1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Уште незапловен, „Титаник“ удри во судска санта мраз

Катерина Блажевска
13 февруари 2016

Поради неправосилност на одлуката, јавноста нема увид врз основа на кои аргументи Судот го одбил барањето за изрекување мерка притвор за осум лица. Специјалното обвинителство ќе се жали на одлуката

https://p.dw.com/p/1HuxH

Одбиени се барањата на Специјалното јавно обвинителство за мерка притвор, соопшти денеска Основиот суд Скопје 1. За градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, кој има двојно државјанство, била одредена мерка да се јавува во судот во Ресен еднаш неделно. Синоќа, покрај Едмонд Темелко и поранешниот министер Миле Јанакиески, на распит биле и лицата М.П. и К.М. За Гордана Јанкулоска, Кирил Божиновски и две други лица за кои СЈО побарало да бидат изведени на распит во врска со предлогот за мерка притвор, нивните адвокати покажале авионски билети, како доказ дека тие се надвор од земјата. Тие дополнително ќе бидат повикани на распит.

Иако прес-службата на Судот во повеќе наврати најавуваше дека одлуката наскоро ќе биде објавена на нивната веб-страница, до попладнево тоа се уште не беше сторено. Поради неправосилност на одлуката, јавноста во овој момент нема увид врз основа на кои аргументи е одбиено барањето на СЈО за изрекување мерка притвор за осум лица.

СЈО најави жалби

Според познавачите на судската практика, ова е прв случај кога не е определен притвор за осомничени за „злосторничко здружение“. Специјалното јавно обвинителство (СЈО) најави дека ќе ја обжали одлуката. За жалбите треба да одлучува Кривичниот совет во одделението за организиран криминал.

СЈО за одлуката на судот реагираше првично и преку својот Фејсбук профил, со краток став: „Кривичниот суд во Скопје засега пропушти да се запише во историјата на Република Македонија. Следуваат жалби“.

СЈО вчера соопшти дека е отворена истражна постапка под името „Титаник“ против повеќе лица за неколку кривични дела: злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување на изборен материјал и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања. Меѓу осомничените се и поранешните министри, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и началници на полициски станици, судии на Управниот суд и членови на ДИК.

По распитот, утрово околу 2 часот и 30 минути од Судот прв излезе градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко и замина со приватно возило, а половина час подоцна си замина и поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески. Темелко денес за проталот „Курир“ изјави дека неговото приведување било без судски налог, а на случајот му даде политичка димензија.

„Судот во матичната држава покажа дека не е против Македонците од соседството, конкретно против Македонците од Албанија, бидејќи ги разгледа реално обвиненија и не донесе одлука како што бараше СЈО, мерка притвор, туку донесе одлука да се бранам од слобода. Сето ова не е лошо само заради мене како личност, туку за сите Македонци во Албанија, бидејќи цела година наназад опозицијата во Македонија вината за нивните слаби рејтинзи и слаби резултати од изборите ја префрлаат на 430 жители на општина Пустец што имале македонско државјанство и лични карти“, изјави Темелко.

Потребен е и специјален суд

Во правосудни кругови не вледее голема изненаденост од ваквата одлука на судот, со оглед на бројните оценки од релевантни меѓународни организации за негова партизираност и контролата што врз него ја има воспоставено извршната власт. Поради овие причини, Либерално-демократската партија денеска апелираше итно да се формира Специјален суд кој ќе ги процесуира обвиненијата на СЈО.

„Предупредуваме дека 'сваровски' судството и воопшто системот, кој во сите нивоа на судската власт десет години по своја мерка го градеа Груевски и фамилијата, може 'низ вода' да ја пуштат работата и трудот на специјалните обвинители во предметот 'Титаник'. Укажуваме на потребата од итно дополнување на Договорот од Пржино со формирање на Специјален суд, со помош на меѓународната заедница, кој ќе ги почитува стандардите на транспарентност, независност и владеење на правото. Стравуваме дека обвиненијата произлезени од Кабинетот на специјалната обвинителка, Катица Јанева, ќе бидат опструирани од судии кои се „приврзоци“ на фамилијата и дека партијата на власт ќе се обиде од обвиненијата да направи фарса“, се вели во партиското соопштение.

Поддршка за СЈО

Денеска и неколку други помали партии преку соопштенија му изразија поддршка на СЈО. Партијата за демократски просперитет „ја поздрави храброста и одлучноста“ на специјалната обвинителка и нејзиниот тим за справување со организираниот криминал.

„ПДП се надева дека притисоците од одредени личности и политички партии врз работата на специјалната обвинителка дефинитивно ќе престанаат. (...) ПДП исто така повикува на почитување на презумцијата на невиност на лицата кои се осомничени од страна на СЈО“, се вели во соопштението.

Од Алијансата за позитивна Македонија потенцираат дека „сузбивањето на криминалот и корупцијата, владеењето на правото и независноста на судството се едни од главните приоритети кои што треба да профункционираат за да може Република Македонија да се врати кон демократскиот развој и евроатланските перспективи“.

Национална Демократска Преродба смета дека постапката на СЈО го потврдува ставот на оваа партија, дека владеењето на правото ќе стигне кај секој поединец или групација што се осмелил да ги повреди и ослаби институциите на државата.

„НДП повикува на претпазливост и без емоции кај сите прогресивни сили, бидејќи деструктивните сили во рамките на различни политички партии и институции, нема лесно да се откажат“, предупреди партијата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Рација против група која планирала државен удар во Германија

Рација во Германија: Планиран државен удар

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница