Ќе се укине ли летното сметање на времето? Граѓаните на ЕУ имаат збор! | Панорама | DW | 06.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Ќе се укине ли летното сметање на времето? Граѓаните на ЕУ имаат збор!

Во ЕУ е во тек онлајн-гласање за летното и зимското сметање на времето. ЕК се чини е изненадена од огромниот интерес. Страницата на која се наоѓа анкетата поради навалицата тешко се отвора.

Гласањето почна вчера и поради огромниот интерес на граѓаните веќе предизвика огромни проблеми на страницата каде што е поставена анкетата. Брисел денеска соопшти дека сите што сакаат да учествуваат во гласањето, а не успеваат да ја отворат страницата, би требало да се обидат повторно, во друг период од денот.

Очигледно, промената на времето е тема која многу ги допира граѓаните. Многу граѓани на ЕУ се жалат дека поради промената на времето на крајот на март и октомври преживуваат нешто како „џетлег“, без притоа да патувале со авион во различни временски зони. Онлајн-анкетата би требало да трае до 16 август, и таа треба да даде слика дали навистина толку многу граѓани на Унијата се против промена на сметањето на времето.

Umstellung auf Sommerzeit (picture-alliance/APA/picturedesk/H. Pfarrhofer)

Стрелките на часовниците се поместуваат во октомври и во март

Европскиот Парламент во февруари побара од Европската Комисија проверка на состојбата. Притоа беше укажано и на студии, според кои летното сметање на времето може да има „негативни последици за луѓето“. Барањето на Комисијата за сообраќај за укинување на летното сметање на времето, меѓутоа, не доби потребно мнозинство гласови. Тоа го побараа и повеќе земји членки на ЕУ, како Финска.

Учесниците во онлајн-анкетата сега имаат две можности, вели портпарол на ЕК. Може да се изјаснат „за“ задржување на летното сметање на времето или да се изјаснат за негово „укинување во целата ЕУ“. Со оглед на внатрешниот пазар на ЕУ, Комисијата сака да избегне различни правила во земјите членки. Доколку летното време биде укинато, национални решенија ќе бидат забранети.

Портпарол на ЕК истовремено укажа и дека студиите покажуваат оти до денес не е недвосмислено докажано дека различното сметање на времето води до здравствени проблеми. Оттука, одлуката мора да биде донесена „врз основа на други критериуми“.

Комисијата соопшти дека според понови истражувања, последиците врз биоритамот се поголеми отколку што се сметало, но има и позитивни ефекти по здравјето поврзани со слободните активности на отворено. Она поради што најмногу беше воведено летно сметање на времето - штедењето енергија - не е постигнато, односно ефектите во тој дел се во најдобар случај „маргинални“.

Zeitumstellung Sommerzeit (picture-alliance/dpa/S. Willnow)

Летното сметање на времето во Германија беше воведено во 1980 година, заради заштеда на енергија

Во анкетата може да се наведат и причините за одлуката „за“ или „против“ летно сметање на времето. Тука се вбројуваат заштедата на енергија, здравјето, слободните активности навечер или безбедноста во сообраќајот. Во случај да се против менување на времето, учесниците во анкетата може да одберат дали се за „постојано летно сметање на времето“ или „постојано зимско сметање на времето“.

Летното сметање на времето во Германија беше воведено во 1980 година, заради заштеда на енергија. Во други земји членки на Унијата тоа се случи и многу порано. Од 2002 година промената на времето е прилично иста во земјите на ЕУ, со цел да се избегнат проблеми во транспортот на стока или во сообраќајните врски.

DW.COM

Реклама