Судови според вкусот на владата | Свет | DW | 15.07.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Судови според вкусот на владата

По Уставниот суд, на удар на владата во Полска се и пониските правосудни инстанци. Владата сака да воспостави целосна контрола над судството. Критичарите предупредуваат од уништување на класичната поделба на власта.

Полскиот парламент по итна постапка изгласа нова организација на судовите. Опозицијата неа ја смета за удар врз судството и стравува дека доаѓа крај на независноста на судиите. Планот на полската влада е Врховниот суд да биде подреден на Министерството за правда. 

Пред Врховниот суд на плоштадот Карсински во Варшава е сместен малку чуден протестен логор (на насловната фотографија). „Судот мора на суд“, стои на еден транспарент. На друг е напишано дека „злосторниците“, а притоа се мисли на судиите именувани уште во времето на комунизмот, мораат да бидат сменети. Неколку капаци за ВЦ-шолји, дотраени каучи и друг стар мебел го претставуваат, барем во очите на оние кои протестираат, начинот на кој функционира полското правосудство. Десноориентираните демонстранти бараат од десноориентираната влада да преземе нешто против наводно преголемите овластувања на правосудството. Против „судократијата“, како што тие ја нарекуваат.

Судови според вкусот на владата

Судење на судовите, тоа е целосно во согласност со ставовите нанационално-конзервативната влада. Таа веќе извојува една победа: Уставниот суд донесе одлука која го погодува Државниот правен совет, КРС, досега независен уставен орган со одлучувачка улога во именувањето судии. Одлуката на Уставниот суд предвидува за составот на КРС, кого го сочинуваат 25 членови, од кои 15 ги одредуваат гранковите судски здруженија, во иднина, според вкусот на владата, засилено влијание да има парламентот. Исто така, би требало да биде скратен и мандатот на сегашните членови на КРС. Уставниот суд заклучи дека досегашната регулатива за пополнување на составот на КРС е противуставна, со што отвори пат за нов закон, по чие стапување во сила, Партијата на правото и правдата, ПиС, со Јарослав Качински на нејзино чело, ќе има зголемено влијание врз правосудството и можност за притисоци врз „непослушните“ судии. Уставниот суд со години даваше отпор за носење ваква одлука. Но, отпорот престана кога на челната позиција на ова тело дојде стручно спорната, но затоа верна на ПиС, Јулиа Пшилебска. Сега е на ред последната тврдина од отпорот, Врховниот суд, пред кој е собран таборот „гневни“ граѓани.

Polen Warschau Verfassungsgerichtshof Richter Andrzej Rzeplinski (picture-alliance/dpa/P. Supernak)

Уставни судии во Полска, состав во 2016. година

„Да му се врати правосудството на народот“

И овде парламентот игра клучна улога: група пратеници од ПиС поднесе барање за проверка на уставноста на именувањето претседател на Врховниот суд. На удар на ПиС се наоѓа претседателката на судот, Малгоржата Герсдорф, чие именување конзервативните националисти го сметаат за противуставно. Процесот за ставање на судството под партиска контрола продолжува. ПиС, се разбира, на тоа гледа поинаку. „Му го враќаме правосудството на народот“, вели пратеникот од ПиС и претседател на парламентарната Комисија за правосудство, Станислав Пјотрович. Како и во останатите транзициски држави и овде национално-конзервативните „јастреби“ често можат да се пофалат со богата кариера во време на комунистичката власт. Пјотрович во мрачните 80-ти бил државен обвинител. Либералната пратеничка Камила Гасиук-Пихович сето тоа збирно ја потсетува на комунистичкото доба, кога режимот пропагирал „единство на народот и правосудството“.  

Опасност за демократијата

Но, и сегашниот премиер својот правнички занает го испекол во комунистичко време, кога стриктната поделба на власта, што е одлика на демократско општество, не била владејачка доктрина. Во тоа време за оваа доктрина се залагала опозицијата. Почнувајќи од времето на Монтескје, француски филозоф и родоначалник на теоријата за поделба на власта, поделбата на власта игра голема улога. Но, ПиС сака во Полска да воведе комплетно поинаков систем. Оваа промена претставува голема опасност за полската демократија и слободите на поединецот, вели поранешниот борец за човекови права во комунистичка Полска, Александер Хал во својата статија во весникот „Политика“. Негов заклучок е дека и натаму ќе има судии кои своите одлуки ќе ги носат независно од притисокот на власта. Но тие, истакнува тој, ќе бидат изложени на отворени кампањи на омраза, како што е сега случај со судиите на Врховниот суд. Песимист е и бившиот претседател на овој суд, Адам Стршембош. „Како Јарослав Качински само се осудува да тврди дека Врховниот суд е бастион на пост-комунизмот. Ако е така, тогаш предлагам нему веднаш да му се одземе докторската титула“, вели Стршембош. Тој заклучува дека претседателот на Полска, Анджеј Дуда, кој по правило дава благослов за секоја одлука на Качински, еден ден можеби ќе одговара пред државен трибунал поради улогата во уништувањето на Уставниот суд.

 

 

DW.COM

Реклама