Сѐ што треба да знаете за изборите во Германија | Информации и анализи за Германија | DW | 25.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Сѐ што треба да знаете за изборите во Германија

В недела (26.09.) Германците избираат нов состав на Бундестагот. Донесуваме одговори на сите најважни прашања поврзани со германските парламентарни избори.

Зошто се овие избори толку важни?

Ангела Меркел веќе 16 години како канцеларка е на чело на сојузната влада, предводена од нејзината Унија, ЦДУ/ЦСУ. Младите избирачи не се ни сеќаваат на друга личност на чело на германската влада. Но, 67-годишната канцеларка се повлекува, а Унијата не котира добро во анкетите. Долго време се водеше интерна кавга кој да ги предводи ЦДУ/СЦУ на изборите, а имаше и турбуленции во раководството на ЦДУ. 

Што се избирав недела? 

Германските избирачине избираат директно канцелар. Тие избираат нов состав на Бундестагот, значи народни претставници. Дури неколку недели подоцна новоизбраните пратеници се состануваат во Берлин и избираат нов канцелар, кој потоа формира сојузна влада. 

Ангела Меркел е канцеларка и по изборите но колку долго? 

И по изборите в недела, сојузна канцеларка останува Ангела Меркел. Нејзиниот мандат формално завршува со конститутивната седница на новиот Бундестаг, која мора да се одржи најдоцна 30 дена по изборите. Ангела Меркел останува практично како вршител на должноста сѐ додека Бундестагот не избере нов канцелар. По последните сојузни избори во 2017. година тоа траеше околу половина година.

Кога новата влада ќе ја преземе должноста? 

По изборите, партиите прво ги анализираат изборните резултати. А потоа со потенцијалните коалициски партнери се влегува во „сондирања“, односно испитување на теренот околу тоа кој со кого вистински би можел и сакал да коалицира. Дури потоа почнуваат евентуални преговори за формирање заедничка влада, а тоа може да потрае. 

Berlin | Sitzung Bundestag

Конститутивната седница на Бундестагот во 2017. година

Новата сојузна влада ги презема работите дури откако Бундестагот со апсолутно мнозинство ќе го избере новиот шеф на владата, односно откако новиот канцелар или канцеларка ќе го именува својот кабинет, и сите тие заедно од сојузниот претседател добијат официјална потврда за именување, а на крајот во Бундестагот полагаат заклетва. Само да потсетиме, изборот на актуелниот состав (19.) на парламентт се случи на 24.09.2017. година, а канцеларката Меркел на должноста беше повторно избрана дури на 14.03.2018. година. 

Зошто избирачите имаат два гласа? 

Избирачкото право во Германија пропишува т.н. „персонализирано пропорционално право на глас“. Секој избирач има на располагање два гласа – т.н. „прв“ и „втор“ глас, тоа значи ставање две крвчиња на гласачкото ливче. Со првиот глас во секоја од 299 изборни единици се одлучува за еден конкретен кандидат или кандидатка. Со тоа е загарантирано секоја изборна единица, односно регион, да биде претставен во Бундестагот. Со вториот глас се избираат изборни листи во сојузните покраини. Тој втор глас одлучува за односот на силите во новиот Бундестаг, затоа тој е поважен од првиот. 

Wahlzettel Bundestagswahl 2005

Избирачите во Германија имаат два гласа

Интересно е што поради можната разлика меѓу бројот на директно избрани пратеници и процентот кој некоја партија го освоила врз база на вториот глас, не е можна прецизна прогноза за тоа колку пратеници ќе има новиот состав на Бундестагот. Моментално ги има 709, а по новите избори можно е да ги има меѓу 800 и 900. 

Кој има право на глас? 

Право на глас имаат сите граѓани кои до в недела, на денот на изборите, се полнолетни, кои поседуваат германско државјанство и минимално три месеци живеат во Германија. Германците кои живеат во странство смеат да учествуваат на изборите, но претходно мора да поднесат барање. За ралика од локалните избори, на сојузните не смеат да бидат избирани луѓе без германски пасош, иако со децении живеат во Германија. 

Колку лица имаат право на глас? 

Според проценките на Сојузниот завод за статистика, право на глас на изборите в недела имаат околу 60,4 милиони Германци. Бројот на жени со право на глас (31,2 милиони) е нешто поголем отколку бројот на мажи (29,2). Пред четири години според ифицијалните податоци, право на глас имале 61,7 милиони луѓе.   

Колку луѓе првпат имаат право на гласање? 

Околу 2,8 милиони Германци наполниле 18 години од последните избори и сега првпат имаат право да избираат. Тоа е 4,6 проценти од вкупниот број лица со право на глас. За споредба: 21,3 % лица со право на глас имаат 70 или повеќе години. 

Колку партии учествуваат на изборите? 

На изборите учествуваат 47 партии, од нив 40 номинираа своја листа барем во една сојузна покраина. Процентот на освоени гласови во некоја сојузна покраина решава за тоа колку кандидати од таа листа ќе влезат во Бундестаг. Само 11 политички партии имаат свои листи во сите 16 сојузни покраини. Меѓу нив од актуелниот состав на Бундестагот се и СПД, АфД, ФДП и Левица. ЦДУ не настапува во Баварија, а таму на избори излегува само ЦСУ. А Зелените не излегуваат на избори во покраината Сар. 

Bundestagswahl 2021 Wahlplakate in Frankfurt am Main

Изборни плакати во Франкурт

Колкава излезност се очекува? 

Најчесто излезноста на сојузните избори е повисока отколку излезноста на избори за покраинските парламенти, односно на комуналните избори. Највисока стапка на излезност е забележана во 1972 година (91,1%), а најниска во 2009. – 70,8%.

Зошто не постои обврска за користење на избирачкото право? 

Гласачката обврска е тема за која порано повремено се дискутираше. Но, обврската е спротивна на доброволноста на избирачката одлука. Кога источногерманскиот активист за заштита на човековите права, Јоахим Гаук на 18.03.2012. година беше избран за нов сојузен претседател, во својот говор се присети на своето прво учество на слободни и демократски избори – на 18.03.1990. година. Станувало збор за избори за првиот слободен парламент на Германската Демократска Република. „Каква убава недела“, рече Гаук. „Ние, односно милиони источни Германци, по 56-годишно владеење на диктатори конечно смеевме да бидеме граѓани... Во тој момент бев исполнет со радост, но знаев и дека никогаш, никогаш нема да пропуштам некои избори.“ 

Можно ли е онлајн гласање? 

При гласањето се исклучиво дозволени само официјалните гласачки ливчиња. Само еднаш, а тоа беше во 2005 година, нешто повеќе од еден милион луѓе можеа да гласаат и преку компјутер. Сојузниот уставен суд подоцна сепак одлучи дека користењето на компјутери се коси со принципот на јавност на изборите, односно дека е противуставно. 

Landtagswahl Sachsen 2019

Гласачко место

Поради опасност од хакерски напади и обиди за напади на електронските избори и во други земји, во последните години порасна скепсата кон електронско одржување на избори. 

Кога ќе бидат познати резултатите? 

Веднаш по затворањето на избирачките места се објавуваат т.н. прогнози. Институтите за испитување на јавното мислење ги анкетираат луѓето кои излегуваат од гласачките места за кого гласале и тоа се податоци кои се објавуваат во 18 часот. Нешто подоцна, кога е веќе преброен одреден број од гласачките ливчиња, се објавуваат првите проекции. Резултатите од актуелните избори се споредуваат со оние од изминатите. Со оглед на одредена доза несигурност, на тие резултати се гледа со претпазливост. Дури следното утро се објавуваат „привремени резултати“, а до објавувањето на официјалните конечни резултати, може да поминат и неколку недели. 

Постојат ли набљудувачи на изборите? 

Изборите се јавни, секој во текот на денот, односно во текот на гласањето а и подоцна, во текот на пребројувањето на гласовите, може да престојува на гласачко место и да гледа дали сѐ се одвива според правилата. Од изборите за 17. состав на Бундестагот, германските избори ги „набљудуваат“ и неколку експерти од посматрачката мисија на ОБСЕ.