Спор за името: што може да се очекува од влада на Сириза? | Северна Македонија | DW | 15.01.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Спор за името: што може да се очекува од влада на Сириза?

Нов ветар, но дали и конкретни промени. Што може да очекува Македонија од изборите во Грција доколку се случи промена на власта?

Евентуалната промена на власта во Атина може да даде нов импулс но тешко дека ќе предизвика и конкретни промени во официјалната грчка политика кон Македонија и проблемот со уставното име. Неизвесноста пред изборите на 25 јануари во Грција според аналитичарите ја прави извесна опцијата за победа на Сириза предводена од Алексис Ципрас. Сепак тоа што ваквата опција можеби звучи поповолна според дел од нив не значи и дека реално треба да се очекуваат и конкретни промени:

„Веројатно е дека секоја опција, особено Сириза, фаворит во овие избори во Грција, ќе се смета за „помека“ од Неа демократија со Самарас, кој е креатор на спорот со името. Но, тоа не мора автоматски да значи дека Сириза ќе биде во поповолна состојба и ќе има политичка волја да влезе похрабро во решавање на спорот со името. Засега, во кампањата прашањето со името во Грција се користи во внатрешната политичка борба, при што е видливо дека Сириза се труди да докаже дека не е „мека“ и дека го почитува единствениот грчки став изграден за ова прашање. Тоа не најавува пресврт во спорот со името, но сепак едно е кампања, друго е она што ќе се случува по евентуалното доаѓање на власт. Приоритет на Сириза секако би била економската позиција на Грција, како и добивањето поддршка од европските партнери, што нема да биде лесно.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen

Во ваква ситуација прашање е колку енергија, волја и моќ ќе има за да се посвети на прашањето на името“, коментира за Дојче веле Малинка Ристеска Јорданова од Институтот за европска политика.

Нова енергија или сѐ по старо?

Самиот факт што сондажите покажуваат блага предност на Сириза сам по себе е интересен бидејќи најавува дека Грција ќе се ослободи од една долгогодишна стереотипна политика, смета политичкиот аналитичар Исмет Рамадани. За Македонија според него е интересно каков би бил ставот на Ципрас кон спорното прашање во услови на цврсто поставените црвени линии доколку тој ја освои власта:

„За нас е интересно кој ќе биде ставот кон нас, се знае дека има црвена линија, но околу форсирање на преговорите за ова прашање. Ципрас ќе донесе можеби нова енергија, некоја поголема желба и интерес да се разговара. Но исто така е многу важно како во вакви услови ќе се однесува нашата Влада, односно премиерот околу евентуално отворање можност за поинтензивни разговори. Сметам дека би била добра една промена, мислам дека ако евентуално Ципрас победи и формира Влада тогаш би било подобро партнерот во Македонија да биде од левата опција затоа што тогаш може да се очекува некоја помош од европската левица да посредуваат и да бидат своевидна испомош на она што го прави медијаторот Метју Нимиц. Ако ништо друго се добива во она што значи желба во разговори, а во таков случај мислам дека интересот на меѓународната заедница на ЕУ, НАТО ќе бидат поинклузивни, поконкретни а со тоа за нас е многу важно бидејќи Грција е во покомотна ситуација“, смета политичкиот аналитичар Исмет Рамадани.

Нов премиер во ликот на Ципрас, или старо нова власт предводена од Самарас, какво и да биде решението според политичкиот аналитичар Ристо Никовски конкретни поместувања во делот кон Македонија не треба да се очекуваат. Посебно како што вели поради фактот што токму името е едно од политичките средства за предизборна пресметка со Сириза:

Matthew Nimetz

Медијаторот во спорот за името, Метју Нимиц

„Кој и да биде во Грција на власт, најмалку следните десетина години, промени на политиката кон Македонија не може да се очекуваат. Тоа е аксиом на грчката политика кој никој политичар нема да се осуди да го менува. Познато е дека Ципрас имаше понакво мислење за Македонија додека не стана личност во политиката исто како што Нимиц пред да стане медијатор зборуваше дека Македонија никој не може да ја прекрстува. Меѓутоа кога ќе се седне во фотељата, кога ќе се влезе во магичниот круг работата е завршена поинакви мислења нема. Според информациите од Грција името станува очигледно тема на изборите со која сакаат да му наштетат токму на Ципрас и на Сириза и тие од своја страна ќе ја заоструваат политиката кон Македонија, така што сума сумарум на крајот на денот ќе остане она што е и досега актуелно, максимилистичката црвена линија која никој не смее да ја менува, а таа е невозможна, нереална надвор од умот и почетна основа за нови македонски отстапки за да се дојде до конечната цел разнебитување на македонскиот народ“, предупредува Никовски.

Неблагодарна прогноза

Каков и да биде епилогот на изборите во Грција, според македонската Влада најважно е почитувањето на меѓународното право и преземените обврски со Временската спогодба за непречен напредок на Македонија на европскиот пат. Шефот на дипломатијата Никола Попоски смета дека дека е многу тешко и неблагодарно да се прогнозира за тоа каков би бил ставот на следната грчка влада по однос на овој спор:

Alexis Tsipras Syriza 07.01.2015 Athen

Лидерот на Сириза, Алексис Ципрас, опкружен од сопартици на митинг од предизборната кампања

„Сириза во принцип била партија која помалку го злоупотребувала ова прашање во домашно политички цели. Но, во секој случај, мислам дека не можеме да заклучиме што било пред да постои нова Влада во Грција каква и таа да е, од десница или од левица и конечно промена на матрицата од нивна страна дека нерешавањето е најдобро решение за Грција. Мислам дека ние не треба да бидеме премногу преокупирани со тоа што ќе се случува во Грција, туку со климата која ќе биде креирана и подготвеноста која ќе ја имаат другите чинители да не дозволат продолжено нерешение и незаинтересираност од страна на Грција“, вели во последното интервју за државната агенција МИА министерот Попоски.

Од досегашните јавни настапи, извесно е дека ставот на лидерот на Сириза во однос на прашањето за Македонија е речиси идентичен со оној на Самарас и Венизелос. Тој преферира име со географска одредница.

Реклама