1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Учениците се враќаат во училишните клупи од 1 септември

ДТЗ
17 август 2021

Надлежните сметаат дека се создадени услови за настава со физичко присуство на учениците. Од вкупно 31.447 лица вработени во училиштата, во моментов 60 проценти се вакцинирани.

https://p.dw.com/p/3z3Q3
Symbolbild Schülerin & Hausaufgaben
Фотографија: Imago/PhotoAlto

Учениците се враќаат во училишните клупи од 1 септември. Главниот координативен кризен штаб, по предлогот на Министерството за образование и наука, се произнесе дека се создадени услови за почетокот на новата учебна година да биде со физичко присуство на учениците, освен за одделни исклучоци, кои ќе бидат стриктно наведени во одлука што ќе биде донесена на владина седница.

Надлежните сметаат дека во прилог на заклучокот за почеток на училишната година со физичко присуство е големиот број на вакцинирани наставници и училишен кадар. Од вкупно 31.447 лица вработени во училиштата, во моментов 60 проценти се вакцинирани. Се очекува до септември зголемување до 80 отсто вакцинирани од вкупниот број вработени во училиштата.

Министерството за образование и наука вчера ги објави протоколите за заштита од Ковид-19 за  настава со физичко присуство, кои се изработени од страна на МОН и веќе усвоени од Комисијата за заштита од заразни болести, а се однесуваат на носење маски и редовно проветрување на просториите каде се одржува наставата.

-повеќе на темата: Три сценарија во игра - ќе се вратат ли децата во училишните клупи?

Согласно протоколите за основните и за средните уличишта, влез во училиштето е дозволен само со задолжително користење на заштитнa маскa и дезинфекција на рацете за сите вработени и ученици. За контролиран влез и излез од училиштето, пред и внатре во училиштето, ќе се организира редарска служба, со цел спроведување на редот и одржување на потребното растојание меѓу учениците. Редарите се ангажираат од редот на вработените во училиштето.

На сите вработени и на учениците ќе им се мери телесна температура пред влезот на училиштето со безконтактен топломер и во случај на зголемена температура (над 37.4°) ќе се упатат кај матичен лекар. Забранет е влез за родители/старатели освен на ученици со посебни образовни потреби со задолжително носење на заштитна маска. Се забрануваат сите видови физички контакти за поздравувања меѓу вработените во училиштето и меѓу учениците. Просториите ќе треба задолжително да се проветруваат по секој наставен час, најмалку половина час пред пристигнување и по заминувањето на учениците.

-повеќе на темата: Многу нејаснотии пред почетокот на новата школска година 

Пренесувањето на информациите и состаноците со родителите/старателите ќе се одвива преку телефон или преку некоја онлајн апликација, којашто ќе ја договорат родителите и наставниците, или доколку дозволуваат временските услови на отворено.