ФАЦ: Поразот и оставката на Заев, е и пораз на Европската Унија | Северна Македонија | DW | 02.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ФАЦ: Поразот и оставката на Заев, е и пораз на Европската Унија

Оставката на Зоран Заев е лоша вест за Брисел, анализира германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг. Весникот прогнозира дека Никола Димитров е кандидат за технички премиер на новата влада.

Mazedonischer Premierminister Zoran Zaev Rede vor dem Europaparlament

Зоран Заев говори пред Европскиот парламент во септември 2018

Кога Зоран Заев ја презема власта во 2017, Македонија беше безбедносно-политички изолирана земја. Од 2020 година, Северна Македонија е членка на НАТО. Тоа е накусо сублиматот на владеењето на Заев кој го прави Франкфуртер алгемајне цајтунг, по најавената оставка на премиерот. 

Притоа, весникот упатува на еден важен аспект:
„Клучно за мандатот на Заев не беше само тоа што му успеа, туку многу повеќе, тоа што му беше ускратено“. На Заев му успеа да постигне компромис со Грција и да го смени името во Северна Македонија „со еден храбар и одважен внатрешно-политички маневар“.
„Но неговата храброст не беше наградена, или во најмала рака само со утешната награда за членство во НАТО. Неговата главна политичка цел, почетокот на преговорите со ЕУ, Заев ја пропушти. Тоа не беше негова вина, напротив. Случајот на Заев е школски пример за регионот. Веројатно премиерот на Северна Македонија во заминување ќе биде последниот премиер во регионот кој беше подготвен, за ткн. европска перспектива на неговата земја, да презема огромни политички ризици врз себе. 

Пораз на ЕУ  

Затоа, поразот на Заев може да важи и за пораз на ЕУ и на нејзината досегашна политика на проширување на Балканот“.

Урсула фон дер Лајен Зоран Заев

Поразот на Заев може да важи и за пораз на ЕУ и на нејзината досегашна политика на проширување на Балканот, пишува ФАЦ

Поразот на СДСМ на локалните избори, како и фактот дека ДУИ го загуби Тетово, заокружено со оставката на Заев, остава малку шанси дека актуелната влада ќе издржи до редовниот термин за парламентарни избори во 2024 година, пишува понатаму ФАЦ, и потсетува на тенкото мнозинство од 62 пратеници во парламентот на „хетерогената коалиција". 

„Тоа може да ја врати на власт националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Доколку дојде дотаму, тоа ќе значи крај на една политичка епизода на Балканот, која има големо значење и за прашањето за тоа каква улога игра ЕУ во регионот и на кој начин може да ги наметне своите интереси наспроти актери како Русија или Кина." 

„Заев фрли се на европската карта. Тоа што неговата партија на локалните избори доживеа тежок пораз има врска и со лошото локално раководење- соговорник од Скопје зборува за 'комбинација на неспособност и ароганција’.  Но поразот не може да се гледа само низ призмата на лошата локална политика. Тој е дел од еден поширок развој. Доколку ЕУ ги исполнеше ветувањата кон Заев, и Северна Македонија ги започнеше преговорите за членство, атмосферата во земјата веројатно ќе беше поинаква." 

„Поради тоа што по грчкото вето против Македонија, следуваше бугарското вето против Северна Македонија, а ЕУ и земјите-членки не успеаја да ја одвратат Софија од нејзината деструктивна политика, преговорите никогаш не започнаа“. 

„Одеднаш почна да изгледа дека националистичката опозициска ВМРО ги има подобрите аргументи. Нејзините политичари говореа за измама при промената на името:  Македонија се откажа од важен дел од нејзиниот идентитет, а на крајот не може да преговара ни за членство во ЕУ." 

Nord-Mazedonien: Nikola Dimitrov, Außenminister

Според ФАЦ, Никола Димитров би можел да го преземе раководењето со владата

„(...) Во секој случај, секој иден премиер во Скопје добро ќе размисли дали се исплати да се почитуваат барањата и реформските очекувања на ЕУ, кога ветувањата за членство се шупливи." 

Никола Димитров- технички премиер? 

Во однос на идниот развој на ситуацијата во земјата, ФАЦ проценува дека се можни три сценарија: актуелното мнозинство да продолжи да владее со нов премиер; да се формира техничка влада која на одреден период би ја предводела земјата. За втората варијанта, весникот пишува дека кандидат за премиер е поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Третата варијанта се предвремени избори, кои според ФАЦ, ги турка лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. 

„Во која насока ќе се развива Северна Македонија предводена од Мицкоски, не е јасно. Формално, ВМРО не ја отфрла целта за членство во ЕУ. Но, во годините на владеењето на Груевски земјата систематски се оддалечуваше од ЕУ. ВМРО не ја признава ниту промената на името, а нејзините политичари и натаму земјата ја нарекуваат Македонија. Тоа може одново да предизвика проблеми во односите со Грција. 

Сигурно е само тоа дека обидот на Зоран Заев, да ја усогласи целата политика со ЕУ во надеж дека ќе добие барем почеток на преговори, не успеа. А со сигурност никој на потегот меѓу Белград и Тирана во иднина нема да го следи“, заклучува ФАЦ

 

DW.COM