Циничен покер во Сирија | Свет | DW | 27.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Циничен покер во Сирија

Турското влегување во Сирија ги меша картите на фронтот. САД го поддржуваат новиот крус на Ердоган. Погодени од тоа се пред сѐ Курдите, кои веројатно се разочарани од Вашингтон, оценува Керстен Книп.

Ако некој во арапскиот свет е велемајстор за цинизам, тогаш тоа е сирискиот претседател Башар ал-Асад. Од 2011. година тој, најбрутално што може, се бори против легитимен противник - против сопствениот народ. На тој начин, како и со свесно калкулираната одлука од сириските затвори да ослободи верски есктремисти, тој ја распламте војната која, барем краткорочно, почна да се развива во негова полза.

Тој дозволи на сириска почва да настане монструм против кој се обедини цела низа држави, монструм кој се вика терористичка милиција „Исламска држава“ (ИД). Русија, Иран, Ирак и Хезболах на една страна, Американците, Саудиска Арабија, Катар, како и ЕУ- на друга страна. Сите се обединија во текот на војната во борба против ИД и на тој начин придонесоа и за опстанок на режимот на Асад.

Делумно успешна игра на Асад

Сега и Турција - уште еден противник на Асад - ја промени страната. Еден турски воен конвој ја премина границата со соседна Сирија. Официјално се работи за борба против ИД која е одговорна за повеќе крвави напади во Турција. Неофицијално, а можеби тоа е и примарна цел, се работи за борба против Курдите, чии позиции во Сирија Турција досега ги напаѓаше со борбени авиони.

Knipp Kersten Kommentarbild App

Керстен Книп

Играта на Асад успеа: во судирот против монструозните „божји воини“ на ИД, и тоа без оглед на сторените најтешки воени злосторства и злосторства против човештвото, нему појде од рака да се претстави како лидер во борбата против варваризмот. Меѓународната заедница во него гледа помало зло отколку борците на ИД кои им сечат глави на своите жртви.

Веќе сега може да се каже дека сметката на Асад ќе доведе во најдобар случај само до некаков крај. Тој можеби ќе успее да се одржи на власт уште некое време. Но, повеќе од неизвесно е што на крајот ќе остане од државата која му е доверена, државата која ја наследи од својот татко. Русија и Иран не го поддржуваат Асад само поради чисто пријателство. Тие, кога за тоа ќе дојде време, ќе ја обелоденат и цената за својата политика.

Курдите пред нови предизвици

А, што се однесува до Турција: од претседател на држава кој се повикува на духот кој го „втемелил Османлиското царство“ може да се очекува сѐ. Дел од Османлиското царство некогаш било и подрачјето на денешна Сирија. Нејасно е какви мисли во Анкара поттикнува ова историско сеќавање. Во секој случај, во Сирија, по влезот на турските сили, се формираше уште еден фронт.

Најнесреќни поради турскиот упад се веројатно Курдите - и оние во Сирија, но и оние во Турција. Се чини дека нивните планови за натамошна автономија претрпеа тежок удар. Удар добија и кога американскиот потпретседател Џо Бајден во текот на посетата на Анкара побара од сириските Курди да се повлечат на подрачјето источно од Еуфрат. „Категорично го поддржуваме она што го прави турската војска“, рече Бајден по состанокот со турскиот претседател Ердоган. САД, освен тоа, на Курдите им се заканија дека ќе ја намалат воената помош.

Судена реал-политика

Тоа е јасен сигнал дека приоритетите на Вашингтон се во - Анкара. Турско-руското приближување, дискретните турско-ирански разговори во Анкара, новиот тон во изјавите на Башар ал-Асад - сигурно е дека западните партнери на Турција сето тоа го регистрираа со загриженост. Анкара, како што се стравува, би можела да се „префрли“ во руско-шиитскиот табор. Западот сака да го спречи тоа - Бајден со своите изјави не прецизираше ништо друго, освен токму тоа.

Сметката за тоа би можеле да ја платат досегашните партнери на САД во борбата против ИД - Курдите. Тие сега веројатно повторно чувствуваат дека, ако не се измамени, тогаш барем не се почитувани, и тоа сто години откако западните држави во преговорите за повоеното уредување го „избришаа“ веќе најавеното формирање на курдска држава. Затоа регионот и во иднина ќе остане немирен.

DW.COM

Реклама