Терористот Кујтим Ф. се обидел да купи муниција во Словачка | Свет | DW | 04.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Терористот Кујтим Ф. се обидел да купи муниција во Словачка

Атентаторот Кујтим Ф., убиен при терористичкиот напад во Виена, влегол во визирот на словачката полиција при обид за купување муниција. Истрагата сега се концентрира на лица од неговото опкружување.

Се множат индиции дека во подготовката на терористичкиот напад во Виена биле вклучени повеќе лица. Според информации на „Зидојче цајтунг“, НДР и ВДР од кругови на истрагата во Австрија, атентаторот во јули 2020 година патувал во Словачка со цел да купи муниција за автоматското оружје АК-47, со какво што пукаше во понеделникот вечерта. Но, се чини дека исламистот се вратил со празни раце, зашто не можел да покаже дозвола за поседување оружје. 

Кујат Ф., во Австрија веќе познат како исламист, во Словачка бил во придружба на уште едно лице, а за патувањето наводно било користено возило регистрирано на мајката на исламист познат на австриската полиција. 
Портпаролка на словачката полиција денеска за телевизијата ТА3 потврди дека осомничениот атентатор од Виена се обидел кај нив да купи муниција. Но, во соопштение на нејзината официјална Фејсбук-страница, полициската дирекција во Братислава денеска изричито тврди дека употребеното оружје во Виена не може да потекнува од Словачка.

Како објаснување се додава: „Словачката полиција летоска доби информација дека сомнителни личности од Австрија се обиделе да купат муниција во Словачка. Но, ним не им успело да го реализираат купувањето". Словачката полиција не сака да дава други поконкретни податоци за да не ја загрози тековната истрага во Австрија.

Во изминатите години во повеќе наврати во терористички напади и други кривични дела низ Европа се употребувани оружја со регистерски број од Словачка. И германската полиција, при рациите во текот на минатата година, наиде на илегално оружје со словачко потекло. Словачка во 2015 година го заостри своето заканодавство заради спречување на трговија со илегално оружје.

Повеќе:

Австрија бара податоци за петмина осомничени од Македонија и Косово

Како терористот од Виена Кујтим Ф. стана радикален исламист

Европа и понатаму под закана од џихадистички тероризам

Експерти за новинската агенција ДПА изнесуваат мислење дека од една страна, оружјето од Словачка кое циркулира на меѓународниот црн пазар е купено веројатно во време пред 2015 година. Од друга страна, поранешниот имиџ на Словачка како извор од кој лесно се набавува илегално оружје, ги наведува странските деликвенти да си ја пробаат среќата токму во оваа земја. Словачките медиуми претпоставуваат дека е можно од тоа да се раководел и атентаторот Кујтим Ф. од Виена, но на крајот доживеал неуспех поради актуелните строги контролни правила.

Во меѓувреме терористичката милиција Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во Виена. Дали таа вистински стои директно зад атентатот, уште е нејасно. Соопштението објавено на интернет се чини се базира само на веќе јавно објавени факти. 
Австриските власти водат истрага против најмалку 14 лица од опкружувањето на атентаторот, кои се на возраст меѓу 16 и 28 години со адреси во Виена или соседната Долна Австрија. 
Во понеделникот вечерта 20-годишниот симпатизер на ИД Кујат Ф. во центарот на Виена уби четири луѓе, меѓу жртвите е и една Германка. Ранети се 22 лица, дел се со тешки повреди. Полицијата го уби напаѓачот, кој имал двојно државјанство, австриско и од Северна Македонија.