Ќе ѝ објави ли Трамп трговска војна на ЕУ? | Економија | DW | 30.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Ќе ѝ објави ли Трамп трговска војна на ЕУ?

Од први мај САД ќе воведат повисоки царини за увозот на европски челик и алуминиум. Така барем изгледа во моментов. Што тоа значи за Германија и за ЕУ?

Ќе го спроведе најавеното, или сепак не? Претседателот на САД, Доналд Трамп, до последен момент ги држи Европејците во неизвесност. Во спорот околу воведувањето повисоки царински давачки за увоз на алуминиум и челик од Европа, Трамп на ЕУ ѝ остави грејс период до први мај. Дали рокот ќе го продолжи или можеби дури и ќе направи исклучок за европски производи, или сепак одлуката е финална?

За ЕУ, но пред сѐ за Германија би било тежок удар ако царините за челик се зголемат на 25%, а за алуминиум на 10% почнувајќи од први мај. Европската унија е вториот најголем производител на челик во светски рамки. 177 милиони тони годишно се произведуваат во ЕУ, односно 11% од вкупното производство. Германија е главен извозник на челик од ЕУ во САД. По неа на листата следат Холандија, Италија, Шпанија, Велика Британија и Шведска.

Се работи за милијарди

Според податоците на Европската комисија од 2017. година, од Европа биле продадени во САД алуминиум и челик во вредност од 14 милијарди долари. Тоа се 14 проценти на вкупните импорти на САД за овие производи.

Најавените казнени царини не ги погодуваат сите тргувани производи. Ако се земе 2017. година за репер, царините би засегнале на челик во вредност од 5,3 милијарди евра и алуминиум во вредност од 1,1 милијарди евра.

Доналд Трамп повисоките царини ги образложува со европскиот и пред сѐ со германскиот суфицит во трговската размена. САД за Германија се најголем пазар за експорт. Но, Германија ни приближно не увезува иста количина американски производи. „Ние имаме трговски дефицит со ЕУ во висина од тешко замисливи, 151 милијарда долари”, критички изјави Трамп во повеќе наврати. Во нив спаѓаат и 50 милијарди долари за возила и резервни делови.

US-Strafzölle - ThyssenKrupp Stahlarbeiter (picture alliance/dpa/R. Weihrauch)

Производство на челик во Тисен-Круп

Ситуацијата е покомплицирана отколку што му се чини на Трамп

Германските возила се на цена во САД. 480 илјади возила минатата година се продадоа во САД. Но, германските производители произведуваат и локално во САД и тоа многу повеќе отколку што извезуваат во САД. 493 илјади германски возила годишно се прават за експорт, пред сѐ во Кина. Со тоа германските производители обезбедуваат работни места во САД. Тие пак со воведувањето на протекционистичките царински мерки би можеле да бидат загрозени, предупредува Габриел Фелбермајер, претседателот на Центарот за надворешна трговија Ифо.

„Кога Американците произведуваат возила како на пр. БМВ во Спартанбург, потребни им се голема количина компоненти од Европа и ако Трамп ги оданочи дополнително, тоа истовремено ја загрозува или уништува конкурентноста на американските производители”, објаснува економистот. На крај сите вклучени ќе поминат полошо. „Материјата е толку комплицирана и волуменот на прекуокеанска трговија толку голем што ги засегнува бизнисите на сите вклучени лица, ако се интервенира во тие процеси”, вели Фелбермајер.

Повеќе: 

Во што се разијдуваат Германија и САД?

Доналд Трамп повторно ја осиромашува Америка

Економската политика на „пубертетлијата“ Трамп

Сите ќе страдаат

Во Германија секое четврто работно место е зависно од извозот, во германската индустрија дури секое второ. Повеќе од 50 проценти од германскиот извоз се поврзани со индустријата за производство и преработка на челик. Оттаму не зачудува фактот дека канцеларката Ангела Меркел изминатиот петок при посета на Вашингтон имаше уште еден обид да го премисли Трамп, но од разговорот не произлезе исходот на неговата одлука.

Во саботата канцеларката имаше телефонски разговор и со францускиот претседател Емануел Макрон и со премиерката на Велика Британија, Тереза Меј. Тие заеднички официјално го повикаа Трамп да се откаже од мерките против ЕУ. Во спротивно ЕУ би била подготвена „во рамки на мултилатералниот трговски поредок решително да се заложи за своите интереси”, изјави портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт.

USA Washington | Präsident Donald Trump & Angela Merkel, Bundeskanzlerin (picture-alliance/dpa/K. Nietfeld)

Меркел не успеа да добие конечен одговор од Трамп за царините

Американското виски, моторите и фармерките ќе поскапат

Брисел интензивно се подготвува за таквата евентуалност. Најавува жалба при Светската трговска организација, протекционистички мерки за европската економија и казнени царини за американски производи. Според правилата на организацијата, ЕУ има рок од 90 дена за да преземе противмерки под штихворт „ребалансирање”. Американските производи би можеле толку да поскапат што финансиската штета која би настанала за европската економија преку тоа би била изедначена.

Во Европската комисија се става акцент на тоа дека мерките не би биле казна, туку би имале политичка позадина. Со виски, Харли Дејвидсон мотори и фармерки биле избрани производи кои се произведуваат во сојузни држави предводени од Републиканците. Нивните гувернери би требало потоа да влијаат на американскиот претседател и да го вратат „на правиот пат”.

Дали слободната трговија има некаква шанса

Ако ескалира трговскиот спор, тоа не би значело и крај на слободната трговија. Се очекува дека преговорите ќе продолжат зад кулисите.

„Ако навистина се случи тоа, тогаш мора да се продолжи од таа појдовна точка“, се вели од Кабинетот на канцеларката. Од германска страна се прават обиди повоторно да се актуелизира Договорот за слободна трговија, во редуцирана верзија. Во поголема рамка би можело да се разговара за укинување на индустриски царини и пречки за тргувањето.

Комори и политичари не се одушевени од идејата. „Редуцирана верзија на договорот само заради Доналд Трамп е како да се бориш против ѓаволот со метла”, вели пратеникот од редовите на Левицата, Фабио де Маси.

„Тоа би значело дека ќе го наградиме Трамп за дампингот на животната средина и за тоа што го напушти Парискиот климатски договор”. И Комората на германските индустријалци смета дека договор кој ќе се однесува само на царините не е решение за проблемот. Според Дитер Кемпф, претседателот на Комората, тоа „за германската индустрија е само мал дел од прблемот.” 

 

DW.COM

Реклама