Фон дер Лајен- добар избор во турбулентни времиња | Свет | DW | 17.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Фон дер Лајен- добар избор во турбулентни времиња

До последен момент беше неизвесно дали Урсула фон дер Лајен ќе биде избрана за претседател на Европската Комисија. Нејзиниот одличен говор и недостатокот на алтернативи сепак ги убедија пратениците, смета Инес Пол

И во ова интернет доба постојат моменти во кои изречениот збор е решавачки. Тоа стана јасно кога во вторникот Урсула фон дер Лајен се обрати пред Европскиот парламент во Стразбур во обид да ги придобие пратениците. Формално, зборот треба да има одлучувачка одлука во парламентот. Но во реалноста, парламентарните одлуки се договораат уште пред да се разменат било какви аргументи. Овојпат не беше така. Урсула фон дер Лајен можеше многу да добие или да изгуби. Таа мораше да се докаже на големата и понекогаш хаотична европска сцена. Мораше да ги придобие скептиците, да им се додвори на сојузниците, и да ги смири противниците. И мораше да креира адекватен европски момент.

Феминистички, социјално и зелено

Сето тоа и успеа на фон дер Лајен, обезбедувајќи поддршка да стане претседател на Комисијата со мнозинство од само девет гласови. На изненадување на нејзините конзервативни колеги, оваа убедена феминистка го апострофираше значењето на социјалните и еколошките политики, и уверливо ја потенцираше потребата од родова еднаквост. Нејзината најдобра идеја, сепак, беше да го одржи говорот на три европски јазици. Говореше на француски за новиот елан за иднината на ЕУ, на англиски за да ги истакне фактите и барањата како што е повисокиот данок за големите корпорации и за родова еднаквост. Конечно, фон дер Лајен се обрати и на германски, емотивно аргументирајќи дека таа, родена во Брисел, е најдобар избор за врвната позиција.

Ines Pohl Kommentarbild App (DW/P. Böll)

Инес Пол

Вториот најдобар избор

Не беше тајна дека фон дер Лајен не беше прв избор за функцијата. Таа знаеше дека ќе мора да се бори против овој хендикеп со финеса и темелност во обид да се претстави во најдобро светло. Можеше и да изгуби, но изненади со тоа што хендикепот го претвори во предност. Им контрираше на анти-Европејците и на оние кои ја отфрлаат Унијата отфрлајќи ги нивните провокации. Ќе мора да остане на овој одлучен курс и да го затвори десното крило. Иако тоа не е гаранција за успешно претседателствување, но е добар почеток и добар ден за Европскиот парламент кој направи демократски избор.
Најголеми губитници се германските социјалдемократски пратеници. До самиот крај тие инсистираа на принципот на избор на водечки кандидат (Шпиценкандидат) за претседател на Комисијата. Како да не им беше важно тоа што ниту еден од тие кандидати не можеше да обезбеди мнозинство. Или дека ЕУ ќе западнеше во сериозна криза доколку не победеше фон дер Лајен.
Европскиот парламент го кажа своето. И докажа, уште еднаш, дека политиката е уметност на можното.

 

DW.COM

Реклама