Што добива Македонија со победата на Макрон | Северна Македонија | DW | 26.04.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Што добива Македонија со победата на Макрон

Новиот петгодишен мандат на Макрон изгледа како спасоносно решение за Македонија, но само во споредба со стравувањата од неизвесна иднина на Европа доколку победеше екстремната десница на Марин Ле Пен. Пишува Ерол Ризаов

Западна Европа, особено Брисел со големо олеснување ја дочека изборната победа на претседателот Емануел Макрон. Новиот петгодишен мандат на Макрон со неговите амбиции за европски лидер и заложби за реформирана Европска унија изгледа како спасоносно решение, но само во споредба со стравувањата од неизвесната иднина на Европа доколку победеше екстремната десница на Марин Ле Пен, чии изборни резултати се најдобри во поновата историја на Франција. На 24 април изборните реузултати во Франција беа добрата вест за Европа, најрадосно дочекана во Германија и нова надеж за иднината на Европа.

Но, што значи победата на Макрон за Македонија и за таканаречениот западен Балкан, нов географски термин со лош предзнак за мнозинството граѓани на Европа и особено во Франција? Дали Македонија добива нешто, или и натаму ќе се соочува со неизвесност, чекајќи со децении онеправдана во европската чекалница како несакан гостин, далечен роднина од длабока провинција?

Ако се гледа и споредува со разликите што би значела за Македонија победата на Марин Ле Пен, тогаш надежите за европеизација на Македонија со победата на проевропскиот претседател Макрон се поголеми. Но, ако се земат предвид новите односи на силите во Франција, што ќе мора и покрај победатa претседателот Макрон да ги респектира, и ако згора на тоа се добро познати условувањата што тврдокорно ги поставуваат нашите соседи заробеници на географијата и на историјата со возобнување до разгорување на „националните интереси“ од минатите векови, тогаш, уште долги години ќе ги слушаме убавите зборови и на третата и на четвртата, па и на петтата генерација високи бриселски бирократи, се разбира, диригирани од европските „државници“ дека Македонија ги исполнува сите услови за почеток на преговорите со ЕУ, притоа задолжително додавајќи го онака патем, помалку чујното кај нас невозможно решение, да ги надмине во меѓусебни преговори спорните прашања со своите соседи, во оваа фаза читај со Бугарија.

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov

Ерол Ризаов

Макрон не ја крие загриженоста и по победата

За да дојдеме до некаков рационален одговор на овие суштински прашања, иако довербата во ЕУ во Македонија и во целиот западен Балкан е драматично падната сосема оправдано, неопходно е да се имаат предвид не само изборните резултати во Франција, туку и од крвавиот епилог на руската инвазија врз Украина. Факт е дека над 13,2 милиони Французи гласаа за Марин Ле Пен, односно 5,5% повеќе од претходните претседателски избори. Претседателот Макрон освои речиси 19 милиони гласови, односно околу два милиони гласови помалку од изборите во 2017 година.

За период од пет години ова е големо поместување на десно, ако не се земат предвид резултатите од првиот круг, кога засилената левица освои над 20 проценти од гласовите. За каков тренд се работи најдобро говори загриженоста на претседателот Макрон во неговиот прв говор по победата.

Традиционалната прослава пред Ајфеловата кула помина без големата и вообичена еуфорија во вакви прилики, иако за првпат по 20 години еден француски претседател добива втор мандат. Претседателот Макрон не ја криеше загриженоста кога се заблагодаруваше на Французите за победата, оценувајќи дека мнозинството Французи гласале за хуманистички , социјален и еколошки проект чиј носител е тој. Но, притоа јасно нагласи дека: многу брзо треба да дадеме одговор и на молкот, на досега најголемата апстиненција на гласачите. Тоа се однесува не само на тоа што многу Французи не гласаа, туку и на агитација и протестите на студентите и осиромашените Французи да не се гласа, со други зборови да се бојкотираат изборите поради незадоволството на голем број граѓани од политичките елити и од вкупните состојби во француското општество.

Знак на уште поголема загриженост на претседателот Макрон во неговиот прв говор беше заложбата за барање одговор на прашањето - зошто еден дел од гласачите се приклучија на екстремната десница иако не припаѓаат таму. Мораме да одговориме зошто овие луѓе се лути за да се приклучат на десницата, предупреди Макрон. Со тоа јасно го искажа своето стравување, доколку се повторат изборните резултати од првиот круг на претседателските избори по два месеца, кога ќе се одржат и парламентарните избори во Франција. Француската тврда левица и екстремната десница на Ле Пен, колку и да се спротивставени за некои клучни прашања, имаат прилично изедначени ставови и за односите со ЕУ, но и за внатрешнополитичките социјални и економски состојби во земјата. Ако и на скорешните парламентарни избори се повторат изборните резултати од првиот круг на претседателските избори, тогаш колку и да е силна позицијата на претседателот на државата, Макрон ќе мора да ги земе предвид односите на силите при состав на владата и на динамиката на своите реформски проекти.

Француското вето уште е во колективното паметење

Но, да ги препуштиме темелните анализи на француските избори на Французите и на светските аналитичари и да се вратиме на нашата болка - што тоа ќе значи за Македонија по најновите поместувања и изборната победа во најмоќната западноевропска држава, која заедно со Германија е најсилниот гарант за иднината на Европа. Во колективното паметење на граѓаните на Македонија ќе остане фактот дека претседателот Емануел Макрон беше првиот европски политички лидер на моќна држава кој практично по Преспанскиот договор го запре почетокот на преговорите со ЕУ, кои во тој момент никој не ги оспоруваше.

