Што е смешно во бедата на бегалците? | Свет | DW | 09.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што е смешно во бедата на бегалците?

Германија ќе го прифати Глобалниот договор на ОН за мигранти, за разлика од Австрија, Унгарија и САД. Во дебатата на оваа тема во Бундестагот, демократите беа контра десните популисти. Тоа е добро, смета Јенс Турау.

Кога пратеникот од ЦДУ, Штефан Харбарт вчера (08.11) во Бундестагот известуваше за својата посета во бегалски логор во Јордан и за лошите здравствени услови кои владеат таму наспроти сите напори, од клупите на пратениците - десничарски популисти од партијата  Алтернатива за Германија  одекнаа презирна смеа и погрдни и ликувачки повици.

Ништо подобро не илустрира за што всушност станува збор во оваа расправа. И во секој случај, не се работи за смислата и содржината на Глобалниот договор на ОН за сигурна и регулирана миграција.  

Барем основи на човечност

Зашто, Германија ќе ја прифати спогодбата, без оглед на противењето од редовите на АфД. Договорот кој ќе го прифати големо мнозинство од околу 190 членки на ОН не е ништо друго освен само попис на она најосновното што би требало да важи во сите држави. На пример, посебно внимание кон судбината на децата приморани на бегство или нивната базична здравствена заштита. Накратко, она најосновното што би требало да се содржи во однесувањето на едно човечко битие кон другите.

Дека за тоа воопшто се води расправа е доказ колкаво е нивото на рамнодушност и студенило настанати во однос на темата бегалци и азил во Германија. Но сепак, Германија ќе го прифати Глобалниот договор на ОН, за разлика од Австрија, Унгарија, Австралија, САД и некои други земји.

Thurau Jens Kommentarbild App

Јенс Турау

Омраза, ништо друго

Секако дека за АфД овој договор е „предавство на суверенитетот на земјата“ и притоа ја плаши јавноста со слики од целосно отворени граници  и поплава на странци во системот на социјална заштита во оваа држава. Во договорот секако нема ништо такво, но за АфД тоа е сеедно. Всушност, тој договор дури ја нагласува сувереноста на националните држави, а неговите одредби не се обврзувачки. Меѓутоа, тука и онака не станува збор за факти, станува збор за расположенија, за отпор.

Беше вистински задоволство да се види како сите останати партии во Бундестагот јасно се позиционираа наспроти популистите. Настана христијанско-демократска унија. Од редовите на овие партии во последно време се слушнаа и остри критики на смета на Глобалниот договор на ОН за мигранти, но помалку за неговата содржина отколку за начинот на негов третман од страна на Министерството за надворешни работи, на чело со социјалдемократот Хајко Мас. Имено, Министерството речиси воопшто не се занимаваше со Глобалниот договор. 

Страв и од самото споменување бегалци?

Дали причината беше страв во јавноста воопшто да се споменат чувствителните теми - бегалци и миграција? И затоа дури на барање на  АфД  Глобалниот договор се најде на расправа во Бундестаг? За тоа може само да се нагаѓа, но неспорно политиката во овој случај не беше многу вешта, што од говорницата го нагласија и пратениците од редовите на Левицата и Либералите.

Дебатата уште еднаш покажа што мора да направи Германија за да ја оконча непријатната расправа каква што АфД воведе и во парламентот. Мора да се создаде модерен закон за доселување, кој ќе прави јасна дистинкција меѓу барателите на азил и оние кои сакаат да се доселат во земјата. А потоа и јасно да се одредат можностите и границите на доселување. Таков закон треба да се донесе што поскоро. И да се одржи единството на сите демократи против лицемерите од десниот политички спектар.

DW.COM

Реклама