1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Француски политичар: САД ни земаат „пред нос“ заштитни маски

ЖА / агенции
2 април 2020

Повеќе француски регионални политичари ги обвинија САД дека со натплаќање им ги одземаат порачаните заштитни маски во Кина.

https://p.dw.com/p/3aLtE
Symbolbild Coronavirus Kisten mit Mundschutzmasken
Фотографија: picture-alliance/dpa/Belga/E. Lalmand

Францускиот регион Гранд Ест на границата кон Германија, кој е посебно тешко погоден од пандемијата со коронавирус, ги обвинува САД дека со наддавање ги откупува итно потребните заштитни маски во Кина. Претседатеот на регионот Гранд Ест, Жан Ротнер, вчера за ТВ РТЛ изјави дека Американците практично „пред нос“ им ги купуваат заштитните маски кои ги порачала Франција во Кина.

„Тие даваат пари во кеш и тоа трипати или четирипати повисока цена од нашата“, критикува Ротнер. Тој не кажа колку маски САД откупиле на овој начин, но истакнува: „Мора да се бориме“.

Владата во Париз засега не ги потврди овие изјави. Франција поради кризата со коронавирусот порача една милијарда заштитни маски во Кина. Францускиот претседател Емануел Макрон меѓутоа планира да го засили домашното производство на заштитни средства и опрема и до крајот на годината земјата да стане во тој поглед независна од увозот од Кина.

Повеќе:

Колку помагаат заштитните маски за одбрана од коронавирусот

Стравот од коронавирус - Елдорадо за измамници

Како Германија загуби 6 милиони заштитни маски... во Кенија?!

Јагма за маски за дишење поради коронавирусот

Регионот Гранд Ест, покрај Елзас и Лотринген ја опфаќа и областа на Шампањ-Арден. Според класификацијата на германскиот институт Роберт Кох, тој важи за кризен регион. Како последица на белодробната болест Ковид-19 таму официјално починаа речиси 1600 лица.

Во цела Франција според Министерството за здравство има преку 4.000 жртви на коронавирусот, но во бројката се опфатени само починатите регистрирани во болниците.