Напротив, поради компромисот со промената на уставното име во Република Северна Македонија почетокот на преговорите со ЕУ беше „готова работа“ илјада пати ветена од официјален Брисел. Ветото на претседателот Макронсо новата методологија и најавените европски реформи беше вистински шок и големо разочарување. Во изминатите четири години по Преспанскиот договор не видовме ништо ниту од новата методологија, ниту од европските реформи. Македонија се соочи со нова блокада, многу потешка од грчката, која длабоко задира во идентитетските посебности во историското минато на македонскиот народ и држава.

Апсурдноста на оваа одлука на Макрон стаса до таму што Македонија се најде во ситуација на исчекување да победи тој со надеж дека ќе ги исполни ветувањата што подоцна ги даде - дека Франција дава силна поддршка конечно да почнат преговорите со ЕУ. Тоа кај нас се виде како многу подобра опција отколку тврдиот став на Ле Пен кон ЕУ, особено кон нејзиното проширување.

Лоши вести во оптимистички пакувања

Најновите вести од Бугарија, соопштени од премиерот Кирил Петков и редовно од претседателот Румен Радев, завиткани во оптимистички пакувања, се уште полоши. Премиерот Петков ја актуелизира дополнителната декларација на бугарскиот парламент како преговарачка рамка која го ревидира практично потпишаниот договор за добрососедство и ги урива сите надежи дека во некое догледно време ќе се најде прифатливо решение. Петков вели дека нема да се симне ветото за почнување на преговорите, туку ќе се помести бидејќи Северна Македонија ќе преговара најмалку 10 години. Период во кој Бугарија ќе може да ги реализира сите свои условувања од преговарачката рамка и од собраниската декларација.

Со други зборови, Бугарија нема да направи ниту една остапка. За почеток се бара ултимативно промена на македонскиот Устав за македонските Бугари да бидат запишани како конститутивен народ уште пред да се отвори првото поглавје од преговорите со ЕУ. Без оглед на тоа колку е антиевропски и бесмислено барањето на промена на уставот на соседна земја, ова можеше да има некаква логика ако уставните промени со внесувањето на македонските Бугари се предвиди по затварањето на првото поглавје, а не пред неговото отворање.

Да потсетиме, првото поглавје со отпочнување на преговорите е владеење на правото, кое навистина прво се отвора, но последно се затвора. Тоа практично би значело дека со завршувањето на преговорите и со прием на Македонија во редовно членство во ЕУ би дошло и до уставните промени. Тоа Македонија може да го поднесе, бидејќи во нејзиниот Устав се набројани сите етнички заедници кои живеат во Македонија. Не поради тоа што инсистираат бугарските политичари категорично одбивајќи реципроцитет за бугарските Македонци, бидејќи нивниот устав не предвидува такво нешто, туку поради неминовноста дека во една подалечна иднина Македонија ќе зачекори во граѓанско општество, каде ќе се изедначат правата на сите граѓани од различните етнички заедници, напуштајќи го моделот на бинационална држава во која се онеправдани сите други, иако се конститутивни делови од народи.

Процентите од над 20 отсто за рамноправна застапеност и ексклузивни колективни права на едните над другите граѓани веќе се ограничувачки фактор за развој на демократијата и за изедначувања на правата подеднакво на сите граѓани.

Останува уште една голема непознаница - како и кога ќе заврши војната во Украина и како последиците ќе се одразат и врз Европа и во светот. Иако сега тоа изгледа како јакнење на европското единство, јасно се видливи несогласувања меѓу европските држави. Стравувањата од нуклеарна војна се големи, а економските последици драматично брзо уште повеќе ги осиромашуваат земјите во развој. Тоа го зголемува егоизмот на богатите западноевропски земји кои имаат спротивни ставови за опсегот на санкциите кон Русија поради енергетската зависност. Тој судир на интереси ќе се зголемува со долготрајноста и со жестината на војната.

Предупредувањето на канцеларот Кол

За илустрација на тоа колку можат да бидат непредвидливи настаните го одбрав предупредувањето на германскиот канцелар Хелмут Кол околу значењето на единството на Европа и неопходноста од мир, искажано во интервју за германскиот весник „Билд“ во 1998 година: „За оние кои не ја доживеале Втората светска војна и кои сега се прашуваат каква полза има од единството на Европа, одговорот е: и покрај толку долгиот период на мир во Европа, каков никогаш пред тоа не постоел, а кој трае повеќе од 65 години, и покрај големите проблеми и тешкотии кои мораме да ги пребродиме, е да има мир.“

И што се случи по ова предупредување на последниот европски лидер кој ги видел и доживеал страдањата од Втората светска војна? Само по неколку години од неговото предупредување, почна крвавиот распад на Југославија и страотна војна на југот на Европа, повторно предизвикана од заробениците на географијата и на историјата, од националистички и хегемонистички цртачи на граници, која однесе илјадници жртви и големи разорувања и која заврши со бомбардирање на НАТО на Србија. Денес границата на линијата на воениот оган од југ е поместена во центарот на Европа, каде пак од истите причини, според законот на посилниот, се воспоставуваат нови граници по цена на илјадници жртви и страотни разорувања и ужасни страдања на милиони луѓе.

Што може Макединија да прави во едни вакви околности на воена и економска криза? Поблиската и подалечна историја подучуваат да се постигне единство во сопствената земја, да се сочува мирот и да се работи целосно посветено на остварување на државните интереси. Одговорноста за тоа е најголема на политичките и на интелектуалните елити. Злоупотребата на оваа криза во политички и партиски цели е погубна.

Поврзана содржина