Фон дер Лајен може да настрада од „своите“ Германци | Свет | DW | 12.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Фон дер Лајен може да настрада од „своите“ Германци

За првпат постои шанса жена да биде на чело на Европската комисија. СПД треба да ја надмине својата тврдоглавост и како и останатите социјалдемократи да гласа за германската министерка, смета Феликс Штајнер.

Германците се малку чуден народ. По дефиниција членовите на Европската комисија се независни од насоките и политиките на своите матични земји. Но се разбира, секоја земја членка си смета за успех кога некој од нејзините ќе се најде на некоја од влијателните врвни европски позиции.

Но, не и Германците – од моментот кога  Урсула фон дер Лајен  беше номинирана од шефовите на држави и влади за челното место на Европската комисија во земјата само се коментира, критикува и се жали. Најгласни критичари се Социјалдемократите, поради што уште при гласањето на самитот на ЕУ дојде до апсурдна ситуација кога за Фон дер Лајен гласаа 27 од 28 лидери. Германската канцеларка Ангела Меркел мораше да се воздржи од гласање бидејќи така сакаше нејзиниот коалициски партнер во Берлин – СПД.

Изневерување на изборниот принцип?

Не, „другарите“ се разбира немаат ништо против тоа по повеќе од 50 години повторно на чело на Комисијата да застане Германец. И секако тие немаат ништо против жена да ја преземе ова позиција.

Не, СПД е разочарана поради изневерување на принципот за избор на врвен кандидат.  Урсула фон дер Лајен воопшто не беше кандидат на европските избори  и според тој принцип, таа воопшто не може да биде номинирана. Ова правило додуша не стои во ниту еден ЕУ договор, но веќе пет години се спроведува и поради тоа се смета како дел од официјалните регулативи.

Социјалдемократите не сфатиле дека симпатиите за врвниот кандидат надвор од Германија беа умерени. Што и не е изненадувачки бидејќи поради недостиг на познавање на локалните јазици, врвните кандидати во Полска, Италија и Шпанија ни приближно не беа застапени како во лулката на социјалната демократија. И тоа не само во неодамнешната изборна кампања, туку и во 2014. Но Германците исто така не можеа да гласаат за Жан Клод Јункер во 2014, а во мај ниту за Холанѓанецот Франс Тимерманс. Исто како и сите не-Германци пред пет години за Мартин Шулц, ниту пак за Манфред Вебер на крајот на мај. Па оттука кој принцип е изневерен, и кои гласачи се излажани за нивниот глас?

Steiner Felix Kommentarbild App

Феликс Штајнер

И покрај тоа што Социјалдемократите од другите земји веќе загрижено ги прашуваат своите германски колеги, зошто се категорично против, за нив севкупниот персонален пакет е прифатлив – СПД останува тврдоглав. Упорно држење до својот став не залудно се смета за германска доблест. Во средата тие презентираа листа на англиски јазик со  сите слабости и проблеми на Урсула фон дер Лајен:  почнувајќи од сомнежите за плагијат на нејзиниот докторат од пред три години до изобилство на поголеми и помали скандали во Министерството за одбрана и војската.

Социјалдемократска бука

Но овој документ не кажува едно нешто: Зошто оваа жена веќе пет и пол години успешно се одржува на местото министер за одбрана. Откако претходно четири години беше на чело на Министерството за труд и социјала, а истера и еден мандат како министерка за семејство. Ова значи дека има многу поголемо искуство во јавната администрација од врвните кандидати на фракциите Манфред Вебер и Франс Тимерманс заедно.

Но едно мора да им се признае на Социјалдемократите: буката што ја направија има влијание. Анкетите во меѓувреме покажуваат дека мнозинството Германци смета дека Урсула фон дер Лајен не е соодветен човек за позицијата во Брисел.  И медиумските извештаи за тоа кој ќе гласа за Фон дер Лајен следниот вторник исто така придонесуваат кон таквата слика: покрај Европските народни партии, ЕНП, како сигурни се сметаат полската ПиС, партијата Фидес на Виктор Орбан и Лега норд на Матео Салвини – во превод сите партии кои секој совесен Германец ги отфрла од морални причини.

Изненадувања не се исклучени

Од друга страна човек се прашува што им се допаѓа на луѓето кај Урсула фон дер Лајен. Таа е мајка на седум деца. И да, таа е министерка за одбрана која секогаш добро се држи на подиумот на НАТО. Тоа особено се цени кај државите од поранешниот советски блок. Таа исто така беше и еден од најверните поддржувачи на бегалската политика на Ангела Меркел. Во овој поглед многу денешни поддржувачи на номинацијата на Урсула фон дер Лајен за претседател на ЕК, може да бидат изненадени.

Но сѐ уште не е се решено. Изборот на Фон дер Лајен следната недела се чини е многу веројатен, но не и сигурен. Изненадувања не се исклучени.

DW.COM

Реклама