Фудбалскиот Мундијал се проширува на 48 репрезентации | Панорама | DW | 10.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Фудбалскиот Мундијал се проширува на 48 репрезентации

Советот на ФИФА едногласно изгласа проширување на Светското првенство во фудбал на 48 репрезентации од 2026 година, со формат од 16 групи со по три тимови

Веста прво беше објавена на официјалниот Твитер-профил на светската фудбалска организација. Одлуката е голем успех за новиот претседател Џани Инфантино кој проширувањето го направи врвен приоритет на својот мандат.

Контроверзниот потег не мина и без критики од дел од најмоќните спортски функционери, вклучително и предупредувања дека ќе се намали квалитетот на натпреварите и ќе се преоптоварат и онака преморените фудбалери.

Шефот на ФИФА беше убеден дека проектот ќе биде усвоен, а во исто време и ќе донесе далеку повеќе пари во неговата организација. Таен извештај на ФИФА проценува дека Мундијалот со 48 репрезентации ќе донесе околу 600 милиони евра повеќе одошто следното светско првенство во Русија во 2018 година.
Но, Инфантино тврдеше дека поголемата инклузивност ќе влијае позитивно врз развојот и растот на фудбалот. 

Gianni Infantino

Џани Инфантино

Се очекува големи добитници од проширувањето да видат Африка и Азија кои во моментов добиваат по 5 места на Мундијалите. Ќе се зголеми и бројот на репрезентации од Европа, од каде во моментов учествуваат 13 национални селекции. Во иднина, Европа би добивала 16 места, а Африка - 9.

На последното првенство учествуваа вкупно 32 репрезентации. На првиот Мундијал одржан во 1930 година во Уругвај, се натпреваруваа само 13 тимови. Првата поголема експанзија се случи во 1982 во Шпанија со 24 тимови, а актуелниот број на учесници започна да се применува од 1998 година во Франција.

Реклама