1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Во потрага по евтин станбен простор

Керстен Книп
11 декември 2019

Со години на германскиот станбен пазар состојбата е напрегната, посебно во поголемите градови. Најнова студија покажува дека ситуацијата во догледно време нема да се промени, домувањето останува скапо. Но, постои и надеж

https://p.dw.com/p/3Mbpj
Wohnungsmarkt in Berlin
Фотографија: picture-alliance/R. Schlesinger

Сѐ поголем број луѓе во Германија се соочени со проблемот да најдат соодветен стан. Побарувачката е особено голема во поголемите градови. Последица е раст на цените, тешко се наоѓа станбен простор соодветен на платежната моќ.

Недостигот добива конкрени бројки во студија на Институтот за германска економија во Келн. Според неа, во изминатите три години во Германија интензивно се градело, на пазарот се понудени околу 283.000 нови станови, но тие се само четири петини од побарувачката. За да се затвори јазот меѓу понудата и побарувачката, во оваа и во идната година треба да бидат изградени по 340.000 нови станбени единици. Очекувањата се насочени првенствено кон општините, кои треба да го олеснат градењето, вели еден од авторите на студијата, Ралф Хенгер во разговор за ДВ.

Заостанувања во станбената изградба бележат во прв ред поголемите градови. Така, во Келн и во Штутгарт се градат само половина од становите кои, според Институтот, би можеле да го заситат „гладот“. И Минхен, Франкфурт на Мајна и Берлин градат помалку станови отколку што е потребно, иако дискрепанцата таму е помала. Слично е и на други места. „Тука не само што е регистриран недостиг на актуелни станови, туку и долгорочно има потреба од зголемување на градежната активност“, констатираат авторите на студијата, Ралф Хенгер и Михаел Фојгтлендер.

Недоволно персонал и прописи

Причините за дефицитот се многустрани, вели Тобијас Јуст, директор и научен раководител на Меѓународната бизнис школа за градежна сопственост на универзитетот во Регенсбург. „Најважен фактор е пристапот кон градежно земјиште“,вели тој, „има недоволно можности за градење, а процедурите за добивање градежни дозволи во цела редица градови се преспори.“ До ваков заклучок доаѓаат и авторите на студијата.

Deutschland Neubaugebiet in Freiburg
Градежен бум, но сепак недоволно становиФотографија: picture-alliance/dpa/Winfried Rothermel

На тоа се надоврзува и проблемот што насекаде каде може да се гради, граѓаните протестираат против намерата за градење. „Со право го истакнуваат засегањето на нивниот квалитет на живеење. Но, тоа повратно води до тоа што и онаму каде се гради, тоа не се одвива со потребна брзина.“

Отежнувачки е и уште еден фактор, вели Јуст: „Во последните години дојде до пораст на градежните трошоци. А последица е што  се гради во прва линија во еден сегмент – релативно скапиот."

Состојбата најлоша во метрополите

Посебно напрегната е состојбата во метрополите и универзитетски центри. Голем прилив на луѓе, бројно недоволен персонал во градежните служби, строги прописи и недостиг од стручна сила во градежништвото дополнително го кочат развојот. Градовите треба да направат напори за стопирање на порастот на кириите, предупредуваат авторите на студијата.

Оттаму, најважно е проширување на градежните зони, истакнува Тобијас Јуст. „Тоа значи и по визионерско размислување во градовите. Не можеме да очекуваме секоја година да вклопуваме 300.000 станбени единици во постојните структури, во сегашните урбанистички планови.“ Градовите би требало да се прошируваат кон периферијата, а за тоа таа треба да биде направена поатрактивна, на пример преку делокација на административни служби во помали градови или надградба на постојната мрежа на градски сообраќај.

Градежен бум во структурно слабите региони

Сосема спротивно изгледа, според студијата на Институтот за германска економија во Келн, надвор од градските области. „Додека во конгломератските центри беснее вистинска борба за станбен простор, во многу структурно слаби селски региони и градови се гради премногу.“ Во 69 од 401 градови и селски општини во изминатите две години се изградени 50% повеќе станови отколку што тоа било фактички потребно, според студијата на Институтот од Келн. Последица на тоа е што многу станови таму сега зјаат празни.

Andrang bei Wohnungsbesichtigung
Понудата на станови заостанува зад побарувачкатаФотографија: imago/Friedrich Stark

Проблемот, во догледно време, останува акутен и во градовите. Кириите ќе растат и натаму, прогнозира Јуст, иако не со такво темпо како во последните години. Зашто, во меѓувреме се гради поинтезивно отколку пред неколку години. Исто така, ни приливот во поголемите градови не е толку масивен. Затоа е можен помал пораст на  станарините,  претпоставува експертот. „Цените на недвижностите, напротив, веројатно ќе се покачуваат посилно од кириите. Тоа е условено од недоволните алтернативи на инвеститорите, освен вложување во недвижности.“ Врз основа на слабите камати кај други форми на вложување, постои голема фокусираност врз  недвижностите.

Сепак, има и една половично добра вест, според студијата. Во перспектива, проблемот со недоволниот станбен простор може барем да се намали: проценките на авторите на студијата велат дека побарувачката до 2025 година ќе се намали на околу 260.000 годишно, а до 2030 година на прибижно 246.000 станови годишно. Тоа е условено од очекуваното намалување на доселувањето, кое нема да се одржи трајно на ниво од преку 400.000 луѓе годишно. Но, дотогаш ќе продолжи да важи: итно се бара стан.