Францускиот предлог за ЕУ нема да биде и единствен | Северна Македонија | DW | 20.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Францускиот предлог за ЕУ нема да биде и единствен

По министерската расправа за проширувањето, јасни се три работи: ЕУ не му го врти грбот на Западен Балкан, има место за подобрување на процесот на пристапување, а францускиот предлог нема да биде и единствен .

По октомвриските маратонски и неуспешни разговори на лидерите на ЕУ за продолжување на процесот на пристапување кон Унијата, ноемврискиот состанок на Советот на министри за општи и европски работи беше прилика со „ладна глава“ да се разгледа ситуацијата во областа на проширувањето и процесот на стабилизација и пристапување на земјите од Западен Балкан. Претседавачот на Советот на ЕУ, финската министерка за европски прашања Тити Тупураинен, вели дека таа министерска расправа претставува почеток на дебатата за новите чекори во политиката на проширување за кои допрва ќе стане збор во подготовката за разговорите на лидерите на ЕУ планирани за напролет.

„Заклучоци од состанокот нема, но идејата е да се испрати јасна порака за нашата посветеност на политиката на проширување и земјите од Западен Балкан. Сите ја поддржуваме европската перспектива на регионот“, вели Тупураинен.

Формалната поддршка на ЕУ-перспективата на Западен Балкан во моментов е можеби и единствениот заеднички именител кога станува збор за позициите на земјите членки во однос на продолжението на проширувањето и пристапувањето на ЕУ. Повеќето од нив се согласува и околу тоа дека во процесот на пристапување има место за некои подобрувања. Разговорите ќе продолжат околу обемот и правците на можни промени со цел до мајскиот самит ЕУ-Западен балкан во Загреб да се „стави на нозе“ поефикасна политика на проширување.

Повеќе:

По францускиот нон-пејпер: Се засилува судирот во ЕУ за проширувањето

Времето не оди во полза на францускиот „нон-пејпер“

Франција предлага седум чекори до полноправно членство во ЕУ

Еден нон-пејпер, толку голема врева

Зошто Париз бара промени?

За поефикасен, поконкретен и покредибилен процес на пристапување кон ЕУ на Советот на министрите зборуваше француската државна секретарка Амели де Моншален: „Она што сега го гледаме е дека процесот не функционира затоа што трае долго, фрустрирачки е за учесниците, не е политички воден од страна на ЕУ, туку постои некој автоматизам, а пред сѐ граѓаните на земјите кои преговараат не ги наоѓаат своите интереси во таков процес.“

Зборувајќи во полза на францускиот предлог кој подразбира „фазно“ пристапување на ЕУ, поддржано со структурни фондови на Унијата, но со построги критериуми и можно назадување, па и прекин на пристапните преговори, Амели де Моншален нагласува дека процесот каков што е во моментов не дава конкретен напредок на терен. Како доказ таа наведува дека и покрај повеќегодишните реформи и усогласување со стандардите на ЕУ, голем број луѓе и натаму се иселува од земјите на Западен Балкан во потрага по подобар живот.

Иако францускиот предлог формално не беше тема на разговорите на министрите на ЕУ, извори од состанокот велат дека некои членки ја поддржале иницијативата на Париз, додека други изразиле „загриженост и претпазливост“.

Amelie de Montchalin (picture-alliance/AA/D. Aydemir)

Амели де Моншален нагласува дека процесот каков што е во моментов не дава конкретен напредок на терен

Францускиот предлог нема да биде и единствен

Дека францускиот предлог за промена на методологијата на пристапување нема да биде и единствениот за којшто ќе се разговара стана јасно по писмото кое шест земји членки на ЕУ ѝ го испратија на Европската комисија ден пред министерската расправа за проширувањето. Австрија, Италија, Словенија, Словачка, Чешка и Полска се заложија за подобрување на процесот на пристапување кон ЕУ, со услов паралелно да се напредува во процесите на конструктивна расправа за „подобрувања“ и продолжение на пристапувањето на земјите од Западен Балкан.

Писмото првобитно го потпиша и Хрватска, но потоа го повлече потписот поради, како што објасни државната секретарка Андреја Метелко Згомбиќ, фактот што Хрватска наскоро го презема претседавањето со Советот на ЕУ и несоодветно е „формално да е приклучена кон конкретен предлог“.

Шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг вели дека во текот на министерскиот состанок во Брисел кон писмото се „приклучиле“ некои други членки на ЕУ. „Подготвени сме да се ангажираме позитивно и конструктивно во дискусијата за подобрување на процесот на поширување. За такво нешто има секогаш место, но јасно велиме дека тоа не смее да биде предуслов за новите чекори на Албанија и Северна Македонија“, објаснува Шаленберг.

Belgien Neue EU-Kommissionspräsidentin Ursula von der Leyen (picture-alliance/Photoshot/Zhang Cheng)

Новата Европска Комисија ќе биде таа која ќе даде предлози врз основа на кои ќе се разговара натаму во Советот (фото: Урсула фон дер Лајен)

Тој додава дека покрај предлозите на земјите членки Европската комисија ќе биде таа која ќе дефинира евентуални промени во процесот на проширување. „Одлучувачки ќе биде тоа што ќе го претстави Европската комисија. Таа е онаа која има водечка улога кога станува збор за техничко и секојдневно следење на политиката на проширување“, вели Шаленберг.

Со него се согласува и Тити Тупураинен: „На крајот, ЕК ќе биде таа која ќе даде предлози врз основа на кои ќе се разговара натаму во Советот.“

Во Советот на ЕУ велат дека сега се чека новата Европска комисија да почне со работа, што би требало да се случи на почетокот на декември. Тогаш и официјално ќе ѝ биде упатено барање да ја претстави новата методологија, односно конкретен предлог за подобрување на ефикасноста на пристапниот процес како инструмент за поддршка на реформите и интеграциите на Западен Балкан. Рокот кој во моментов постои за изработка на тој предлог е јануари 2020 година.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама