Интересот за изучување германски јазик во С. Македонија расте. Од најрана возраст кај деца, па сѐ до лекари, инженери, лица од ИТ секторот, кои иднината за своето професионално реализирање ја гледаат во Германија.
Според македонскиот Државен завод за статистика на почетокот на учебната 2017/2018 година имало 382 наставници во основното и 136 во средното образование кои предаваат германски јазик. Истата година, вкупно 46.960 основци и 19.262 средношколци го учеле германскиот како втор странски јазик. Податоците покажуваат дека по англискиот, кој сè уште доминира, втор најизучуван јазик е германскиот.
И Гете-институтот во Скопје, кој е одговорен за координација на Западен Балкан, од 2016 па досега бележи сѐ повеќе студенти заинтересирани за изучување на германскиот јазик, но и за полагање на испитот за степенот на познавање на јазикот кој им ги отвора вратите за студирање, работа или спојување со семејството во Германија.
Тања Кригер, директор и раководител на јазичниот оддел во Гете-институт во Скопје, во врска со мотивите за учење германски јазик истакнува:„Ние редовно спроведуваме прашалници, конкретно не го поставуваме тоа прашање, зошто учат германски јазик, но можам да дадам неофицијални изјави. Најпрво, германскиот јазик е многу интересен. Покрај латинскиот јазик, германскиот е важен јазик за да се изучуваат и други јазици. Исто така има голем интерес и за германската култура и тоа е друга причина да се изучува германскиот јазик кај нас. Секако дека имаме слушатели кои сакаат да студираат во Германија или сакаат да одат во Германија и таму да живеат.“
Но не само дома, Македонците покажуваат голем интерес, но иуспех во изучувањето на германскиот јазик и кога ќе стигнат во Германија.