Штајнмајер одново ја предупредува Македонија | Северна Македонија | DW | 29.04.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Штајнмајер одново ја предупредува Македонија

Штајнмајер е загрижен дека по амнестијата на Иванов, Македонија е загрозена од внатрешно-политички турбуленции. Отежнат патот кон ЕУ и НАТО. Критика за блокираното ЕУ посредништво.

Шефот на германската дипломатија Франк- Валтер Штајнмајер ја предупреди Македонија дека си го блокира патот кон ЕУ и кон НАТО. Штајнмајер вчера во Берлин се сретна со албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати. На средбата долго се разговарало и за состојбата во Македонија.

„Се надевам дека во Македонија постои реалистичен поглед на нештата, дека растечката нестабилност и долготрајните конфликти многу ќе го отежнат патот кон ЕУ и НАТО“, рече Штајнмајер, запрашан да ги коментира најавите за можни санкции кон земјата и кон одредени политичари, кои неофицијално ги најавува ЕУ.

Штајнмајер смета дека по секоја цена мора да се спречи избувнување на насилство. Иако не објасни на кого конкретно мисли, шефот на германската дипломатија ја критикуваше и блокадата на посредништвото од ЕУ.

„Жално е што завојуваните партии ги блокираат обидите за посредување од страна на ЕУ“, рече Штајнмајер.

Ова е веќе трета реакција од официјален Берлин за кризата во Македонија, откако претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука за широка амнестија на политичари и нивни соработници. Цел на критики во најголем дел беше токму Иванов кому отворено му се префрла дека го нарушил Договорот од Пржино.

„Одлуката на македонскиот претседател е нарушување на Договорот (од Пржино, н.з.). Како што веќе се изјасни и министерот за надворешни работи (Штајнмајер н.з.) мора да се работи на компромис и да се почитува договореното“, изјави портпаролот на германското МНР, Мартин Шефер на 20 април годинава.

Германската влада минатата недела најави и дека постои можност да не се признаат резултатите од изборите доколку тие се одржат во актуелните околности.

Сепак, што се однесува до иницијативите за решавање на политичката криза и Штајнмајер потенцира дека тие мора да дојдат одвнатре.

„Од овој аспект, мала е надежта дека ние однадвор можеме да делуваме во Македонија“.

Иако одби директно да ги коментира најавите за санкции и повлекување на препораката за почеток на преговори, Штајнмајер испрати јасна порака:

„Во секој случај, ова не помага за посакуваното приближување на Македонија кон ЕУ“, вели германскиот министер.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама