1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Опозицијата во Унгарија: Изборен трик на Орбан со гасоводот

ЕМФ / дпа
6 април 2026

Србија пријави дека е пронајден експлозив на гасоводот Балкански тек. Унгарскиот премиер Виктор Орбан во тоа гледа план за саботажа, но неговиот најостар внатрешнополитички противник се сомнева во изборни трикови.

https://p.dw.com/p/5Bj8l
Унгарија Будимпешта 2026 | Виктор Орбан
Орбан со месеци се обидува да придобие гласачи упатувајќи критики кон УкраинаФотографија: Attila Kisbenedek/AFP/Getty Images

Откако Србија објави дека е пронајден експлозив на гасовод што води кон Унгарија, унгарскиот премиер Виктор Орбан го насочи сомнежот кон Украина. По вонредната седница на Националниот совет за одбрана во Будимпешта, Орбан и неговиот министер за надворешни работи навестија дека ја сомничат Украина дека планирала саботажа на овој гасовод. Унгарската опозиција, пак, веќе претходно го обвини Орбан за ширење паника од изборни причини. На парламентарните избори во недела, Орбан се соочува со неизвесност за останување на власт.

Според српскиот претседател Александар Вучиќ, на гасоводот Балкански тек кон Унгарија биле пронајдени „експлозив со разорна моќ“ и придружни запалки. Гасоводот носи руски гас од Турција преку Бугарија и Србија до Унгарија. Вучиќ и Орбан разговарале телефонски за случајот, што го потврдија и двајцата. Експлозивот бил пронајден на пумпна станица во близина на унгарската граница, кај српското место Велебит, соопшти Вучиќ.

Унгарија ги повторува обвинувањата кон Украина

и кон помошта на ЕУ за земјата погодена од руската инвазија. Тој не изјави директно дека ја сомничи Украина за инцидентот, но по состанокот повтори познати обвинувања на сметка на Киев. Неговиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека пронаоѓањето на експлозивот се вклопува во другите дејствија што Орбан ѝ ги припишува на Украина.

„Украина со години работи на тоа да го прекине снабдувањето на Европа со гас (од Русија)“, вели Орбан во видео-обраќање на Фејсбук. Тој тврди дека Украинците веќе го уништиле гасоводот Северен тек и ја блокирале испораката на нафта преку гасоводот Дружба што минува низ Украина кон Унгарија. Освен тоа, според него, украинската армија постојано го напаѓа делот од гасоводот Турски тек што се наоѓа на руска територија. Балкански тек, кој ја снабдува Унгарија, е продолжение на Турски тек.

Симболична слика на гасоводот „Балкански поток“ | Градежни работи и поставување цевки
Гасоводот носи руски гас од Турција преку Бугарија и Србија до УнгаријаФотографија: Deyana Robova/Pond5 Images/IMAGO

Орбан веќе подолго време го обвинува Киев дека од политички причини го спречува обновувањето на работата на нафтоводот Дружба. Украина ги отфрла овие обвинувања и нагласува дека тој не е употреблив поради последиците од руските воздушни напади. За саботажите на Северен тек сè уште никој не е изведен пред лицето на правдата, а како осомничен организатор еден Украинец се наоѓа во притвор во Германија.

Орбан најави дека Унгарија ќе го засили военото обезбедување на делот од Балкански тек што се наоѓа на нејзина територија. Овој гасовод е „животно важен“ за Унгарија, бидејќи обезбедува 60 проценти од потребите за гас, вели тој.

Опозицијата гледа изборен трик зад случајот

Во недела (12.04) во Унгарија се одржуваат парламентарни избори, на кои партијата на Орбан, Фидес, според анкетите може да загуби. Лидерот на опозицијата и кандидат на партијата Тиса, Петер Маѓар, го обвини Орбан дека ја користи темата за наводен напад врз гасоводот за да шири паника во изборни цели.

Маѓар на Фејсбук напиша дека веќе со недели добивал сигнали за можни акции „под лажно знаме“. Се зборувало дека „случајно“ една недела пред изборите, на пример за Велигден, може да се случи нешто на овој гасовод. „Го повикувам Виктор Орбан да престане (барем за време на празниците) со ширење паника и создавање конфузија, што е планирано од руски советници“, додаде Маѓар. Доколку Орбан го искористи случајот за изборна пропаганда, тоа би било признание дека станува збор за акција „под лажно знаме“.

Српската воена разузнавачка служба за истрагата

Директорот на српската воена разузнавачка служба ги отфрли обвинувањата дека српската војска би можела да биде вмешана во операција „под лажно знаме“ со цел да се обвини Украина за саботажа. Ѓуро Јованиќ ги нарече ваквите тврдења дезинформации, пренесуваат српските медиуми. Како што се вели, постојат индиции дека експлозивот бил произведен во САД. Според Јованиќ, „член на мигрантска група со воена обука“ планирал напад на гасоводот, а по тоа лице се трага.