Трамп, последниот губитник на Апоматокс | Северна Македонија | DW | 07.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Трамп, последниот губитник на Апоматокс

Сеќавањето е пресвежо за со голо око да не се увидат вознемирувачките и болни сличности помеѓу синоќешните настани во Конгресот на САД и оние од 27 април 2017 во нашето Собрание. Пишува Арсим Зеколи

 

Ноќта е најмрачна и најстудена пред мугри. Тоа правило важи и за Америка, во овие Соединети Држави под Доналд Трамп кои синоќа ги преживуваа најтемните часови на неговото жално претседателство. Како човек кој пред повеќе од 25 години се сликаше пред статуата на Мартин Лутер Кинг во ротондата на Конгресот и седеше на средба со конгресменот Елиот Енџел, ми беше речиси несфатливо да еден странец, било кој странец, биде обземен од должен пиетет и восхитеност во американскиот храм на демократијата. Додека грст жални домородни ликови чинеа се да го обесчестат домот на нивната демократија и фрлат тешка дамка врз сопствениот образ и достоинството на земјата.

Болни сличности

Но тоа не беа единствените спомени предизвикани од несреќните глетки од Вашингтон. Некои беа од поскорешен датум. Сеќавањето е пресвежо за со голо око да не се увидат вознемирувачките и болни сличности помеѓу синоќешните настани во Конгресот на САД и оние од 27 април 2017 во нашето Собрание. Со мал исклучок на докажан губитник (Трамп) и изборен победник (Груевски), редоследот на настаните е безмалку идентичен. Длабоко компромитиран лидер на држава, незадоволен од пост-изборниот тек на настаните, ги подргева најниските, најподлите, најразорните и насилнички пориви на сопствените заслепени следбеници. По губењето на подршката на јавноста, последниот судбоносен час настапува во Конгресот / Собранието во крајно тензична атмосфера. Во клучниот момент следува (не)очекувано губење на последната надеж во интервенција на најблискиот соработник (Мајк Пенс / Ѓорѓи Иванов) и соочување со пресврт во парламентарното мнозинство (Мич MeкКонел / Талат Џафери), се дава знак за упад во храмот на демократијата. Фрапантно и скандалозно, влезот во Конресот / Собранието вообичаено речиси херметички обезбеден од обични смртници, е безмалку непречено совладан и прегазен од толпа анималистички ликови жедни за крв, крш и хаос. Следува оргија на насилство од „чесни патриоти, загрижени за земјата” скарадни суштества. Кои својата „загриженост” ја искажуваат преку вулгарност, силеџиство, простотилук и биографско лузерство. Висејќи од галериски гелендери, разголувајќи ги своите рахитично искривени телца, приматски клештејќи се во селфи слики од пратенички седишта, сето проследено со елоквентност на култивирано неандерталство.

Други колумни од авторот:

Година на биволот

Како Албанците ја открија реал-политиката и го ослободија Али

Пукнавме од мака

Три масакри и злосторството кое трае

Љубителите на теориите на заговор во овој кус опис ќе најдат материјал за докажување дека некој таму, некој ден, во некоја темна просторија ткаел тивко сценарио на локално тестирање во Скопје за глобална премиера во Вашингтон. Алас!, таа пуста леснотија на читање вистини од бели облаци масирани од оркански ветришта. Некој вчера ме праша: дали  ова во САД е копија, или кај нас беше генерална проба? Мојот одговор беше и сеуште е дека станува збор за генерална проба кај нас. Од која Америка, како и многу други „земји од првиот свет” немаат извлечено навремени поуки. Поуки кои повеќе извираат од теориите на општествените односи, динамики и последици отколку од жолтите страници на булеварските завери и сомнежи.

Непринципиелна коалиција

Во Америка, слично како и во Македонија, осовината на тензиите е диктирана од непринципиелната, цинична, деструктивна коалиција на елитата и лумпен-пролетаријатот на сметка, крвава сметка на средната класа. Таа непринципиелна коалиција е базирана врз спрегата на неказнивост и отуѓеност во нивните екстреми. Од една страна привилегираната елитата, нејзината неказнливост и бескрајна алчност за пари, од друга страна затупеноста на отфрлениот лумпен-пролетаријат, исполнет со презир кон законите и насушен глад за пари. Во средина, приклештена од двете исклучивости, преживува средната класа ставена на удар од алчноста на првите и беспризорноста на вторите. Никола Груевски кај нас, Доналд Трамп кај Американците, ја усовршија до злобна перфекција таа несвета свадба на привилегирана демагогија и примитивен опортунизам. Доминацијата на екцесот и екстремот, диктиран од интересите на елитата и наивноста на сиромаштијата, се храни со негативната енергија која неминовно на крајот еруптира во крш, крах и крај.

