Франција нема да дозволи одвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ | Свет | DW | 03.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Франција нема да дозволи одвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ

Советникот за европски прашања на францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ зборува за политиката на проширување на ЕУ и за приоритетите на Париз во тој процес.

По заминувањето на Велика Британија од ЕУ, Франција повеќе ќе се концентрира на истокот на континентот, најавува советникот на Макрон, Клемен Боне во разговор за ФАЦ во пресрет на денешната посета на францускиот претседател на Полска. По Брегзит, поважно е од кога било е да се надминат несогласувањата во ЕУ и да се стави фокусот на заедничките интереси, објаснува Боне.

„Посетата на Полска е симбол на нашата волја, по Брегзит да гледаме во иднината“, вели советникот, додавајќи дека Франција долго време не успевала да се соочи со проширената ЕУ.

Таков беше случајот и во октомври минатата година, кога на самитот на ЕУ, Макрон го блокираше почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Франција сега се залага за изнаоѓање компромис на оваа тема, откако Европската комисија деновиве ќе го претстави планот за реформа на преговарачката методологија, на кој инсистираше токму Париз.

Франција сака да се повлече од блокадата на почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, веднаш штом се постигне единство околу реформата, вели Боне.

„Ќе се спротивставиме на тоа Северна Македонија и Албанија да бидат третирани одделно. Тоа ќе биде спротивно на нашата желба да се поттикне стабилноста на регионот“, вели Боне за ФАЦ

Против одвојувањето на Скопје и Тирана во преговарачкиот процес во повеќе наврати се изјасни и францускиот претседател Макрон, последен пат во интервјуто за магазинот Економист во ноември минатата година: 

„Најголемиот дел (од земјите-членки) беа за отворање преговори со Северна Македонија, но речиси половината беа против преговори со Албанија. Тоа ќе беше фатална грешка“, вели Макрон во интервјуто.

„Реалноста е дека доколку не отворите преговори и со Албанија, создавате ужасна траума во регионот. Албанските јазични заедници се насекаде. Доколку ја понижите Албанија, ќе направите трајна дестабилизација на регионот“, објаснуваше Макрон.

Поранешната француска министерка за Европа и актуелна европратеничка Натали Лоазо на крајот на минатиот месец во интервју за Дојче веле изјави дека Париз и натаму го поддржува проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, но под поинакви услови.

„Мора да го преиспитаме целиот процес на преговори за приклучување. Не функционираше. Сакаме да се правиме слепи и да велиме дека имаме политика, а всушност е само бирократија? Не, мора да бидеме сериозни. Јас сум смртно сериозна во врска со важноста на европската перспектива за Западен Балкан. И, бидејќи верувам во тоа, не сакам тоа да им се остави на бирократите. Сакам да бидам длабоко вклучена во она што им се бара на земјите: одговорноста, владеење на правото, борба против корупцијата, борба против организираниот криминал“, рече Лоазо.

Германската канцеларка Ангела Меркел, минатата недела, по средбата со албанскиот премиер Еди Рама во Берлин изјави дека нејзината влада поддржува позитивна одлука за почеток на преговорите со Скопје и Тирана на самитот на ЕУ во март. Влезот на државите од Западниот Балкан во ЕУ не е само интерес на овие земји, туку и на ЕУ, рече Меркел.

 

Реклама