Студена војна меѓу Бугарија и Македонија | Северна Македонија | DW | 12.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Студена војна меѓу Бугарија и Македонија

Сакале да признаеме или не, железна завеса се спушти од Деве Баир до Ново Село. И таа е спуштена од исток, а не од запад. Со неа сега треба да се живее, иако во секое време може да се помине. Пишува Љупчо Поповски.

Пријателствата и сојузништвата некогаш за многу брзо време се претвораат во неверојатен антагонизам. Јадрото на сите тие навидум неочекувани пресврти лежи во две основни работи: политиката и интересите. На многу брутален начин тоа го почувствува македонската јавност и сите делови од нејзиниот мозаик (обични граѓани, политички научници, политичари, бизнисмени, невладини експерти) кога сфати дека можната доверба по Договорот за добрососедство не е еднаш засекогаш воспоставена. Бугарија и Македонија влегоа во студена војна 30 години по падот на Берлинскиот ѕид и без оглед што вината на македонската држава е минорна, војната веќе е поставена и со неа треба да се справува.

Многумина од вас, веројатно, знаат како Винстон Черчил, британскиот херој од Втората светска војна, во својот легендарен говор на Колеџот Вестминстер, во американската држава Мисури, на 5 март 1946 година ја опиша Европа десет месеци по крајот на војната. И како сојузниците од големата победа во војната станаа жестоки непријатели во мирот. Черчил тогаш беше прв човек на опозицијата (ги загуби изборите во јули 1945, кога војната беше завршена, од лабуристот Клемент Атли). Овој говор на Черчил ја одбележа целата студена војна помеѓу капитализмот и социјализмот.

Што рече Черчил во Мисури?

„Од Шќеќин на Балтикот до Трст на Јадранот, железна завеса се спушти низ целиот континент. Зад таа линија лежат сите престолнини на античките држави од Централна и Источна Европа. Варшава, Берлин, Прага, Виена, Будимпешта, Белград, Букурешт и Софија, сите овие познати градови и населението околу нив лежат во она што морам да го наречам советска сфера, и сите се предмет во една или друга форма, не само на советско влијание, туку во многу висока и, во многу случаи, зголемена мерка на контрола од Москва...

Темните времиња може да се вратат, Каменото доба да се врати на светкавите крила на науката, и она што сега може да истура неизмерни материјални благослови врз човештвото, дури може да донесе и негово целосно уништување. Внимавајте, велам, времето може да биде кратко. Не дозволувајте да нѐ однесе текот, дозволувајќи им на настаните да лебдат додека не биде доцна. Постои патот на мудроста. Превенцијата е подобра од лекот.

Сенка падна на сцените до неодамна осветлени од сојузничката победа. Никој не знае што Советска Русија и нејзината меѓународна комунистичка организација имаат намера да направат во блиска иднина, или кои се границите, доколку ги има, на нивните експанзивни тенденции за промена на мислењата. Имам силно воодушевување и почит кон храбриот руски народ и кон мојот воен другар, маршалот Сталин. Ние ја разбираме руската потреба да бидат сигурни на нејзините западни граници со отстранување на секаква можност за германска агресија... Меѓутоа, моја должност е, бидејќи сум сигурен дека би сакале, да ги кажам фактите како што ги гледам, за да поставам пред вас одредени факти за сегашната позиција во Европа“.

