Конференција за климата во Бразил
10 ноември 2025
Два брода за крстарење веќе се мирно вкотвени во специјално проширеното пристаниште во близина на метрополата Белем, на северот на Бразил. Тоа ќе служи како привремено прибежиште за повеќе од 10 илјади учесници на овогодишната климатска конференција.
За 30-тото издание на годишната Конференција на ОН за климатски промени, КОП30, се очекуваат меѓу 40 и 50 илјади учесници, вклучително и шефови на држави или влади од речиси 200 земји. Тие треба да разговараат за мерки за подобра заштита на климата.
Адаптацијата на климатските промени во фокусот
За десетгодишнината од историскиот Париски договор за климата од 2015 година, домаќинот Бразил ја прогласи КОП30 за „Конференција на спроведување“. Во изминатите години тоа дефинитивно недостасуваше.
Ниту една земја на светов во моментов не прави доволно за да го ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови. Па така, и предизвиците се големи и многубројни.
Една од главните теми е адаптацијата на климатските промени. Ефектите сега веќе може да се забележат насекаде во светот, со огромни последици за економиите, екосистемите и луѓето. Ублажувањето на таквите последици и адаптацијата на зголемените температури стануваат сè поважни.
Посиромашните држави и земјите во развој, кои се особено погодени од климатските промени, за таа цел бараат значително поголема финансиска поддршка од страна на богатите земји, како и пристап до технологии.
Во делот на адаптацијата нема дефинирана цел како што е, на пример, целта од 1,5 степени за заштита на климата. Затоа, земјите сакаат да договорат индикатори според кои ќе се мери успехот на мерките за адаптација.
А останува и клучното прашање - дали и колку брзо земјите ќе ги намалат своите стакленички гасови. Всушност, земјите требаше да претстават нови цели уште во септември, но, според претседавачот на Конференцијата, Андре Кореа до Лаго, до ноември само 62 земји претставиле нови цели, а од 63 сè уште недостасуваат – меѓу нив и државите од ЕУ.
До Лаго беше јасен: „Фрустрирани сме. Два рока се веќе истечени, без земјите да ги исполнат своите обврски. Тоа нѐ лути.“
Бразил со нов фонд за заштита на тропските шуми
За Бразил под водство на претседателот Лула, конференцијата е врвен приоритет, бидејќи земјата сака да се претстави како држава што комбинира одржлив развој со економски напредок и може да преземе водечка улога на светската сцена.
Во контекст на трговските конфликти, војната во Украина и ситуацијата во Газа, мултилатерализмот и климатската политика во моментов се соочени со посебни предизвици. САД, како втор најголем емитент, со доаѓањето на Доналд Трамп на власт се повлекоа од договорот и оттогаш се борат против сè што е поврзано со заштитата на климата.
Многу аналитичари се загрижени во однос на претстојните преговори.
„За време на преговорите е клучно да се има домаќин кој им влева доверба на сите земји учеснички“, вели Никлас Хене од „Следач на климатски мерки“, конзорциум од неколку германски и меѓународни тинк-тенкови кои истражуваат дали и како земјите ги спроведуваат своите климатски цели.
Уште на почетокот на конференцијата, Бразил ќе претстави иницијатива за заштита на тропските шуми, кои се особено важни за регулирање на климата и биодиверзитетот. Станува збор за „Тропска шума засекогаш“, односно нов фонд основан со владини средства и пред сè со приватни инвестиции.
Земјите кои исклучително ќе ги заштитуваат своите шуми, треба да бидат наградувани со профитот од фондот. Најмалку 20 проценти од исплатите се наменети за домородни народи. Целта е да се соберат вкупно 125 милијарди американски долари за овој фонд.
Иницијативата е престижен проект за домаќинот Бразил. Колку од средствата ќе може да се соберат за време на преговорите во Белем, останува да се види.
ЕУ доаѓа со празни раце
И ЕУ ќе се најде во фокусот на преговорите. Иако Унијата досега важеше за предводник во однос на заштитата на климата, во моментов се води жестока дебата за целта за намалување на емисиите до 2040-та година.
Реформи на Зелениот договор, зелената индустриска програма на ЕУ, во моментов се делумно повлечени, или треба да бидат олабавени.
ЕУ во моментов ја нема завршено својата домашна задача и во Белем доаѓа без нова климатска цел.
Зошто Германија ги кочи амбициите на ЕУ?
Никлас Хене потенцира дека ЕУ во моментов крева рачна кочница во однос на климата, благодарение и на германската сојузна влада, која навистина постави цел да биде климатски неутрална до 2045 година, но како што актуелно стојат нештата, би ја промашила целта. Германија сака да ја прошири својата гасна инфраструктура и помалку доследно да се фокусира на обновливи извори на енергија.
Тоа не е загрижувачки развој само за Германија, „туку и за ЕУ, бидејќи Германија е исклучително важен играч во ЕУ и се стреми кон олабавување на мерките за заштита на климата во рамки на ЕУ. Тоа пак има последици на глобално ниво. Ако не предводи ЕУ, кој ќе го прави тоа?“, прашува Хене.
Моменталниот вакуум на амбициозни големи играчи би можел да значи дека Кина сè повеќе презема улога на предводник, претпоставува Јан Ковалциг, експерт за клима при непрофитната организација Оксфам. Но, тој се сомнева дека Кина ќе се потруди да ги охрабри и другите да бидат поамбициозни.
„Во минатото, Кина беше повеќе фокусирана да ги заштити своите национални интереси, отколку за промовирање на колективен напредок во заштитата на климата“, вели тој.
Марк Бајно, директор за деловна стратегија и регионална координација во Центарот за климатски промени на Карипската заедница, од друга страна пак смета дека светот треба повеќе да се потпре на Кина. Иако ЕУ во моментов е поделена, Бајно очекува амбициозни преговори од Унијата.
Научниците предупредуваат на итна потреба од поголема заштита на климата за да се спречат катастрофални последици во иднина. „Ни требаат конкретни амбиции, конкретен трансфер на технологија, а не вообичаените флоскули“, апелира Мохамед Адов од невладината организација Power Shift Africa.
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик