Тачи замина од кормилото, кој е следниот лидер? | Македонија | DW | 23.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тачи замина од кормилото, кој е следниот лидер?

Тачи се повлече од лидерската функција во ДПА, Заев од градоначалничката заминува „на друга функција“, а ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се целосно затворени за разговор околу можни лидерски промени и неопходни партиски реформи.

Ќе има ли и други лидерски оставки? Ќе почнат ли анализи, преиспитувања и реформи во партиите, кои на последните избори драматично ја загубија довербата на гласачите? Овие прашања ги наметна оставката на функцијата претседател на Демократската партија на Албанците (ДПА), која Мендух Тачи вчера самиот ја соопшти преку неговата Фесјбук-страница, а ја најави веднаш по големиот пораз што го доживеа неговата партија на изборите на 11-ти декември.

„Драги пријатели, штотуку поднесов неотповиклива оставка од функцијата претседател на ДПА. Со ДПА ќе раководи Управниот совет сѐ до вонредниот конгрес, а датумот на негово одржување дополнително ќе биде објавен од Централното собрание на партијата. За координатор на сите активности е назначен Генералниот секретар, Азем Садику, а јас останувам посветен на ДПА“, напиша Тачи на неговиот Фејсбук-профил.

Ахмети изморен и без идеи

И покрај тоа што беше најавена, оставката предизвика големо внимание бидејќи се случува три дена пред изборното прегласување во Теарце, што може да значи и негово дистанцирање од тамошниот епилог. 

„Во ситуација кога толку многу загуби, Тачи веќе немаше алиби да остане на чело на партијата“, вели аналитичарот Исмет Рамадани.

„Но, мислам дека останува со главно влијание врз она што останало од партијата. Од таа позиција полесно може да маневрира, а да не го фокусира вниманието кон себе, односно да ја постигне целта во однос на позиционирањето на двата пратеника на ДПА, без да има лична одговорност за тоа“, оценува Рамадани.

Тој не е сигурен дека постапката на Тачи ќе биде почеток на серија лидерски оставки во партиите кои претпреа голем пад во довербата кај гласачите.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti (DW/P. Stojanovski)

Ахмети е изморен и без идеи, вели Рамадани

„Знаејќи го стилот на Тачи, мислев дека ќе го повика и Али Ахмети да си даде оставка со оглед на слабите изборни резултати на ДУИ.  Но, тоа тешко може да се случи, освен ако не започнат поголеми реформи во партијата. Али Ахмети, кој остава впечаток на изморен човек, без идеи, би било добро да ја ослободи партијата за да дојдат нови способни кадри со идеи, знаење и нови трендови во водење на политиката“, смета Рамадани.

Нужност од длабоки реформи гледа и во ВМРО-ДПМНЕ.

„Груевски најверојатно ќе заврши без негова волја таму каде што треба да заврши. Тогаш може да се очекуваат и подлабоки реформи во ВМРО-ДПМНЕ. По последните случувања, особено по партискиот Проглас, мислам дека ќе се најде кадровски потенцијал за да ја извади партијата од срамот и да ја врати во нормални текови. Нејзиното однесување сега не е во рамките на европска, интеграциска и современа партија, но така функционираат криминалните структури. Штета е партијата да остане заробена од нив“, потенцира Рамадани.  

Mazedonien Wahlen - VMRO-DPMNE Gruevski (Reuters/O. Teofilovski)

Ќе го постави ли некој во ВМРО-ДПМНЕ прашањето на одговорност на Груевски?

Груевски сѐ повеќе сам

Во ДУИ се целосно затворени за какви било коментари околу актуелната состојба. Тоа продуцира разни шпекулации за внатрепартиско незадоволство и поделеност, па во политичките кулоари се вртат и различни податоци за „распоредот на силите“ по прашањето дали и со кого би коалицирала ДУИ за состав на новата влада. Идентична затвореност владее и во ВМРО-ДПМНЕ, особено по прашањето за одговорноста на лидерот за високо поставената скала на изборниот резултат (63 пратеници), наспроти реално освоените мандати, кои покажуваат дека довербата во оваа партија е во слободен пад. Според партиски извори, не се очекува дека некој ќе го постави прашањето за одговорност на Груевски, бидејќи сите негови намери формално биле покривани со „одлуки“ на Извршниот комитет и други партиски органи. Велат дека во групата околу Груевски одамна не владее ни доверба ни кохезија, дека е прилично раситнета, а партискиот лидер реално може да се потпре само на двајца до тројца најблиски соработници.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Заев заминува од градоначалничка на „друга функција“

И додека за состојбите внатре не се зборува јавно, партијата не молчи само кога станува збор за политичкиот опонент, Зоран Заев. Тој на вчерашната седница на Советот на општина Струмица најавил дека се повлекува од функцијата градоначалник „поради заминување на друга функција“.

„Во следните денови настапува престанок на функцијата градоначалник поради мое заминување на друга функција. За заменик го номинирам советникот Костадин Костадинов, кој ќе ја извршува работата согласно со законот до поставувањето на вршител на должност градоначалник на Општина Струмица до изборите“, изјавил Заев.

Во овој потег на Заев, ВМРО-ДПМНЕ гледа страв „од соочувањето со одговорноста за направените криминали“.

„Затоа на аболицираниот лажго Заев му треба пратеничкиот имунитет. Тоа е првата и основна причина поради која се откажува од градоначалничкиот мандат. Втора причина е тоа што е свесен дека неговата политичка кариера е на самиот крај. Граѓаните на 11-ти декември масовно одговорија дека не се согласуваат аболицирани криминалци да ја водат државата, а Зоран Заев знае дека таков одговор ќе добие и од струмичани на следните локални избори“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

DW.COM

Реклама