Хан: Без оглед на изворот, тврдењата на Заев мора да се истражат | Северна Македонија | DW | 11.03.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Хан: Без оглед на изворот, тврдењата на Заев мора да се истражат

Остри пораки и длабока загриженост во Европскиот парламент за Македонија. Комесарот Хан бара истрага за наводите на Заев, а за Хауит нема дилема дека во Македонија масовно се прислушувало.

Пораки на длабока загриженост и предупредувања до власта и опозицијата во Скопје, беа испратени од синоќешната (10.03) седница на Европскиот парламент во Стразбур, на која се расправаше за извештајот за напредокот на Македонија во ЕУ-интеграциите.

Комесарот за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан ја соопшти „големата загриженост“ на Европската комисија поради „селективното судство, проблемите со слободата на говорот и недостатокот на дијалогот“, кои според него, само се заостриле со актуелната криза.

Хан информираше дека при посетата на земјата во февруари годинава им порачал на сите политички лидери дека „си играат со иднината на земјата“. Притоа, тој потенцираше дека без разлика на изворите на материјалите кои ги објавува лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, тие мора сериозно да се истражат од институциите.

„Без разлика на изворите на прислушувањето кои треба да се истражат, секоја потенцијална злоупотреба која се открива во нивната содржина мора да биде истражена и да се преземат адекватни мерки. Особено ако нарушуваат такви фундаментални прашања како што се владеењето на правото и поделбата на власта. Во период кога довербата во институциите е ниска, сите јавни личности мора да се однесуваат одговорно и да преземат одговорност за своите постапки“, порача комесарот Јоханес Хан.

Настапите на Груевски ја зголемуваат загриженоста

Richard Howitt Europaabgeordneter Labour Party 2013

Ричард Хауит

Длабока загриженост поради случувањата во земјата искажа и поранешниот известувач на Европскиот парламент за Македонија, британскиот пратеник Ричард Хауит, кој рече дека се понудил како олеснувач и во актуелната криза.

„Заканите со затворска казна за лидерот на опозицијата во Македонија се опасен момент за демократијата во земјата. Фактот што обвинувањата на сметка на Заев ги искажа лично премиерот на прес-конференција само дополнително ја зголемуваат загриженоста која веќе беше голема поради доказите презентирани во објавените аудио разговори, а кои говорат за наводно вознемирувачко политичко мешање во судството и во медиумите“, рече Хауит.

Британскиот парламентарец посочи дека во моментите на неговото обраќање во парламентот, во Македонија во исто време опозицијата објавува нови материјали за злоупотребите на власта, а владата одговара со нови обвиненија за наводна корупција против Зоран Заев.

„Нема сомнеж дека се случувало масовно прислушување и дека барем дел од објавените материјали се вистинити, ние не можеме да ги игнорираме тие докази, а не може ниту комесарот“, рече Хауит. Понатаму тој оцени дека постои „жална историја“ во Македонија, во регионот и во други делови на Европа, каде преку систематско прислушување се водат битки во политички цели.

„Нема веќе место за вакви пракси“, рече Хауит, дополнувајќи дека повеќе не им веруваат на ветувањата за реформи кои доаѓаат од македонските власти.

„Сега повторно ни се даваат ветувања за реформи на правосудството и медиуми, иако такви ветувања беа давани и порано и не беа исполнети. Ќе мора да се наметнат нови елементи за набљудување и оценка кои ќе овозможат компетентност во земјата, и кредибилитет кон надворешниот свет“, заклучи британскиот пратеник и поранешен известувач за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Хауит.

Bulgarien Sergei Stanishev

Сергеј Станишев

Бугарскиот европратеник и лидер на Социјалистичката партија Сергеј Станишев, во дебатата потсети дека веќе една година опозицијата е надвор од парламентот и оцени дека основните демократски стандарди се загрозени и дека „селективното судство е основниот проблем во државата“.

Едуард Кукан, поранешен словачки министер за надворешни работи и пратеник од редот на Европските народни партии изрази разочараност што од година в година одново се дискутира состојбата во Македонија. Изјави дека е загрижен поради острата конфронтација меѓу власта и опозицијата. „Скандалот со прислушувањето удира во основата на демократијата на земјата и ја намалува довербата на граѓаните во политиката. Мораме да бидеме подготвени да помогнеме“, порача Кукан.