Овој малку преголем цитат од долгиот говор на Черчил 74 години подоцна може да изгледа неумесен, но во основа има важни пораки за состојбата во којашто се најдоа „пријателите и браќата“ – Македонците и Бугарите. Сакале ние да признаеме или не, но железна завеса се спушти од Деве Баир до Ново Село. И оваа железна завеса е спуштена од исток, а не од запад, и со неа сега треба да се живее, иако во секое време може да се помине. Потрагата по причините зошто Софија реши да ја спушти железната завеса и на Деве Баир и во Брисел можеби за момент треба да им се остави на толкувачите на бугарската „кремљологија“. Или на паметните луѓе во Бугарија, кои и самите не можат да ги откријат корените на овој драматичен пресврт („Големиот удар што ВМРО му го нанесе на нашиот национален интерес беше ветото врз Северна Македонија. Борисов можеше да испише истоприја, а тој дозволи да биде уценуван. Што бараме од нив? Никој не разбра" – Ивајло Дичев). Овој судир не е како замрзнатиот конфликт со Грција околу името, тој е многу подлабок и посуштински.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски

Сенка на сцената

Грешки се направени, и најголемиот дел од нив со најдобра намера, но постојаното нивно јавно потенцирање нема да ги помести работите напред. Бидејќи, како што вели Черчил, падна сенка на до неодамна осветлената сцена, и македонската политика и дипломатија ќе треба да се научи како да се движи во таа сенка. Во тоа прегрупирање на силите на некои работи треба да се подзаборави – како онаа здодевна реченица на европските функционери и европските министри: „Не е прашање дали Македонија ќе влезе во ЕУ, туку прашање е кога“. Поголемиот дел од јавноста сега можеби мисли дека „не е прашање кога, туку дали Македонија ќе влезе во ЕУ“. Но она што поголемиот дел на јавноста можеби го мисли не значи дека треба да биде водилка на политиката.

Како македонскиот количник да се вметне во европската равенка? Погледнете го само маратонскиот самит на ЕУ што заврши вчера. Кога треба да се делат парите од буџетот во наредните седум години од буџетот, можеше да се најдат компромиси со двете жестоки илиберални демократии – Унгарија и Полска. Кога требаше да се формулираат заклучоците за поостри санкции против Турција (вклучувајчи ги и човековите права), Ангела Меркел и Бојко Борисов, според искажувања на дипломати, биле најгласни тонот да биде јасен, но помек. И Меркел и Борисов имаат свои причини за тоа (тие се одамна познати) и разбирливо е дека можат да направат сојузништво за заедничка цел. Но очигледно Меркел, од друга страна, не ја вклучи целата сила на својот погон да го разубеди Борисов да го тргне ветото. Премиерот Зоран Заев на многу пластичен начин некни во интервјуто за Телма ги објасни овие партнерства: „Тие се внатре на топло, а ние надвор на студено“.

Ако ја исклучиме дипломатијата која треба да трасира патишта кои можеби досега не сме ги знаеле, и ако сме веќе на студено, ние треба да најдеме начин да се згрееме. Најдоброто „греење“ е со пари. Замислете, за целиот Западен Балкан со шест држави и 18 милиони жители во седумгодишниот буџет се издвоени 9 милијарди евра, а само за Бугарија, која има близу седум милиони жители, ќе бидат одвоени 30 милијарди евра. Како овие шест држави ќе се развиваат во наредните седум години, кога помошта ќе биде на лажиче? Точно е – во изминативе години Македонија доби стотици милиони долари од ЕУ, но тоа е ужасно помалку во однос на земјите-членки од наша големина што ги добиваат секоја година. Не можеш многу да му се мешаш на едно семејство како да ги дели сопствените пари, но можеш да му предочиш дека со неговата политика драматично ги осиромашуваш неговите први соседи и ја зголемуваш меѓусебната разлика, која веројатно никогаш не може да биде достигната.

Дурги колумни од авторот: 

Во вителот на хипокризијата

Дали Заев се сопна?

