Хајко Мас: историска шанса за Скопје
8 ноември 2018Трета средба годинава меѓу германскиот и македонскиот министер за надворешни работи од која повторно стигна охрабрување од Берлин за продолжување на патот кон НАТО и ЕУ.
Мас и Димитров утрово имаа работен доручек во Берлин по кој шефот на германската дипломатија рече дека му порачал на македонскиот колега да продолжи како и досега.
„Историска шанса за Скопје: кога ќе биде решен проблемот со името со Грција отпаѓа една одлучувачка пречка за приближувањето кон ЕУ и НАТО“, твитна германското министерство за надворешни работи, цитирајќи го Мас.
На средбата со Мас, Димитров изразил благодарност за поддршката од Германија за имплементација на реформските приоритети.
Дводневната посета на Берлин, Димитров вчера ја почна со предавање на Хумболт универзитетот и средби со повеќе германски државни и невладини функционери, а попладнето имаше обраќање и пред Комисијата на Бундестагот за европски прашања на покана на нејзиниот прв човек, Гинтер Крихбаум.
Мас дојде во посета на Скопје во септември годинава, во пресрет на референдумот и една недела по посетата на канцеларката Ангела Меркел, за да изрази поддршка за успех на изјаснувањето на граѓаните.