1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

10 години по Парискиот климатски договор: Што се промени?

Холи Јанг
11 ноември 2025

10 години по револуционерниот договор за намалување на стакленичките гасови, обновливите извори на енергија се во пораст, но и емисиите на ЦО2. Што се постигна со Парискиот договор за климата?

https://p.dw.com/p/53Ojt
Изгрев на сонце и ветерници
И покрај напредокот во борбата против климатските промени, експертите велат дека светот мора брзо да ги намали емисиите на стакленички гасовиФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Кога во 2015 година беше постигнат Парискиот договор, течеа солзи, шефовите на држави се ракуваа, а учесниците на Конференцијата на ОН за климатски промени КОП21 го поздравија со овации.

Тоа беше клучен момент во политиката за климата. За првпат речиси 200 нации усвоија обврзувачки договор за ограничување на глобалното затоплување на значително под 2 степени Целзиусови и во идеален случај - под 1,5 степени Целзиусови.

Научниците прагот од 1,5°C го дефинираа како критична линија на одбрана од најтешката, неповратна штета предизвикана од климатски промени. Обединетите Нации сега наведуваат дека надминувањето на оваа граница е „неизбежно“ и дека ќе има „катастрофални последици“ за светот.

Раст на температурите и рекордни емисии

И покрај делумниот напредок во климатските мерки од Париз, експертите предупредуваат дека светот е дојден до критична точка. Додека државите продолжуваат да горат нафта, гас и јаглен, температурите растат, предизвикувајќи фатални бури, поплави и топлотни бранови.

Изминатата деценија беше најтоплата досега, а 2024 година беше најжешката година досега.

Климатските промени веќе убиваат

Додека шефовите на држави или влади во Бразил заседаваат на овогодинешниот самит за климата КОП30, научниците предупредуваат дека секое делче од еден степен Целзиусов е важен и може да направи разлика меѓу безбедност и страдање за милиони луѓе.

Поради зголемените температури, секоја минута умира по едно лице. Загадувањето на воздухот од согорувањето на фосилни горива, според проценките, убива 2,5 милиони луѓе годишно.

Жештината има сериозни последици за економијата - минатата година глобално предизвикала минус во приходите од околу 304 милијарди долари.

Топлотен бран во Европа и како да го пребродите

Истовремено, критичните екосистеми се на работ на издржливоста. Годинава за првпат светот допре т.н. „пресвртна точка“ на климата, чиј резултат се неповратни промени, како масовно изумирање на коралите поради затоплувањето на океаните.

Коралните гребени се меѓу екосистемите со најразнолики видови на Земјината топка и сочинуваат четвртина од целиот морски свет. Научниците предупредуваат дека сме опасно близу до други пресвртни точки, како изумирање на амазонската прашума и колапс на животно важни морски струи.

Наспроти тоа, емисиите минатата година бележат рекорд. Тие сега се 65 проценти над нивото од 1990 година.

Неодамнешна анализа покажува дека нема знаци на забавување на зголемувањето на емисиите, а за нивно намалување не може да стане ни збор.

Наместо тоа, емисиите нагло скокнаа минатата година, при што во атмосферата беа испуштени рекордни 53,2 гигатони ЦО2-еквиваленти, особено поради согорувањето на јаглен, нафта и гас.

Две третини доаѓаат од само осум економии: Кина, САД, ЕУ, Индија, Русија, Индонезија, Бразил и Јапонија. Од големите загадувачи, само ЕУ и Јапонија ги намалија своите емисии во однос на 2023 година.

Емисии на стакленички гасови од нелегална фабрика за челик во Монголија
Емисиите минатата година бележат рекорд - тие сега се 65 проценти над нивото од 1990 година.Фотографија: Kevin Frayer/Getty Images

Најголемиот дел потекнува од енергетскиот сектор, кој ги „движи“ нашите животи и економијата.

Обновливите извори се во подем, но не доволно

Иако климатските мерки вкупно многу заостануваат, постигнат е одреден значаен напредок.

Обновливата енергија значително порасна низ целиот свет, дури и ги надмина оптимистичките очекувања. Намалените трошоци го поттикнуваат таквиот бум. Истовремено, растат инвестициите во чиста енергија, сега веќе двојно повисоки од инвестициите во фосилни горива.

Уделот на обновлива енергија во глобалното снабдување со енергија е зголемен повеќе од трипати од Парискиот договор до денес. Во 2024 година, светот бележеше најголем пораст на производство на обновлива енергија, кое сега лиферува 40 проценти од глобалната електрична енергија. Во првата половина на 2025 година, соларна и енергија од ветер за првпат го надминаа јагленот како извор.

Германскиот соларен бум на балконите

Глобалниот капацитет на соларна енергија сега е четирипати поголем отколку што во 2015 година се очекуваше да биде и се удвојува на секои три години. Капацитетот на ветерна енергијата е тројно зголемен, покажува анализа на британската непрофитна организација Единица за енергетска и климатска интелигенција.

Кина води и минатата година инсталираше повеќе соларни постројки отколку остатокот од светот заедно. Целосниот соларен капацитет на Кина во јуни 2025 година надминал еден терават, што е десет пати повеќе отколку во 2017 година и илјада пати повеќе отколку во 2010 година.

Во изминатите десет години уделот на електрични возила во продажбата на автомобили се зголеми од околу еден на речиси 25 проценти, што значи дека целта на Парискиот договор за ставање на најмалку 100 милиони електрични возила на патиштата до 2030 година, ќе биде исполнета порано од предвиденото.

Обновливата енергија можеби руши рекорди, но истото важи и за јагленот. Највалканото фосилно гориво минатата година достигна рекордно високо ниво во глобалната потрошувачка. И додека повеќе пари се влеваат во зелена енергија, јавното финансирање на фосилни горива исто така бележи пораст на 1,6 илјади милијарди долари (1,37 илјади милијарди евра) годишно.

Електричен автомобил на станица за полнење
Во изминатите десет години уделот на електрични возила во продажбата на автомобили се зголеми од околу еден на речиси 25 процентиФотографија: John Walton/PA Wire/picture alliance

Ќе се исполнат ли целите од Парискиот договор?

Експертите предупредуваат дека моменталните климатски мерки сè уште не се доволни.

Иако напредокот во изминатата деценија помогна да се спречи во 2015-та прогнозираното незауздано затоплување од 4°C до крајот на векот, планетата сè уште има изгледи да се затопли за 2,6°C до 2100 година. Дури и ова помалку драстично сценарио би резултирало со 57 дополнителни фатално топли денови годишно.

На светот му е потребно енормно забрзување на амбициите и намалување на емисиите во сите сектори, се посочува во најновиот Извештај за состојбата со климатските мерки. Тоа вклучува десетпати побрзо откажување од јагленот во овој век и зголемување на напорите за запирање на уништувањето на шумите, двојно зголемување на растот на обновливите извори на енергија, зголемување на глобалното финансирање за климата за речиси една милијарда долари годишно и брзо ширење на инфраструктурата за јавен транспорт во градовите што се најголеми загадувачи на светот.