Шведска печати нови банкноти, но и натаму круни | Свет | DW | 20.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шведска печати нови банкноти, но и натаму круни

Пипи Долгиот чорап сега дефинитвно стана шведска национална вредност - и Астрид Линдгрен доаѓа на банкнота на шведската круна. А, иако тоа не е јасно кажано, тоа значи дека и Шведска не е склона на воведување на еврото.

Астрид Линдгрен нема на што да се пожали, барем што се однесува до личноста која авторката на Пипи Долгиот чорап ќе ја замени на банкнотата. Таа доаѓа на местото на ликот на првата шведска и женска добитничка на Нобелова награда за книжевност воопшто, Села Лагерлеф. Единствено со што можеби ќе биде незадоволна е што доаѓа на апоен од 20 шведски круни, значи нешто над 2 евра.

Шведската централна банка објави и дека воведува нов апоен од 200 круни, затоа што постоела голема празнина меѓу банкнотите од 100 и 500 круни. Исто така, во наредните три години сѐ ќе се замени, па така и монетите - се разбира круни.

Дали тоа практично значи дека Шведска се откажува од идејата за воведување на заедничката европска валута, еврото? Портпаролката на Шведската централна банка, Ан-Лена Микивер, вели: „Не, на тоа не може да се гледа на таков начн. Старите банкноти се стари 30 години и мора да се подобрат мерките на сигурност против фалсификување“, одговори таа.

Досега двапати „не“

Па сепак, ако Шведска сега сака да ги замени банкнотите во вредност од 60 милијарди круни (а тоа е многу Пипи Долги чорапи), тоа во секој случај значи и дека Стокхолм во догледно време не размислува повторно да покрене иницијатива за воведување на еврото.

Зашто во ЕУ, со заминувањето на Велика Британија, на тој начин ќе остане само една држава која во своите пристапни преговори ја задржа клаузулата „Opt-Out“, според која може, но не мора да ја воведе заедничката валута: Данска. Таа практично веќе ја врза својата валута за еврото, но Шведска веќе двапати се обидуваше да воведе евро и двата пати иницијативата пропадна.

Откако ѝ пристапи на ЕУ во 1995 година, Шведска им даде на своите граѓани време сѐ до 2003 година да размислат за предностите на заедничката валута. На тој референдум 56% од Швеѓаните се одлучија за задржување на круната. Иако тој референдум не беше обврзувачки за владата, Стокхолм реши сѐ да остане по старо - уште 10 години.

Тој рок истече во 2013 година и Шведска лесно ги исполнуваше сите критериуми за стабилност на заедничката валута - значи за државното задолжување, дефицитот и инфлацијата - за да ѝ биде допуштено да го воведе еврото.

Но, на тоа не можеше да се одлучи ниту тогашната малцинска црвено-зелена влада, а ниту претходната конзервативна влада не беше склона кон напуштање на круната. Значи, во шведскиот парламент дефинитивно немаше мнозинство за воведувањ ена еврто, а и во Брисел, односно во централата на ЕЦБ во Франкфурт, мораа да го прифатат фактот дека Швеѓаните се всушност натерани да купуваат „мачка во вреќа“, зашто тие на ЕУ ѝ се приклучија во 1995 година, а еврото е воведено дури во 1999-та.

Затоа и тогаш не беше вршен голем притисок врз Шведска. Што е сега со печатењето нови банкноти? Кога и дали ќе биде воведено еврото? „Сосема едноставно кажано - ќе видиме“, одговори портпаролката на Шведската централна банка.

Реклама