Според Борисов, Скопје не доби датум заради анти-ЕУ опозиција | Северна Македонија | DW | 24.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Според Борисов, Скопје не доби датум заради анти-ЕУ опозиција

Ако ориентацијата на една држава зависи од еден човек, таа не е за во ЕУ. Ако велиме „да не се Заев или Рама, таму ќе се случи нешто“, тие држави не се за тој пат. Во тој поглед Макрон заслужи аплаузи, вели Борисов.

Premierminister Nord-mazedoniens Zoran Zaev und Bulgarische Premierminister Boyko Borisov (Cabinet of the President of North Macedonia)

Бугарскиот премиер Бојко Борисов во Скопје, 02.08.2019

И покрај поддршката што ја дал за Северна Македонија и Албанија да почнат преговори со ЕУ, бугарскиот премиер Бојко Борисов вчера образложи зошто францускиот претседател Емануел Макрон бил во право. Според лекцијата што ја научил Борисов, ако ориентацијата на една држава кон ЕУ зависи само од едно лице (партија), тогаш таа држава не е подготвена за тој пат. 

„Јас излегов и реков - колеги, да им дадеме уште една шанса. Тешко ми е, знам колку напори вложивме. Што се вели, и името си го сменија. Да им дадеме перспектива. Сите се погледнаа, а Туск и официјално го предложи тоа што го кажав, и сите се согласија“, откри Борисов во интервју за емисијата „Лице в лице“ на Бугарската телевизија (БТВ).

Но, запрашан за ставот на францускиот претседател, Борисов образложи дека Макрон е во право.

„Им дадов на колегите во Советот еден пример. Пред многу години, кога Борис Тадиќ беше претседател на Србија, сите ние многу сакавме Србија да започне преговори со ЕУ. Тогаш Саркози беше претседател на Франција. Саркози се сврте кон мене, и ми рече: ‘Бојко, ако во една држава нејзината ориентација зависи само од еден човек, тогаш таа држава не е за во ЕУ'. Јас тоа многу добро го запомнив и го цитирав таму“, изјави Борисов.

Аплаузи за Макрон

За да стане споредбата појасна, Борисов го нагласи консензусот во бугарското општество за евроатлантскиот пат.

„Би сакал да ве потсетам дека кога Бугарија влезе во ЕУ, имаше апсолутен национален консензус на власта, опозицијата и сите политички партии - и социјалисти и десничари, дека нашиот пат е во ЕУ и НАТО. Односно, која и да е партија на власт во Бугарија, ориентацијата не се менува. Додека за Северна Македонија и Албанија велиме дека  - ако не е Зоран Заев или Еди Рама, или ако тие паднат од власт, таму ќе се случи нешто... Тогаш тие не се за тој пат. Во тој поглед, Макрон заслужува аплаузи, затоа што гледа понапред", образложи бугарскиот премиер.

Македонските политички партии уште по осамостојувањето на државата со декларација во Собранието ги потврдија стратегиските цели - полноправно членство во ЕУ и НАТО. Партиите на власт се менуваа, но до денес таа ориентација остана иста, иако во некои периоди имаше стагнација на тој пат. На минотонеделната средба кај шефот на државата, лидерите на парламентарните партии уште еднаш потврдија дека патот кон ЕУ е единствениот пат за Македонија.

„Имаме државен консензус, независно од заклучоците на ЕУ самитот, согласност од сите присутни, дека ние немаме проблем со новата методологија, која се бара. Се согласија дека немаат проблем со реверзибилниот процес, бидејќи немаме од што да се плашиме, и сите присутни рекоа ‘не' за какви било алтернативи за приклучување на процесот. Кој било да е на власт или во опозиција, во наредниот период ветија дека ќе работат на нашето приклучување кон Европа", рече претседателот Пендаровски.

Емануел во ноември во Скопје

Овие факти не се најдоа во изјавата на Борисов, но тој не пропушти да се пофали дека има информации за посетата на Макрон на двете земји.

„Колку што знам од Емануел, тој во ноември ќе дојде и во Северна Македонија и во Албанија, ние ќе имаме со него билатерална средба, така што ќе ги соопштиме впечатоците“, најави Борисов.

Притоа напомена дека луѓето во заедничката Комисија кои се занимаваат со историјата имаат време до самитот во Загреб добро да размислат дали сакаат како нација да одат по европскиот пат.

На таа тема вчера започна и дебата во Софија, насловена „Заедничката комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија, по одлуката на ЕУ за одложување на преговорите за членство“. Домаќини и организатори на настанот се научници од Македонскиот научен институт, а еден од гостите д-р Наум Кајчев, потпретседател на бугарскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија.

DW.COM

Реклама