Водич за блокада во ЕУ

Дали ние треба уште да се однесуваме како добри Самариќани?Владо Бучковски беше испратен со најдобра намера во Софија ако може да стопи дел од мразот, но таму беше искористен за политичко поентирање од најприземен вид. Привидот што беше поставен за него (да се сретне со сите клучни луѓе од државата) го постигна ефектот во бугарската јавност дека нивните политичари имаат цврст непроменет став кој не може никој да го омекне. Видео-снимката од целиот разговор на Бучковски со Борисов е злоупотреба од највисок степен. Борисов завален во фотелјата (како „Расим распашан“ од чудесната песна) патерналистички се однесуваше кон еден поранешен премиер, кој толку многу се трудеше во неговиот мандат да ги подобри односите меѓу двата соседа. (Истиот трик со видео снимката Борисов му го направи и на Христијан Мицкоски.) И се однесуваше кон Бучковски како кон бруцош, кој дошол на први консултации кај славниот професор. Двајцата први луѓе од македонскиот дел од историската комисија, Драги Ѓоргиев и Петар Тодоров, пред некој ден го изјавија истото – дека бугарските историчари се однесуваат патерналистички кон македонските колеги.

Bulgarien Nordmazedonien Boyko Borissov Zoran Zaev

Јадрото на сите тие навидум неочекувани пресврти лежи во две основни работи: политиката и интересите (фото: македонскиот и бугарскиот премиер, Заев и Борисов во Софија, 10.11.2020)

Лажни тврдења

Кога Бучковски си замина од прес-конференцијата со Захариева, таа одговори уште на две прашања од бугарските новинари и таа тогаш изјави работи што не можат да се поврзат едни со други: „Тврдењето дека Бугарија го оспорува идентитетот е апсолутно невистинито. Државите не признаваат јазици и народи, тие признаваат држави. Нашиот проблем е што тие го градат идентитетот целосно врз антибугарска основа. За жал, таму се добиваат избори само на антибугарска реторика“. Во тој момент беше јасно дека мисијата на Бучковски ќе биде неуспешна – настрана лажните ставови за изградбата на идентитетот, туку да изнесеш целосно лажно тврдење дека Заев ги добил изборите врз антибугарска реторика е да работиш со сите сили да го собориш од власт.

Вчера во бугарското собрание Захариева тврдеше дека „тоталитаризмот бил македонска државна политика“. Тие оценки ги повторува повеќепати и тоа, според бугарските урнеци, не е говор на омраза. Која влада, во која држава во Европа, од друга влада сега е означена како тоталитарна? Па дури ни автократскиот режим на Орбан. Ова е далеку поголема навреда отколку ветото. И тоа после исклучително позитивниот извештај на Европската комисија за демократизацијата и реформите. Ни ракии ни кафе, ова е директно поткопување на владата на Заев, затоа што во бугарските пресметки со евентуално нов националистички кабинет во Скопје нивната политика ќе може да добие морална и практичка опавданост.

Па оние приказни за Коридорот 8? Од бугарска страна со децении не е направено ништо значајно педестина километри од границата кај Деве Баир кога треба да се вози со лазење затоа што патот поминува од село во село, но што е најдобро: префрли ја целата вина врз другиот.

Главната работа во однесувањето на Софија е што таа на Балканот како некаков вид хегемон почна да се раководи од познатата Трампова доктрина која може да се објасни како „Бугарија прво“. Исто како што се раководеше со истата политика и пред сто години. Во таа политика Македонија секогаш била главниот плен, само што сега тоа треба да се направи на поинаков начин, а не со територијално ширење. Начинот на кој Софија злоупотреби повеќе важни личности од Македонија, вметнувајќи ги нивните добронамерни ставови во пајакова мрежа, би требало да биде момент за отрезнување за многумина овде. Не да ги сменат своите ставови, туку поради можноста нивната добронамерност да биде изманипулирана до краен степен.

За време на студената војна, мостот Глинике крај Берлин беше нултата точка за разменување на заробени шпиони. Македонија и Бугарија сега треба да изградат нов метафоричен мост Глинике, каде што треба да разговараат вистински и врз еднакви основи, а не со патернализам и уцени. Инаку јазот кој се прошири како Амазон во делтата не ќе може да се надмине со генерации.

Реклама