Процесот на играње со најниските пориви на отфрлените и заборавените, започнат уште во осумдесетите и заокружен со победата на Доналд Трамп, синоќа го доживеа своето крешендо, како долго одложувана ејакулација на отров прелеен врз улици и институции. Со обзир на се, Америка дури лесно помина, со една жртва, неколку скршени канцеларии, една дамка повеќе врз сопствениот имиџ, ионака веќе избербатен од Доналд и трампистите. Сепак, 6 јануари 2021 е денот кога ефективно заврши ерата на владеење на Трамп и започнува процесот на освестување, соземање и враќање кон „пристојноста”, како што Бајден напати го нагласуваше во синоќешното обраќање. Враќање кое, судејќи по искуството на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде посебно болно за  Републиканската партија и нејзините внатрешни поделби во тек. За Републиканците синоќешните настани се колку поразителни, толку се и судбински. Заслужено, како за партија која не сакаше да навреме ги разбере и прифати предупредувањата на ветеранот на сопствената дипломатија, Даниел Фрид. Четири години подоцна, со бол и бламажа, Републиканците ќе ја разберат неговата визионерска порака дека „опцијата за република на белите луѓе заврши на Апоматокс”.

Америка во ноември се прости од Апоматокс, во јануари го помина Рубиконот. Залечувањето на раните започна, навремено и смирено, со пораката и повикот на Џозеф Бајден за „повеќе пристојност”. Не можам да замислам друг лик од чии усти таа порака би звучела поискрено и поткрепено со сопсвтената пристојност во политиката и спремност да подаде рака кон партиските ривали. Бајден, Сандерс, Блинкен се доволна причина за верба дека тој процес ќе биде сеопфатен на домашната сцена на Америка. Со надеж дека брановите на „пристојноста” ќе допрат и до нашите брегови.

Доналд Трамп заминува од сцената како губитник

Секој народ, секоја земја, држава и секоја демократија неминовно и без исклучок е осудена да помине низ мигот на сопственото лудило во кое ја препознава сопствената несовршеност, ранливост, подложност на грешност. Настаните синоќа само го потврдија тоа непишано правило, на драматичен и шокантен начин достојно на големината, моќта и комплексноста на САД. Дивеењета по Капитолот ниту ја загрозија владата на земјата, ниту ги разнишаа демократските институции, ниту ја срушија економијата. Единствената жртва на трампистичките оргии е разнишаната верба во исклучивоста на Америка, на концептот на American Exceptionalism. Нешто што ионака веќе подолго време е ставено под аналитичката лупа на тамошната академска, интелектуална и отскоро политичка јавност.

Доколку би се повеле по искуствата од историите на Америка, неминовен е заклучокот дека ќе претстои ре-откривање на некои нови Соединети Држави. Атентатот врз Кенеди стави крај на ерата на невиност, на наивност и верба во митолошки Камелоти. Скандалот Вотергејт ја разби слепата убеденост во системската имуност од корупција. Виетнам им стави крај на розовите претстави за улогата на Америка во светот. По секој од овие настани, следеше период на длабока интроспекција, созревање и еволуција. Нема никаков сомнеж дека хаосот во Конгресот на крај на анархијата на Трамп ќе води кон потрезвено согледување на механизмите и политиките на избор и промоција на политичкото претставништво како во Белата куќа, така и во законодавниот дом.

Доналд Трамп заминува од сцената, како губитник опкружен со верни губитници од кои очекуваше да му донесат победа. Во најдобар случај, ќе биде запаметен како најлошиот од сите претседатели на САД. Во најлош случај, по деценија-две, ќе биде спомнуван како „оној портокаловиот помеѓу Обама и Бајден”. Но, кога ситењето со сцените од Конгресот потоне под наплив на следните вести, а Трамп замине во заборав, прашањето кое ќе остане да виси над секоја земја е – дали и меѓу нас вирее некој наш Доналд во исчекување?

 

Реклама