Стандард: Изјавите на Вархеји предизвикуваат чудење во ЕУ | Северна Македонија | DW | 09.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Стандард: Изјавите на Вархеји предизвикуваат чудење во ЕУ

Во кругови на ЕУ се претпоставува дека однесувањето на Вархеји кон С. Македонија се должи на поддршката на унгарскиот премиер Орбан за македонската национал-конзервативната опозиција, пишува австрискиот весник.

Изјавите на комесарот Оливер Вархеји за можно разделување на С. Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, предизвикаа бура од негодување во кругови на ЕУ и меѓу познавачите на приликите во Југоисточна Европа, пишува австрискиот весник Стандард. Висок службеник на Европската комисија за Стандард вели дека изјавите на Вархеји наишле на чудење во Брисел.
„Не разбираме што му стана, ние секогаш велевме и, и понатаму ќе велиме: Северна Македонија ги исполни сите критериуми“.
Службеникот дополнува дека му е нејасно зошто воопшто се шпекулира за разделување на европскиот пат на двете земји, кога одлуката ќе ја донесе Советот на ЕУ, а таму не постојат никакви амбиции за раздвојување.
„Напротив: држави како Данска, Холандија, но и Германија- која влегува во изборен период- никогаш нема да одобрат да се започнат преговори само со Албанија.
'Не подготвуваме никакво раздвојување, а исто така нема потреба ниту од нов извештај на Комисијата'“, вели претставникот на ЕК.
Како што пишува Стандард, во кругови на ЕУ постои претпоставка дека однесувањето на Вархеји кон Северна Македонија се должи на поддршката која унгарскиот премиер Виктор Орбан и ја дава на македонската национал-конзервативната опозиција.
„Како комесар за проширување тој не смее да си дозволи да се води од лични симпатии“, вели претставникот на ЕУ, алудирајќи на Вархеји.
„Во дипломатски кругови се наведува дека Вархеји баш и не се прославил во однос на поддршката на социјалдемократската влада во Скопје да го надмине ветото на Бугарија. Напротив: Тој дури покажувал симпатии за националистичката позиција на бугарската влада“, пишува Стандард.
В понеделник (10.05) во рамките на Советот на ЕУ повторно ќе се разговара за државите од Западниот Балкан, а тема ќе биде и Северна Македонија. И држави како Австрија, кои се залагаат за почеток на преговорите, сакаат да му помогнат на Скопје, пишува Стандард. Но доколку и овојпат не се постигне почеток на преговорите со С. Македонија и Албанија, ситуацијата ќе стане уште поневеродостојна, а тоа е веќе така со години.

„Особено фактот што Скопје се уште не може да почне преговори, испраќа контрапродуктивен сигнал на Балканот. Македонскиот премиер Зоран Заев важи за човек со чиста совест, кој притоа предводи и една мултиетничка влада за пример.
„Сликата е катастрофална: Најдобриот ученик е третиран најлошо и нај нефер“, го коментира кон Северна Македонија, претставник на ЕУ за Стандард.

 

DW.COM