1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

1933: Mожеше ли да се спречи доаѓањето на Хитлер на власт?

Јулија Хиц
30 јануари 2023

Назначувањето на Адолф Хитлер за канцелар на Рајхот во 1933-тата го промени текот на историјата - не само на германската. Можеше ли да биде поинаку? Тоа е прашањето на изложбата „Патиштата по кои не се зачекори”.

https://p.dw.com/p/4MsXI
Претседателот на Рајхот, Пол фон Хинденбург и Адолф Хитлер на 30 јануари 1933 година
Претседателот на Рајхот, Пол фон Хинденбург и Адолф Хитлер на 30 јануари 1933 годинаФотографија: dpa/picture-alliance

Теоретски сѐ можело да биде и сосема поинаку. Бидејќи на почетокот на 1930-тите се чинело како на Адолф Хитлер и на неговата партија НСДАП да им се ближи крајот. Тоа го тврди германско-израелскиот историчар Ден Динер за настаните што претходеле на преземањето на власта од страна на Хитлер на 30 јануари 1933 година. Националсоцијалистичката партија (НСДАП) и нејзиниот претседател Хитлер есента 1932 година морале да претрпат тешки удари. Дури и негови современици биле изненадени од назначувањето на Хитлер за канцелар на Рајхот. Последиците од тоа се ужасни: 60 милиони мртви ширум светот, шест милиони прогонети и убиени Евреи. Убивани биле и Синти и Роми, лица со попреченост и хомосексуалци. 30 јануари 1933-тата беше еден од големите пресврти во историјата.

Преземањето на власта“ беше предавање на власта

„30 јануари 1933 година стана архимедовска точка во германската историја", вели Ден Динер во интервју за ДВ. „Тогаш се случи нешто што нас како историчари, но и современици нѐ тера да го мериме времето на пред и потоа. Тоа е можеби е еден од најистакнатите и најзначајни денови во германската историја во 20. век."

Тоа почнува уште со ознаката „преземање на власта” - вербална креација на нацистичката пропаганда. На 30 јануари власта не беше преземена од Хитлер, туку му беше предадена - од страна на претседателот на Рајхот, Паул фон Хинденбург, кој го назначи Хитлер за канцелар. Притоа, поранешниот генерал долго пружаше отпор против Хитлер и и покрај добрите изборни резултати во август 1932 година одби да му го даде канцеларскиот мандат - еден од големите порази на Хитлер.

Адолф Хитлер во кампања, 1932 година
Адолф Хитлер во кампања, 1932 годинаФотографија: United Archives/IMAGO

„Хитлер не беше само несреќен случај“

Британскиот историчар Иан Кершо во својата публикација за личноста Хитлер од 1998 година набројува различни фактори кои биле клучни за преземањето на власта: процесот на поткопување на демократијата во Вајмарската република за да се заштитат или спроведат сопствени - честопати економски - интереси. Покрај тоа се наведува апсолутната решителност на десничарските конзервативци да се „исклучи демократијата и да се уништи социјализмот”.

Во економската криза повторно се ставил акцент на авторитарен систем, но желбата за власт и деструкција на Хитлер била постојано потценувана. „Хитлер не беше неизбежен резултат на некаков германски ‘посебен пат’, но не е и само несреќен случај”, вели Кершо, кој посочува дека Хитлер мора да се гледа во временскиот контекст: војна, револуција, национално понижување и страв од болшевизмот.

Секако тогаш многу фактори биле во игра, вели и Динер, кој правел компаративни анализи на оваа тема. За него се важни елементи особено економската криза и структурата на уставот на Вајмарската република, преку која радикализираните партии брзо можеа да дојдат во парламентот. Но, сепак, тој забележува дека назначувањето на Хитлер е изненадувачки настан: „НСДАП беше пред крај. Од есента 1932 година се забележуваше одреден економски раст, а партијата беше во пад и токму тогаш Хитлер се назначува за канцелар. Тоа всушност не требало да се одвива така.”

Кабинетот на канцеларот на Рајхот, Хитлер: лево Геринг (НСДАП), десно Папен, зад него (стои) Хугенберг (ДНВП)
Кабинетот на канцеларот на Рајхот, Хитлер: лево Геринг (НСДАП), десно Папен, зад него (стои) Хугенберг (ДНВП)Фотографија: akg-images/picture-alliance

Клици на можности“: Можеше ли текот на историјата да биде поинаков?

