Торстен Фрај: Македонија доби јасен сигнал за европска перспектива | Северна Македонија | DW | 02.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Торстен Фрај: Македонија доби јасен сигнал за европска перспектива

Сѐ уште не е сѐ завршено, но Македонија доби јасен сигнал за својата европска перспектива, вели во интервју за ДВ, Торстен Фрај од ЦДУ, член на комисиите за надворешна политика и за европски прашања во Бундестагот.

ДВ: Господине Фрај, во четвртокот требаше да има гласање во Бундестагот за Албанија и Македонија, но тоа не се случи. Зошто?

Торстен Фрај: Како владејачка коалиција до четвртокот планиравме да гласаме за барањата за Албанија и Македонија во рамки на дебатата по владината изјава на канцеларката за Европскиот совет. Откако стана видливо дека на Советот нема да дојде до согласност, се откажавме од тоа.

Но канцеларката во својот говор воопшто не зборуваше за проширувањето.

Да, точно. Госпоѓа Меркел не се осврна на тоа. Со оглед на тоа што немаше согласност со Бундестагот, таа во Брисел воопшто и не можеше да се согласи со почеток на преговори за приклучување. Во Брисел е постигната согласност за во 2019. година повторно да се разговара за оваа тема, значи по европските избори. Но, јасно е: пред германската влада да даде своја согласност, мора прво за тоа да добие ополномоштување од страна на германскиот Бундестаг. Значи, ние за барањата допрва треба да гласаме.

Во Албанија опозицијата е на мислење дека одлуката на Советот на министри за надворешни работи треба да се сфати како „не“, додека пак владата го разбира како „да“.

Одлучувачки не е Советот на министри за надворешни работи, туку Европскиот совет. Со оглед на тоа што тој воопшто не донесе одлука, сѐ уште нема ниту „да“ ниту „не“.

Кога може да се смета со преговори за приклучување?

Со оглед на актуелната ситуација не пред крајот на 2019-та. Како пратеничка група ЦДУ-ЦСУ радо сакавме да видиме кондиционална одлука веќе на овој Совет. Во однос на Албанија, би биле согласни со отворање преговори за приклучување штом ќе бидат исполнети два услова: завршување на проверката на 57 судии и обвинители. Второ, реализирање на изборната реформа. Да бидам јасен: првата конференција за приклучување ќе дојде тогаш, кога ќе се одржат наредните локални избори според ново изборно право.

Условите за Албанија се јасни, но не и за Македонија, зашто Македонија веќе седум пати доби препорака од страна на Комисијата.

Точно е. И секогаш согласноста не успеваше поради Грција. Оттука, во секој случај треба да се оддаде признание на тоа што владите во Македонија и Грција сега направија обид за решавање на спорот за името по речиси 30 години. Сѐ уште не е сѐ завршено. Потребна е согласност од страна на парламентите, а во Македонија претстои и референдум. Тоа е доволно тешко. Оттука, посакував Советот да даде позитивен сигнал за македонските граѓани.

Стравувате ли од дестаблизација на ситуацијата во Македонија пред референдумот во септември?

Логично е да има стравување, но има ијасен сигнал за европска перспектива за земјата. Тоа што сега сѐ уште нема одлука, не е до Македонија. Има стравувања, пред сѐ во Франција, дека повеќе проблем е ЕУ, која сега не би била во состојба да прима нови членки. Јас, меѓутоа, сум уверен дека ветувањето од Солун е ориентир и ние се ориентираме на напредокот во земјата.

Во печатот има шпекулации дека Албанија евентуално би отворила прифатни центри за бегалци. Тоа од страна на Албанија е официјално демантирано. Има ли таков предлог?

За тоа читав во весниците. Политички за такво нешто кај нас никогаш не се дискутирало. Оттука, имам разбирање за албанскиот став да отфрли вакви замисли. Од Албанија во никој случај не би требало да се бара „посебна жртва“. Зошто? Албанија треба да стане членка на ЕУ. Приемни кампови за мигранти меѓутоа имаат смисла пред сѐ надвор од ЕУ. Значи, треба да видиме како да најдеме решенија со земјите од Северна Африка.

Европската Комисија соопшти дека почнале подготовките за преговори. Што се подразбира под тоа?

Не знам. Се разбира, Комисијата може да се занимава со административни прашања и подготовки. За почеток на преговори за приклучување меѓутоа не одлучува Комисијата, туку само земјите членки (на ЕУ, н.з.). Моја проценка е дека кога ќе бидат исполнети предусловите на крајот на 2019 година може да се одржи првата конференција за приклучување.

Торстен Фрај (ЦДУ) е пратеник во германскиот Бундестаг од 2013 година. Тој е член на комисиите за надворешна политика и за европски прашања.

DW.COM

Реклама