Јом Кипур во карантин | Свет | DW | 28.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Јом Кипур во карантин

Секоја година за еврејскиот празник Јом Кипур јавниот живот во Израел сопира. Со карантинот кој важи во цела земја и растечкиот број на заразени со коронавирусот годинешното празнување се разликува од други години.

Секоја година за време на Јом Кипур во сѐ Израел замрува. Аеродромот е затворен, продавниците исто така, радио и телевизија нема. Тоа е најсветиот ден во еврејскиот календар, познат и како  „Ден на помирувањето”, кога луѓето постат, се молат за проштевање и промени.

Годинава Јом Кипур се падна за време на целосниот карантин кој е воведен низ целата земја заради спречување на ширење на коронавирусот. Израелската влада го воведе пред една недела, а во пресрет на викендот пред Јом Кипур мерките беа дополнително заострени.

25 часа постење

Како и секоја година на Јом Кипур, кој годинава почна во неделата вечер и трае до понеделник вечер, се пости 25 часа, се кажуваат посебни молитви и има миси во синагогите. Но, годинава сѐ е различно, вели рабинот Боб Карол. Тој нема да оди во неговата синагога.

„Како ортодоксен Евреин и мистичар секогаш верував во тоа дека Бог е насекаде  и дека го слуша секој еден, каде и да сме”, вели на телефон во Ерусалим каде избира текстови за долгото попладне во пост кои ќе ги студира заедно со жена му.

Синагогите смее да бидат отворени, но под строги услови за да може оние кои се молат и ги посетуваат да имаат доволно растојание меѓу себе. Здравствени експерти и политичари меѓу кои и премиерот Нетанјаху побараа од граѓаните да останат дома и да се молат на отворено.

Молитва на само

Сепак не е јасно дали сите општини ќе се држат до препораката. „Мојот став во пандемијата цело време е дека луѓето треба да се молат сами. Не ги разбирам оние кои велат дека Господ инсистира на тоа да седат во еден простор заедно со група други луѓе”, вели рабинот Боб Карол.

Додава дека е радосен што други рабини тоа исто го гледаат така. „Ние ќе си бидеме дома во приватност и во мислите и срцата ќе го имаме цел Израел, целиот еврејски народ во светот.”

Многумина од секуларните Израелци кои можеби и не се држат до други празници, го слават Јом Кипур. Сите се сложни дека годинава сѐ е различно. Веќе втор пат во рок од само неколку месеци забраната за излегување која важи во цела земја, го диктира секојдневието.

Бројот на заразени и понатаму расте и во последниот период е меѓу 7000 и 8000 новозаразени на ден. Дополнително постојано има политички турбуленции во владината коалиција и граѓански протести. Израел во моментов важи за една од земјите со најмногу заразени по глава на жител.

Повеќе:

-Фотографија на денот: Протест против „локдаунот“ во Израел

-Карантински Рамазан за муслиманите ширум светот

-Религијата во доба на коронавирус

Нив Ади, кој живее во еден кибуц во Северен Израел, најмногу е загрижен поради општата политичка ситуација. „Поврзаноста која денес ја гледам со Јом Кипур, е дека е тажен ден исто како и во 1973 година. Тогаш бевме во најлошата ситуација од основањето на државата, и сега во 2020 сме во многу слична ситуација,“ вели Ади.

Тој мисли на арапско-израелската војна од 1973 година, кога Египет и Сирија започнаа ненадеен напад врз Израел на Јом Кипур. „Причината е актуелната политичка ситуација, особено загубата на контролата врз раководството со еден премиер, кој е обвинет за корупција и одлуки кои очигледно се носат само од лични, политички причини.“

Демонстрации со авто-конвој

Ади е загрижен поради обидите на дел од владините коалициски партнери да се забранат демонстрации поради пандемијата. Пред викендот кога се слави Јом Кипур, ова предизвика жестока политичка дебата околу правото на молитва во затворени простории и демонстрации на отворено. Последните недели илјадници Израелци протестираат на улица. Дел од нив бараат оставка од Нетанјаху поради неговите корупциски скандали. Други протестираат за наводниот неуспех на владата да се справи со корона-кризата и економските проблеми кои ги предизвика.

Премиерот Нетанјаху и останатите политичари во неколку наврати изјавуваат дека протестите се ризик за јавното здравје. И покрај одлуката на владата за време на карантинот да се ограничат демонстрациите, Кнесетот до сега ги нема одобрено.

Во саботата повторно илјадници Израелци протестираа низ целата земја – со авто-конвои и онлајн. За оваа недела е најавена нова расправа во одговорниот Комитет во Кнесетот.

Нетанјаху ги признава грешките

Во духот на Јом Кипур, дел од политичките коментатори го повикаа премиерот да размисли и да побара прошка. Во последната анкета само околу 27% од Израелците сѐ уште веруваат во корона-кризниот менаџмент на Бенјамин Нетанјаху.

Во едно видео обраќање во саботата вечерта, Нетанјаху ги бранеше новите заострените карантински мерки, но исто така рече дека биле земени в предид сите грешки увидени по целосниот карантин од април-мај. 

Реклама