Историчарот го мачи прашањето дали преземањето на власта можело да се избегне. Во една посебна изложба, направена заедно со фондацијата Алфред Ландекер, Германскиот историски музеј во Берлин ги претставува можните сценарија кои би можеле да го променат текот на историјата. Еден сосем поинаков пристап на гледање на историјата: „Патиштата по кои не се зачекори. Или: Можеше да биде и поинаку“ (изложба по концепт на Ден Динер, куратори: Јулија Франке и Лили Рејелс, трае до 24 ноември 2024 година) е посветена на овие прашања – и не само во светло на 1933-тата, туку и на други централни датуми од германската историја од 1848-мата до падот на Берлинскиот ѕид во 1989. „Притоа не се работи за историја на контрафакти“, вели Ден Динер, „туку се наведнуваш под превезот на стварноста за да видиш какви скриени можности има под него, но потоа не навлегуваш подлабоко во историскиот наратив.“

Како Хитлер стана канцелар – со заткулисни игри

Централните историски настани се секцираат како под микроскоп. Фактот дека Хитлер стана канцелар во 1933 година во суштина беше производ и на заплеткани интриги и игри во задните одаи на моќ. Голем број луѓе играле злобни улоги, пред сѐ Франц фон Папен, кој дури во ноември 1932 година мораше да поднесе оставка на местото канцелар на Рајхот и сега видел шанса да се врати на власт. Неговите пресметки успеаја – беше поставен за вицеканцелар во владата на Хитлер-Папен-Хугенберг на 30 јануари 1933 година.

Фон Папен (од 1921 до 1932 дел од Партијата на центарот, потоа непартиски човек, а од 1938 година член на НСДАП) е човек од доверба на Хинденбург. Во јануари 1933 година преговара за условите за канцеларската функција и заедничка влада со Хитлер и на крајот го убедува Хинденбург дека тоа е вистинскиот пат. Истовремено, станува очигледно дека тогашниот канцелар Курт фон Шлајхер не може да се одржи.

Мојот татко нацист

Во јануари 1933 година се вклучени и други страни, исто така поради навидум ублажените барања на Хитлер (во август 1932 година тој го барал канцеларското место и четири централни министерства, а тогаш го сакал „само“ Канцлерамтот, Министерството за внатрешни работи на Рајхот и Пруското министерство за внатрешни работи) во надеж дека шефот на НСДАП, ќе може, така да се каже, да биде „скротен“ доколку биде интегриран во владата. Монументална заблуда!

Лекции за денешницата

„Има една реченица од Хитлер: ’Вие ме најдовте’ – Леле, ова ме смрзнува и ежи. Како да имало некаква магична сила која го вовлекува човека во ситуација која ќе добие нуклеарна експлозивна сила“, вели Динер за текот на историјата. Перспективата на изложбата јасно покажува дека и алчноста за моќ и личните интереси на поединечни актери му го отвориле патот на Хитлер.

- повеќе: Хитлеровите пропагандни лаги и првата жртва на војната

Друга важна точка е финансиската поддршка на НСДАП од страна на германските компании. Финансиски на партијата во 1932 година воопшто не ѝ одело добро. Каква улога имале индустријалците во тоа време и каква поддршка му дале на Хитлер во предизборната кампања, опишува политикологот, историчар и економски новинар Давид Де Јонг во неговата книга „Кафеаво наследство - мрачната историја на најбогатите германски претприемачки династии“ (2022).

Дали „Мојата борба“ денес е сѐ уште опасна?

Ден Динер ја третира историјата и во контекст на актуелните прашања. Токму во кризите денес тој препознава паралели со минатото, па и во однос на 1933 година: „Голем проблем е тоа што пропаднале институциите кои ја гарантирале демократијата“, вели историчарот. Тоа значело и губење на контролата – во последната фаза на Вајмарската република, се владеело само со вонредни декрети, парламентот бил блокиран, а претседателот на Рајхот, Хинденбург можел да именува и разрешува канцелари онака како што тој сака.

- повеќе: По 100 години, духот на Мусолини и носталгијата по фашизмот се уште се присутни во Рим

Да се почитуваат институциите

Какви поуки треба да извлечеме денес од ова? Одговорот на Ден Динер е едноставен, но значаен: „Човек од ова извлекува поука дека мора да ги почитува институциите.“ И очите да се држат отворени: иако „Штурмабтајлунг“ (СА), паравоената организација на НСДАП, вечерта на 30 јануари 1933 година маршираше со факели низ Берлин до Бранденбуршката капија, поголемиот дел од луѓето речиси и не ја сфатил катастрофата која се навестува. Голем дел од сериозните медиуми не видоа причина за загриженост. Малкумина ја препознаа опасноста, но нивните предупредувања не беа слушнати.