Ќе се бара поништување на американската одлука за Ерусалим | Свет | DW | 18.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ќе се бара поништување на американската одлука за Ерусалим

Советот за безбедност на ОН, според дипломатски извори, денеска би требало да гласа за предлог-резолуција која предвидува повлекување на признавањето на Ерусалим за главен град на Израел од страна на САД.

Во текстот на предлог-резолуцијата, поднесена во Советот за безбедност од страна на Египет, меѓутоа, како што јави агенцијата Ројтерс, не се наведуваат директно ниту САД ниту претседателот Доналд Трамп.

Во предлогот е содржана формулацијата „длабоко жалење поради најновите одлуки во врска со статусот на Ерусалим“. Освен тоа, сите „одлуки и дејства“ кои би требало да го променат статусот на градот се прогласуваат за „ништовни“ и се предвидува нивно повлекување.

Дипломати тврдат дека предлог-резолуцијата има широка поддршка во Советот за безбедност. Таму САД меѓутоа имаат право на вето. Засега нема официјален став од Вашингтон во врска со текстот.

USA UN-Sicherheitsrat (picture-alliance/Kyodo/MAXPPP)

САД имаат право на вето во Советот за безбедност на ОН

Американскиот претседател Доналд Трамп пред неколку дена го призна Ерусалим за главен град на Израел и со тоа навлече меѓународни критики врз себе. Израелската влада ја поздрави неговата одлука.

Во меѓувреме, турскот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека амбасадата на Турција ќе биде сместена во палестинскиот источен дел на Ерусалим. Главна пречка за тоа е израелскиот окупаторски режим во тој дел, но со „божја помош и божја дозвола, се ближи денот кога таму ќе ја отвориме нашата амбасада“, изјави Ердоган во турската провинција Караман пред членовите на владејачката АКП.

Во Ерусалим има турски конзулат, а амбасадата, исто како сите други странски претставништва во Израел, е сместена во Тел Авив. Во средата Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) го прогласи Источен Ерусалим за главен град на палестинска држава. На вонредната средба на ОИЦ, свикана од страна на Ердоган, учествуваа шефови на држави или влади на повеќе од 50 муслимански држави.

DW.COM

Реклама