ЈО ќе ги преземе предметите од СЈО | Северна Македонија | DW | 06.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ЈО ќе ги преземе предметите од СЈО

Неофицијално, денеска се очекува да биде донесена одлука за преземање на сите предмети што СЈО ќе му ги предаде на Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески

Денеска во Министерството за правда ќе продолжат вчера започнатите консултации по прашањето за трансфер на предметите на СЈО во јавното Обвинителство, откако Јанева даде  овластување сите тековни предмети, истраги и предистраги на СЈО да му се предадат на Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески. Како што дознаваме, со мали исклучоци, доминира ставот дека предметите треба да бидат преземени. Најверојатно денеска и ќе биде донесена таква одлука - да бидат преземени сите предмети што СЈО ќе му ги предаде на Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Премиерот Заев веќе изјави дека трансферот на случаите од СЈО во ЈО е логично решение и дека нема да влијае на преговарачкиот процес за изнаоѓање решение за законот на Јавно обвинителство и за судбината на СЈО.

Мицкоски: Од еден во друг сеф на СДСМ!

Во пресрет на преговорите за законот за ЈО, токму опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаше барање предметите на СЈО покренати во законскиот рок да ги преземе државниот јавен обвинител.

„Државниот јавен обвинител да ги преземе во фаза во која што се - дали се во фаза на разгледување докази, распит на сведоци, завршни зборови, жалби пред апелација итн., и согласно со препораките на експертската јавност, тие процеси да ги распредели на обвинителствата таму каде што припаѓаат. Не се сите тие случаи организиран криминал и висока корупција. Дел од тие процеси ќе припаднат и во основните обвинителства", бараше Христијан Мицкоски во јули годинава.

Сега кога такво решение е на повидок, опозицијата е незадоволна. „Вчудоневидени за страста за работа на Катица Јанева, па макар и прекувремено, гледаме писмо каде таа наредува случаите да се предадат на работа кај Рускоска обвинителството. Со други зборови да се чуваат на посигурно за да се задржат конците за политички притисок врз опозицијата. Значи од еден сеф на СДСМ во друг сеф на СДСМ. А пустите така мислат дека ќе нѐ исплашат. Но и за ова се лажат", изјави вчера Мицкоски.

Nord-Mazedonien (DW/P. Stojanovski )

Јанева со писмо од затвор ја активира поднесената оставка

Според партиски извори, и натаму се проблем предметите и истрагите покренати по законскиот рок, за кои СЈО не е овластен тужител според начелното правно мислење на Врховниот суд. Преземањето на такви предмети од ЈО, или барањето решение тие предмети да останат во живот преку ново законско решение за Јавното Обвинителство, го сметаат за незаконско и политички мотивирано.

„Не може преку закон да се елиминира мислење на Врховниот суд. Не може наназад да се враќаат правни ситуции“, велат нашите соговорници.

Ново писмо, нови дилеми

Вчера од притвор Јанева испратила и ново писмо со кое ја активирала оставката што ја депонираше на 15 јули. Писмото следи откако собраниската Комисија за избори и именувања едногласно донесе заклучок да му препорача на Собранието нејзино разрешување. Оставката на Јаневаи нејзиното утврдување е исто така сложена постапка како и постапката за нејзино разрешување, која веќе започна.

Според член 17, став 2, од Законот за СЈО, во случај на оставка, Советот на јавни обвинители го утврдува престанокот на функцијата на предлог на Собранието. Собранието предлогот го утврдува по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број пратеници, го носи со двотретинско и Бадентерово мнозинство, по што го поднесува до Советот на обвинители.

Правните експерти немаат јасен одговор што во ваква ситуација кога има и постапка за разрешување и оставка, бидејќи во практика досега немало таков случај. Но со оглед дека процедурата за разрешување на Јанева веќе тече, сметаат дека најверојатно предност ќе ѝ се даде на таа постапка.

 

DW.COM

Реклама