Учебна година: Имате 36.9? Среќен почеток! | Северна Македонија | DW | 30.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Учебна година: Имате 36.9? Среќен почеток!

Привршуваат подготовките за старт на учебната година со физичко присуство. Родители и директори на училишта бараат објаснувања за практичната спроведливост на дел од протоколите.

Дезинфенкција на влезот во училишната зграда. Ова беше еден од ковид-протоколите на стартот на учебната година во С. Македонија во минатата година.

Дезинфенкција на влезот во училишната зграда. Ова беше еден од ковид-протоколите на стартот на учебната година во С. Македонија во минатата година.

Два дена пред почетокот на учебната година со физичко присуство на основците и средношколците, родители и директори на средни училишта бараат попрецизни објаснувања околу спроведливоста на одредени обврски од протоколите за настава. Стравот дека училниците може да станат жариште за трансмисија на вирусот, ја вжешти дебатата пред самиот старт на учебната година.

Некои од лекарите посочуваат дека епидемиолошката состојба не е иста во сите општини и сугерираат дека процесот на настава треба да се прилагоди според тие индикатори. Односно, училиштата во соработка со родителите да одлучат дали наставата треба да биде со физичко присуство, комбинирана или онлајн, сѐ додека не се стабилизира епидемиолошката состојба. Други пак сметаат дека учениците треба да бидат тестирани пред стартот на учебната година. Д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија, ги повика кандидатите за градоначалници на Скопје средствата за изборни кампањи да ги пренаменат за брзи тестови за Ковид-19 во училиштата.

„Парите за билборди, реклами по телевизии, пенкалца, запалки, пренаменете ги за брзи тестови за Ковид-19 во скопските училишта“, повика тој.

Дел од родителите го поддржуваат почетокот на наставата со физичко присуство, други сметаат дека во време кога вирусот се шири меѓу помладата и невакцинирана популација, треба да се размисли за почеток со комбиниран модел или со он-лајн настава.

Дезинфицирање на училница пред минатогодишниот почеток на учебната година во С. Македонија.

Дезинфицирање на училница пред минатогодишниот почеток на учебната година во С. Македонија.

„Со бројките на заразени што ги имаме сега, подобро е да има настава од дистанца, за да не седат во иста клупа без дистанца“, предлагаат родители.

Други потсетуваат зошто се стигнало до овие полемики.

„Не им беше страв да ги носат на свадби на затворено со 300 гости, а се плашат од 30 деца во училница“, реагираат други.  

Од Министерството за образование и наука (МОН) се повикуваат на податоците од претходната учебна година кога имало 40% присутност на учениците на физичка настава, а училиштата не станале трансмитери на вирусот. Бројот на позитивни случаи кај наставниците тогаш изнесувал околу 1% од вкупниот кадар, а кај учениците 0,06 %.

Прашања и ризици

За разлика од тогаш, досега се вакцинирани околу 70% од вкупниот број на вработени во училиштата.

„Овие податоци укажуваат дека наставниот кадар е за два пати повеќе вакциниран од националниот просек. Исто така, имаме општини и училишта каде процентот на вакцинација на наставниците и другиот технички кадар е над 90 %. Сето ова е доказ за свесност кај вработените во училиштата е на многу високо ниво“, изјави министерката за образование Мила Царовска.

„Но, што е со училиштата каде процентот на вакциниран наставен и технички кадар е помал од просекот? Нема јавни податоци во кои општини или училишта е така“, реагираат родители.

Македонската министерка за здравство, Мила Царовска

Македонската министерка за здравство, Мила Царовска

Според протоколот, пред влезот во учиштате на сите им се мери телесна температура. Во случај на температура над 37.4°, не се дозволува влез. Влегување е дозволено само со задолжително користење на заштитнa маскa и дезинфекција на рацете за сите вработени и ученици. Маската не е задолжителна само за време на големиот одмор, но со почитување на потребното растојание меѓу учениците. За таа цел во училишниот двор ќе се организира редарска служба од редот на вработените. Внатрешните простории мора да се проветруваат и дезинфицираат, а наставниците треба да избегнуваат подолго да се задржуваат во наставничката канцеларија. Користењето на спортската сала, библиотеката и други простории препорачливо е да биде од група ученици од иста паралелка, за да нема можност за мешање на учениците. Сите кои до училиштето користат јавен превоз треба да го почитуваат протоколот за превоз на патници во јавниот сообраќај. Последново има создава најмногу грижи на родителите, бидејќи сметаат дека во автобусите нема да биде можна дистанца, исто како и во класови каде има поголем број ученици - 36, 38....

Состанок со МОН

За овие и други прашања, директори на скопски  средни училишта, денеска очекуваат состанок со МОН. Со директорите на основните училишта веќе беше одржан координативен состанок во изминатите денови, а било заклучено дека училиштата се подготвени за започнување на новата учебна година. Ова е втора година по ред во која наставата се организира во услови на пандемија.

Втора година по ред, настава во услови на пандемија

Втора година по ред, настава во услови на пандемија

Според министерката Царовска, препораките на УНИЦЕФ и на ОЕЦД се дека училиштата треба први да се отворат и последни да се затворат, бидејќи најважниот интерес на детето е правото на учење. Доколку се покаже потреба, Министерството е подготвено за брза транзиција кон друг модел, со цел образовниот процес да се одвива непречено. 

Во некои од соседните земји заради епидемиолошката состојба стартот на учебната година со физичко присуство е одложен и заменет со алтернативни форми на настава, а во други ќе започне според систем на „семафор": образовните власти ќе одлучуваат во која општина каква настава ќе има според епидемиолошката состојба. Ако општината е во „црвена зона", наставата ќе се одвива од дистанца, ако е во „зелена" - со физичко присуство. Други пак, без разлика на епидемиолошката состојба, учебната година ќе ја започнат со физичко присуство, но со континуирано тестирање на невакцинирани наставници и ученици двапати неделно.