1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Австрија има петмина осомничени од Македонија и Косово

ДТЗ /ДВ
3 ноември 2020

На листата, според неофицијални извори, се најдоа и имињата на Арџент Ганији и Узеир Авдили. Австрија неуспешно се обидувала да му го одземе државјанството на Фејзулаи, вели министерот за внатрешни работи.

https://p.dw.com/p/3kpGF
Österreich Wien nach dem Terroranschlag
Фотографија: Matthias Schrader/AP Photo/picture alliance

Тројца македонски државјани родени во Австрија се наоѓаат на листата осомничени за терористичкиот напад во Виена. Покрај Кујтим Фејзулаи, кој беше застрелан од австриските специјалци и кој е осомничен за крвавиот терористички напад во Виена, на листата, според неофицијални извори, се најдоа и имињата на Арџент Ганији и Узеир Авдили. Дополнително, на списокот на осомничени за нападот има и две лица од Косово. Македонската полиција се уште чека потврда од австриските колеги дали има загинати и повредени македонски државјани во крвавиот напад, откако медиумите објавија дека 20-годишно момче од струшко Велешта, починало откако било застрелано пред кафе-бар, во моментот кога излегло да испуши цигара.

20-годишниот Фејзулаи е роден во Австрија, но имал и македонски пасош, бидејќи неговите родители потекнувале од тетовското село Челопек. Тој вчера вооружен со автоматска пушка, пиштол и мачета учествуваше во терористичкиот напад во главниот град на Австрија во кој беа убиени четири лица. Во Австрија е во тек обемна истрага, а тамошните власти побараа помош и од македонските колеги за осомничените со двојни државјанства, кои кои се насочени истражните дејства. 

- повеќе на темата: Како Кујтим Фејзулаи стана радикален исламист

Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер денеска потврди дека напаѓачот кој синоќа го изврши терористичкиот напад во центарот на Виена потекнува од Република Северна Македонија, дека имал 20 години, имал македонско потекло и бил осуден за терористичко здружување. Министерот го соопшти и името на убиениот терорист – Кујтим Фејзулаи, кој на 25 април минатата година во Австрија бил осуден на 22 месеци затвор поради обид да отпатува во Сирија за да се приклучи на Исламската држава.

Австриските власти, според Нехамер, веќе се обиделе да му го одземат државјанството на Фејзулаи поради неговите терористички активности, но не успеале затоа што „немало доволно докази за неговите активности“.
Австриската полиција во меѓувреме извршила претрес во домот на Фејзулаи, како и на уште 18 адреси поврзани со него, и притоа се уапсени 14 лица.

Интензивна соработка

Македонските власти велат дека во меѓувреме соработуваат со колегите од Австрија за сите аспекти поврзани со случајот.

„Од списокот на австриската полиција, кој е доставен до повеќе полиции, меѓу кои и нашата, утврдено е дека три лица покрај австриското имаат и државјанство на Република Северна Македонија, и тоа К.Ф. (роден во Модлинг, Австрија), А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија). Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се стави на располагање на колегите од Австрија и интензивно соработуваме на сите елементи поврзани со овој случај“, соопшти МВР. 

- повеќе на темата: Еден од напаѓачите од Виена има потекло од Македонија

И министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека македонските безбедносни структури се подготвени за активна соработка со безбедносните органи на Австрија и Европол, со цел изведување на напаѓачите пред судот на правдата.

„Со оглед на појавените информации за можните двојни државјанства на некои од учесниците, добив потврда од нашите безбедносни структури дека се во целост ставени на располагање за потребите на органите на прогон на Австрија, како и на Европол. Северна Македонија ќе се залага безрезервно во справувањето и сузбивањето на ваквите и било какви други видови на тероризам и насилство врз невини луѓе, кои ја загрозуваат стабилноста и демократијата на Европа, и ги нарушуваат основните нејзини вредности и принципи“, рече Османи на средбата со австрискиот амбасадор Георг Вуцас.