1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странците се дискриминирани кога бараат стан во Германија

Фридел Таубе
1 февруари 2020

Дали еден Штефан Мајер има подобри изгледи да најде стан отколку еден Мустафа Јилмаз? Тоа го сугерираат резултатите од една нова студија. Секој трет мигрант кој бара стан е соочен со дискриминација. Активисти алармираат.

https://p.dw.com/p/3X1sR
Deutschland Immobilien l Wohnungssuche - Zeitungsanzeige
Фотографија: Imago/Wolterfoto

„Една соба, кујна, бања, 40 квадратни метри, може веднаш да се издаде, само на Германци.“ Хамадо Дипама бил воодушевен од понудата за издавање стан во баварскиот град Аугсбург и уште пред да ја дочита внимателно до крај се јавил на сопственикот. Човекот од Буркина Фасо немал среќа: штом го чул неговото име, сопственикот го прекинал разговорот. „Само Германци“ - тој пасус Дибама не го забележал. И тоа се покажало точно - кога нешто подоцна негов пријател Германец се јавил за истиот стан веднаш добил термин за да го разгледа.

Случаите како со Хамадо Дипама во Германија очигледно не се исклучок, а тоа го покажува и нова студија на Сојузната агенција против дискриминација. Репрезентативната анкета покажала дека повеќе од третина, односно 35% од лицата кои бараат стан, барем еднаш биле дискриминирани заради нивното потекло. Лица кои не се Германци не биле во сите случаи веднаш исклучувани во самиот оглас, како во случајот со Хамадо Дипама. 53 проценти наведуваат дека дури подоцна биле нееднакво третирани заради нивното потекло. Една четвртина наведува дека од нив се барала повисока станарина, односно цената за продажба на станбениот простор била повисока отколку за германските кандидати.

Повеќе:

Како да се најде стан во Германија?

Германците немаат каде да живеат

Дали е национализацијата лек за недостигот од станови?

Борба за живеалиште со разумна цена

Постоечките закони често немаат примена

Такви форми на дискриминација всушност не би требало да се можни. Шефот на Сојузната служба за антидискриминација, Бернард Франке, во интервју за ДВ појаснува: „Дискриминацијата на пазарот на недвижности е забранета со закон. Засегнатите треба да се информираат за нивните права и доколку е можно да преземат правни мерки против дискриминацијата."

Законот за еднаков третман забранува нееднаков третман во многу области, па и во однос на просторот за домување. Во него се наведени шест основи по кои не смее да има дискриминација: возраст, попреченост, потекло, пол, светоглед и сексуален идентитет. Проблемот притоа е што речиси половина од засегнатите лица никогаш не чуле за постоењето на законот.

Бројот на оние кои де факто преземаат правни мерки е уште помал. „Луѓето уште поретко преземаат нешто. Тоа се должи и на самите закони", смета Франке. „Законот за еднаков третман содржи многу исклучоци, кои на пример се однесуваат на приватни лица кои поседуваат само еден стан во една зграда."

Name als Kriterium bei Wohnungssuche
Германците имата повеќе шанси да најдат стан од доселениците, покажува новата студијаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Brandstädter

Законот за еднаков третман често е непознат

Други причини пак придонесуваат голем дел од општеството да не ги користи можностите што ги нудат постоечките закони, вели Улрих Шнајдер, претседател на Германското здружение на организации кои се залагаат за еднаквост по разни основи. „Многумина се чувствуваат беспомошни во однос на издавачите на станови", вели Шнајдер во интервју за ДВ.

Причина за тоа е и екстремно оптоварениот пазар за недвижности во Германија. „За проблемот има решение кое звучи едноставно“, вели Шнајдер. „Потребни ни се повеќе станови. Да има доволно станови на располагање, прашањето со дискриминацијата би било беспредметно.“

Изненадувачки на студијата е тоа дека 83 проценти од испитаниците навеле оти расистичка дискриминација, според нивните согледувања, се случува често на пазарот со станбен простор, но истовремено 41 процент велат дека и самите би имале дилеми сопствениот стан да го издадат на доселеник. Тоа не го изненадува Бернард Франке. „Тука гледаме дека предрасудите во однос на доселениците се зголемуваат колку повеќе прашањето навлегува во личната сфера, и покрај тоа што кај луѓето постои свест за проблемот.“

Становите сѐ понедостижни

Социјалните здруженија гледаат структурен проблем со расизмот

Улрих Шнајдер смета дека резултатите од студијата се должат на постоењето структурен проблем во општеството: „Во Германија има огромни предрасуди спрема странци или лица со странско потекло. Тоа се токму оние структури кои овозможуваат на партии како Алтернативата за Германија да сервираат десничарски идеи."

За да се отстрани проблемот на пазарот за недвижности мора да се почнат кампањи за подигање на јавната свест, смета Франке. „Издавачите на станови мора да знаат што смеат, а што не смеат да прават, а потенцијалните потстанари мора да си ги знаат своите права."

Хамадо Дипама од Буркина Фасо, којшто бил одбиен, ги знаел своите права и побарал и правна помош. Исходот е осуда на парична казна од 1000 евра за издавачот на станот со пресуда од Основниот суд во Аугсбург во декември 2019 година.