Укинување на роамингот? Се вчитува... | Економија | DW | 02.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Укинување на роамингот? Се вчитува...

Договорот за намалување на цените за роаминг-услугите на Западен Балкан треба да биде потпишан деновиве. Што треба да очекуваат граѓаните? Пишува Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка

Во овој момент преку половина од населението во светот е на интернет. Повеќе од две третини имаат мобилни телефони, а повеќето луѓе сега користат паметни телефони.

Но, не се зголеми само бројот на луѓето што користат интернет. Дополнително значење има фактот што во изминатите дванаесет месеци се зголеми и времето што луѓето го поминуваат на интернет.

Просечен корисник на интернет секој ден поминува околу шест часа, користејќи уреди и услуги врз база на услуги на интерент.

Повеќе од 76% од граѓаните на Југоисточна Европа (ЈИЕ) се корисници на интернет, додека 40% од нив ги користат сите апликации на социјалните мрежи на мобилните телефони, а повеќето се млади луѓе.

Седумдесет отсто од стопанствениците од Југоисточна Европа сметаат дека укинувањето на цените на роамингот ќе им помогне во поттикнување на трговијата.

Повеќе од 12 милиони туристи минатата година дошле на Западен Балкан и сите биле загрижени поради цената на роамингот.

Младите луѓе од Западен Балкан сметаат дека намалувањето на цената на роамингот е корисна исто како и слободата на движење, што е доволно голем факт да ги убеди почесто да патуваат и да се поврзуваат со своите врсници.

Сите се согласни дека намалувањето на цените на роамингот ќе биде од голема полза за граѓаните и за економскиот развој.

Ви ги наведов сите овие бројки, бидејќи во голема мерка тоа е дел од мојата работи и должности.

Во живописниот и раскошен регион, да се биде на позиција од која што работите на неговото општествено и економско јакнење, но и на тоа граѓаните да се гордеат со регионот, при што ги откриваат и вистинските потенцијали на овој дел на Европа – е привилегија.

Тоа е долг што го имаме кон граѓаните на овој регион што не се брише, луѓето кои повеќе од половина век поднесувале огромни страдања, луѓето кои целата своја верба ја дарувале за крајната цел - промена на своите животи кон Европа.

Поради тоа што и самата сум свесна за овој долг, предност им давам на опипливи резултати во однос на чувствата.

Сепак и самата сум граѓанка на Западен Балкан, доаѓам од Албанија и од сопственото искуство ги познавам воздигнувањата и паѓањата, лирската мелодија на зборот Балкан во самиот регион, но и ехото на тој звук надвор од него.

Мојот дом и моето семејство се во Тирана, седиштето на мојата канцеларија е во Сараево и мојата работа подразбира многу патувања. Затоа, од клучна важност е да се биде во контакт и врска со луѓето, и приватно и деловно.

Навистина е несмасно и незгодно да се жонглира со СИМ-картичките, да се менуваат при преминување на граница или да се брка бесплатен сигнал за интернет за да се проверат пораките или едноставно да се исклучи преносот на податоци во роаминг, а сѐ со цел сметката за телефон да биде во разумни граници и притоа да ги завршувате работите каде и да се наоѓате или да ги повикате луѓето кои ги сакате и да ги известите дека сте стигнале сигурно. Многу мои пријатели, колеги, деловни партнери...обични граѓани какви сме и вие и јас, сме минале низ сето ова.

Заморно, комплицирано и скапо

Јасно е дека Западен Балкан не е економски добро развиен регион. Невработеноста е висока, одливот на вискоквалификувана работна сила е сѐ поголем.

Луѓето ги загубија свите работни места од различни причини и сега живеат со ризикот дека технолошкиот напредок „ќе изеде“ уште повеќе работни места. Живееме во свет во кој речиси и да нема место за луѓе кои не поседуваат дигитални вештини. Тоа стана норма, без оглед дали сте на интернет мрежата или не сте. Социјалните врски, чувствата, активностите, авантурите, работата, политиката, власта, сите, навистина реални вистини од нашето постоење, се базирани на интернет.

Пред една година, лидерите на Западен Балкан ја прегрнаа иницијативата за регионален договор на самитот на Европската унија и Западен Балкан во Софија, замислувајќи го регионот без роаминг.

Владите на Западен Балкан, со нас, Регионалниот совет за соработка кој го овозможуваше процесот и со Европската комисија која помагаше во текот на минатата година, неуморно работеа на овој договор, кој кога ќе се потпише ќе значи преземање мерки или непроценлива корист на една политика, чиј успех се сведува не само на дополнително намалување на роамингот и негово укинување (во 2021 г.), во регионот на Западен Балкан, туку и на коректно и еднакво постапување кон граѓаните на регионот, покренувајќи и процес на намалување на цените на роамингот помеѓу Западен Балкан и Европската унија.

Тоа значи дека можете повеќе да разговарате, да праќате повеќе пораки и повеќе да пребарувате на интернет каде и да се наоѓате во регионот, а да платите многу помалку. Нема веќе да се грижите дали сте го исклучиле преносот на податоци во роаминг кога ќе ја минувате границата.

Од економска гледна точка тоа е голема работа за сите шест економии во регионот, бидејќи стопанствениците ќе се поврзуваат побрзо и поевтино, работниците полесно ќе се поврзат со потенцијалните работодавачи, а воедно тоа е можност која ги привлекува и туристите, бидејќи не само што ќе можат да ги посетат и да уживаат во нашите бројни локалитети, било од културата, било за авантуристички туризам, туку ќе можат и полесно да ги споделат искуствата.

Освен што има позитивно влијание во нашиот регион, на сите нас ни дава и причина да разбереме дека Европа е состојба на умот и дека европските интеграции треба да предвидат и да опфатат вистинска трансформација на нашиот регион. Во светот, во кој иднината, во најдобар случај, е тмурна и замаглена, но веројатно и неизвесна, мораме да го зголемиме чувството на одговорност за регионалната соработка.

Секоја шанса што не сме ја искористиле во овој момент и на ова место како сериозен знак на чувство на одговорност за нашата иднина, е пропуштена шанса. Како што рече Пјер Бордие (Pierre Bourdieu), „за обликување на иднината потребно е да се делува во сегашноста“.

Со оглед дека денешните определби ги попречуваат утрешните можности, крајно време е заедно да оствариме резултат, со заедничка визија за зедничката цел која сите ја гушнавме, а таа е дека овој регион е нашиот дом.

Мајлинда Брегу е генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка со седиште во Сараево, организација што ја помага регионалната соработка со цел европска интеграција на Југоисточна Европа.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама