Стоп за пристапните преговори на Турција со ЕУ | Свет | DW | 01.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стоп за пристапните преговори на Турција со ЕУ

Во ЕУ се дискутира за замрзнување на пристапните преговори со Турција, а турскиот министер за Европа ги отфрла сите критики и инсистира на полноправно членство. Ова е политички илузионистички театар, смета Барбара Везел.

Пропагандните начела беа познати уште пред ширењето лаги да да биде минимизирано под новиот термин - „постфактички“. Проверениот рецепт гласи - луѓето ќе поверуваат и во најголемата бесмислица, во најневеројатните политички тврдења, ако тие постојано им се повторуваат. Турската влада во моментов се презентира како велемајстор во оваа умешност.

Виновни се Европејците

Турскиот министер за Европа Омер Челик при својата посета во Брисел се придржуваше до начелото: нападот е најдобра одбрана. Според неговото претставување на нештата, кризата во меѓусебните односи се должи најмногу на проблемите во комуникацијата. На Европејците едноставно им недостига вистинско разбирање за Турција, тврди главниот турски преговарач. Оттаму, проблемите лежат во самата ЕУ, зашто таа по обидот за пуч летоска, покажа премалку симпатија за нападнатата влада во Анкара и премалку готовност за неопходноста со сите средства  да се бори против нејзините непријатели. 

Ваквите оправдувања на масовните апсења, мачењата, чистките и демонтирањето на слободата на медиумите во истата форма се слушаат веќе со месеци. Сето тоа потекнува од прирачникот за тоталитарни владетели. Кого сака всушност да го убеди Челик со ваквите настапи? Зашто, на овој начин приемот на Турција во ЕУ не напредува ни еден милиметар, напротив. Оној кој ќе ја ислуша ваквата пропаганда, потоа е уште поубеден дека Турција во догледна иднина нема што да бара во ЕУ.

Но, Челик и тука вината ја лоцира кај другите: Европејците се исламофоби и ксенофоби, а порастот на десничарските екстремисти е фактичката причина за критиката против турската влада. Кулминација е тврдењето на турскиот министер - неговата земја е кристално чиста европска демократија!

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*

Барбара Везел

Ваквата Турција не е веродостоен кандидат за членство

Надреалистичкиот настап на Омер Челик нема друга цел освен на владата на Ердоган уште еднаш да ѝ обезбеди платформа за ширење на тоталитарната пропаганда во Брисел. Но, зошто тоа се дозволува? Претседателот Ердоган и неговите верни соработници конечно немаат никакви намери во иднина да ги признаат европските основни демократски вредности. На овој начин единствено им се дава можност да ја презентираат својата искривена слика на стварноста пред широка публика.

Ангела Меркел и другите премиери досега тоа го оправдуваа со желбата да се остават отворени каналите за комуникација со Турција. Тоа е чисто замачкување очи, зашто во суштина, не постои никаква вистинска размена на мислења. Анкара тотално ги игнорира европските барања, континуирано ги прекршува демократските начела и фактички е поодалечена од ЕУ од било кога. Преговорите со Анкара фактички и онака се на мраз. Би било подобро тоа јасно да се признае, а не да се збунуваат граѓаните со небулозни објаснувања.

Да не се дозволат уцени

Уште кога германската канцеларка  минатата зима го склучи бегалскиот договор со Турција, беше предупредена на опасноста дека се изложува на уцени. Потврдата е очигледна: турската страна сега повторно се заканува со отворање на вратите и испраќање стотици илјади бегалци на пат кон Европа. Тоа покажува ефект и кај ЕУ предизвикува погрешна претпазливост.

Европските влади досега не се одлучија да го следат нибарањето на Европскиот парламент и пристапните преговори да ги стават на мраз. Всушност, преговорите треба крајно да бидат и формално прекинати. На каков начин можат да опстојат приказните за продолжување на преговорите со оглед на ѕверските напади врз медиумите и опозицијата во Турција? Црвената линија е одамна пречекорена, не мора да се чека на повторното воведување на смртната казна.

Овој вид на амбивалентна, неискрена политика е токму тоа што оди во прилог на популизмот. Берлин, Париз и другите конечно треба да имаат храброст да го направат неминовното и да ги прекинат псевдо-пристапните преговори. ЕУ мора на Ердоган да му го даде единствено можниот одговор: со Европа не може на ваков начин! Тоа би бил вистиснкиот прилог кон искреноста во европската политика.

 

DW.COM

Реклама