку добра и удобна е нивната состојба на Стариот континент. Впрочем, моментно младите луѓе ширум Европа се здружуваат за да го зајакнат „Пулсот на Европа“ и за да бидат противтежа на десничарите (а понекогаш и на левичарските критичари на глобализацијата). Во Франција еден убеден Европеец, Мануел Макрон, има шанса да стане претседател на државата. А во Германија, канцеларските кандидати Ангела Меркел и Мартин Шулц, меѓусебно различни како небото и земјата, имаат цврст проевропски став. Тоа значи дека постои реална надеж дека германско-француската оска повторно ќе стане мотор на Европа во обнова. Кризата е и шанса.

 

 

DW.COM

Реклама